Шпиони во борба против коронавирусот: Тајната служба на Израел ги следи заразените

Шефот на израелската тајна служба Шин бет кажа дека неговата агенција добила дозвола да почне да користи антитерористички мерки за да го сузбие ширењето на коронавирусот во Израел, пренесува Асошиејтед прес.

Иако Надав Аргаман признава дека употребата на капацитетите на агенцијата за наоѓање на болните Израелци е целосно различна од типичните операции на Шин бет против палестинските екстремисти, тој истакнува дека целта и понатаму е во согласност со општата мисија за „спасување животи“.

Тој вети дека строго ќе води смета за чувањето на приватноста на поединците и дека оперативците ќе користат само податоци за геолокацијата од мобилните телефони и кредитните картички за да ги предупредат оние кои можеби биле изложени на коронавирусот и дека тоа се мерки за да се избегне општ карантин.

„Другите државни тела ги немаат неопходните технолошки инструменти за ваква акција“, наведе Аргаман. „Целосно сум свесен за чувствителноста и затоа наредив ограничен број агенти да работат во оваа акција и податоците да не се чуваат во базата на Шин бет“.

Потегот го најави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во рамки на мерките кои ги загрижија активистите за почитување на човековите права.

Конечното зелено светло за активирање на шпионите во борбата против коронавирусот беше дадено само неколку дена откако новиот парламент даде заклетва по третите избори за една година – што значи дека се заобиколени стандардните мерки за надзор од парламентарните одбори.

Габи Ашкенази, началник на генералштабот во пензија, кажа дека овој потег на владата е „грабеж во глувата доба на ноќта“, а потегот го критикуваше и ривалот на Нетанјаху у поранешен воен шеф Бени Ганц.

Нетанјаху ги отфрли критиките, кажувајќи дека одложувањето на мерките би можело да доведе до „смрт на голем број Израелци“.

Во Израел има над 300 потврдени случаи на коронавирусот, а тој број брзо расте додека експертите предвидуваат драматично влошување на состојбата.

Нетанјаху призна дека шпионските технологии никогаш не се користени врз цивили и дека претставуваат одреден степен на кршење на приватноста. Меѓутоа, тој кажа дека досега незабележаната закана по здравјето на луѓето ги оправдува тие мерки.

„Тоа ќе ни помогне да ги лоцираме болните и да го сопреме ширењето на вирусот“, кажа тој во телевизиско обраќање во понеделникот. „Ќе ги одобриме мерките во траење од 30 дена. Израел е демократија и мораме да ги избалансираме правата на граѓаните со општото добро“.

Новиот план подразбира употреба на технологијата на мобилната телефонија и следење на употребата на кредитните картички за да се добие увид во движењето на заразените лица пред поставувањето на дијагнозата и да се идентификуваат лицата кои можеби се изложени на вирусот. Загрозените потоа би биле известени по смс порака да бидат во самоизолација.

Единствената друга држава која користи слични мерки во борбата против пандемијата е Тајван, каде владата користејќи ги податоците од мобилната телефонија се погрижи заразените лица да останат во карантин. Владата на Нетанјаху инсистира дека Шин бет нема да биде задолжен за спроведување на карантинските мерки и дека сите собрани податоци ќе ги сподели со медицинските власти.

Јуџин Конторович, професор по право на Универзитетот Џорџ Мејсон и директор по меѓународно право во политичкиот форум Кохелет во Ерусалим, вели за Асошиејтед прес дека мерката што ја спроведува Израел е оправдана и законска и дека треба да им послужи како пример на Соединетите Американски Држави.

„Во текот на оваа и останатите епидемии, владата има право да ограничи многу основни слободи“, вели тој. „Правата на едно лице престануваат таму каде што почнуваат да го загрозуваат другото лице. Овие информации спасуваат животи, со откривањето на луѓето кои несвесно биле изложени и кои можеби ја шират болеста“.

Сепак, новите мерки предизвикаа жестока дебата во Израел околу употребата на чувствителната технологија.

Либералниот весник Хаарец во уредничкиот коментар предупреди дека борбата против коронавирусот им се заканува на основните права на поединецот.

„Државата не треба да ги одредува локациите на граѓаните кои го почитуваат законот, чиј единствен злочин е што се заразени со вирусот“, се наведува. „Во вонредни ситуации, владата има уште поголема одговорност од обично да не ги крши ограничувањата кои се основа на демократскиот систем“.

Даночните затајувачи сѐ почесто се мали фирми, кои сѐ потешко се следат.

повеќе

Повлекувањето на Обединетото кралство од ЕУ (Брегзит) е правен потфат без преседан во историјата на правото.

повеќе

Изминатата недела имаше бурен почеток со објавувањето на вториот сет мерки. Се изнаслушавме разно-разни коментари, предлози и видувања кои никако не би можело да се рече дека се засновани на прецизни анализи и предвидувања на надлежните институции во државата, со кои располагаме, НБРСМ и МФ.

повеќе