Односите напнати и 20 години по интервенцијата на НАТО

Шпигл: Западот си игра со оган на Косово

Непишаниот, но меѓународно почитуван договор дека старите внатрешни граници на Југославија не се менуваат е загрозен и ова е опасен преседан. Кој тогаш ќе може да им го оспори на босанските Срби сојузот со Србија или на македонските етнички Албанци со Албанија?, вели Шпигл.

Дваесет години по интервенцијата на НАТО на Балканот, односите меѓу Србија и Косово сè уште се напнати. Високи функционери зборуваат за промена на границите на Косово, што би претставувало опасен преседан, пишува германскиот весник Шпигл.

Државничката униформа совршено му прилега на поранешниот командант на бунтовниците, пишува Шпигл за премиерот Рамуш Харадинај, додавајќи дека е „опкружен со полтрони што го гледаат со стравопочит.“

„Да не беа Харадинај и неговите другари, најмладата европска република можеби немаше да постои. Во текот на деведесеттите години, во најжестоката фаза на бунтот на етничките Албанци против српските окупатори на Косово, тој командуваше дел на Ослободителната војска на Косово, под воениот прекар Смајл. Денес е шеф на влада во земја што го бара своето место во Европа“, вели Шпигл.

Косово и денес е проблематичното дете на Балканот. Повеќе од 80 земји во светот, вклучувајќи пет членки на ЕУ, сè уште го немаат признаено, и таа неизвесност го кочи напредокот на земјата, вели Шпигл. Косовците се единствените Европејци, освен Белорусите, на кои и понатаму им треба виза за Шенген-зоната. Секој трет работоспособен жител е невработен.

Германскиот весник вели дека потенцијално е поалармантна приказната за границите и потсетува на спорот меѓу водечките политичари на Косово за тоа дали северниот дел треба да му се предаде на Белград во рамките на размена на територии. Претседателите на Србија и Косово разговараа за ова прашање под покровителство на шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини. Меѓутоа, Харадинај ги отфрла ваквите предлози, тврдејќи дека се опасно бесмислени. „Трагедиите на Балканот отсекогаш биле околу границите. Кој и да ги потегнува ваквите прашања, повторно ги привикува трагедиите“, рече тој.

Шпигл потсетува дека Харадинај двапати беше изведуван пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг поради обвиненија за злосторства против човештвото, вклучувајќи убиство и силување, и дека на крајот беше ослободуван. „Го направив тоа што требаше“, рече тој, иако, како што вели германскиот неделник, звучи како тој да не учествувал.

Харадинај тврди дека за време и по војната било прашање на „опстанок во едно општество на беззаконие“. „Дури и денес, во државничка униформа, Харадинај е борец“, вели Шпигл потсетувајќи дека тој воведе данок од сто проценти на стоката од Србија, во обид да го принуди Белград да го признае Косово, „иритирајќи ги САД, заштитникот на таа држава.“

Уште од кога на автономната покраина Косово ѝ беше дозволено да се отцепи од Србија во 2008 година, со експлицитна дозвола на Медлин Олбрајт, амбасадорите на Вашингтон се тајни владетели на таа земја, вели Шпигл. Но денес човекот на претседателот Доналд Трамп во Приштина се соочува со отпор. Со образложението дека воведувањето данок е „суверена одлука на косовската влада“, Харадинај со други зборови порачува дека Приштина не е колонија на Вашингтон и дека има право да се одмазди за потезите како што е српското вето за приемот на Косово во Интерпол. Шпигл проценува дека ова може да биде првиот чекор кон излегувањето од сенката на американската суперсила.

Се додава дека на повидок нема долгорочно решение за мир, иако Трамп во писмата до Александар Вучиќ и Хашим Тачи изрази надеж дека наскоро во Белата куќа ќе биде потпишан „историски договор“. Вашингтон одамна се спротивставува на поделбата на Косово, но сега се чини дека работите се промениле.

„Веќе немаме црвени линии. Ако двете земји предложат договор што содржи промена на границите и ако граѓаните го прифатат, немаме ништо против тоа“, изјави висок американски претставник во Приштина.

Во однос на „борбата помеѓу суперсилите“, тој рече дека Вашингтон е во голема мера преокупиран со тоа „Косово да го насочи кон Запад“, што значи кон ЕУ и НАТО и подалеку од руската сфера на влијание.

Шпигл вели дека влијанието на Русија почнува во Митровица и се протега низ целиот Балкан, „каде што прашањата на сојузниците остануваат нерешени“. „Во Босна и Херцеговина, на пример, Москва користи логистичка и воена поддршка за да ја одржува во живот опасноста за поделба на државата“.

„Во регионот каде што етничките Албанци живеат во неколку држави, и најмалото поместување на границите се заканува да ја наруши рамнотежата, а нерешената иднина на Косово е динамит. А масовните антивладини протести во Албанија, Црна Гора и особено во Србија ја покажуваат нестрпливоста на граѓаните, кои со години чекаат да влезат во ЕУ“, додава Шпигл.

„Кој си игра со оган на Косово, ризикува да разгори стихија“, вели германскиот весник.

Непишаниот, но меѓународно почитуван договор дека старите внатрешни граници на Југославија не се менуваат е загрозен и ова е опасен преседан. Кој тогаш би можел да им го оспори на босанските Срби сојузот со Србија или на македонските етнички Албанци со Албанија?, се вели во коментарот.

НАТО досега беше гарант на безбедноста, но генералниот секретар Јенс Столтенберг предупреди на сериозни последици поради одлуката за формирање сопствена армија.

Германскиот весник пишува дека албанскиот премиер Еди Рама, „лут поради она што го смета за тактика на одложување од страна на ЕУ, сега се заканува дека етничките Албанци на Косово ќе ѝ ги врати на татковината“ и дека заедничкиот шеф на државата и надворешната политика го смета за сериозна алтернатива на членството во ЕУ.

Границата меѓу двете земји е веќе протечна и оние што патуваат од Косово до Албанија минуваат само низ површна проверка. Во владините кругови во Приштина веќе се разговара за создавање на „мини-Шенген“ за Западен Балкан - опција што би ги обединила Албанците од двете страни на границата, според Шпигл.

Весникот потсетува и дека Хаг повторно се занимава со потенцијалните воени злосторства на Албанците. Многумина од водечките косовски политичари беа членови на ОВК. Старите воени другари на Харадинај веќе се повикани, но намерно не е откриено дали се појавиле како обвинети или како сведоци.

„Гротескно неконзистентниот пристап кон Западот се гледа во фактот дека поранешниот командант на Тачи, сега претседател на Косово, и Фатмир Лимај, заменик-премиер, во моментов можат да преговараат со шефицата на дипломатијата на ЕУ Могерини преку разни канали, иако и двајцата наголемо учествуваа во воените активности на ОВК“, вели Шпигл.

„Има, се разбира, луѓе и на албанската и на српската страна, кои велат: 'Јас не сакам да преговараат со тој никаквец'“, призна висок американски официјален претставник во Приштина. Но Трамповата администрација, како што рече, сака да постигне историско решение слично на корејскиот договор.

„Мора да оствариме напредок. Статус квото на Косово е од клучно значење - или односите меѓу двете страни ќе се подобрат, или сè ќе тргне низ вода“.

Ако ЕУ не успее да му го покаже на Косово патот напред и ако тоа не го стори како едно тело, насоката на државата ќе биде определена во Вашингтон. Косовскиот премиер се жали дека целите на Европејците тешко ќе се одредат, за разлика од американските.

„Кога нашите луѓе неодамна отпатуваа во Брисел на разговори со Могерини, понесоа предлог на 30 страници.“ А од преговарачите на ЕУ не добија ништо, „освен кафе и вода, додуша бесплатно“, рече Харадинај.

 

Само Германија може да спречи поделба

За разлика од Трамповата администрација, канцеларката Ангела Меркел има директен удел во иднината на Косово и во зачувувањето на воспоставените принципи на меѓународниот поредок, неодамна објави БИРН.

Меркел рече дека идејата на Вучиќ и Тачи за поделба е дестабилизирачка. Многу членки на ЕУ се против тоа, но малку од нив тоа го изразија јавно, што на Федерика Могерини ѝ даде простор да се залага за договор за поделба, оцени БИРН.

Бундестагот може и мора да ги сузбие напорите на ЕУ за изгласување на резолуцијата дека Србија може да влезе во ЕУ само со сегашните признаени граници, се вели во коментарот.

„Берлин мора истовремено да ги собере и другите земји-членки исто така да се спротивстават на размена на територии меѓу Косово и Србија, и пошироко на Западен Балкан, бидејќи тоа неизбежно би довело до раселување на населението.

„Во спротивно, тоа би било отфрлање на одговорноста и поткопување на напорите за поддршка на создавањето либерални, демократски и мултиетнички држави со владеење на законот за сите од Западен Балкан“, заклучува БИРН.

Белградски Блиц објави дека двајца пратеници од Бундестагот оваа недела во разговор со Вучиќ повториле дека Косово за Германија е независна држава и дека нема понатамошни разговори на темата промена на границата.

Германија и САД се инаетат, и што и да каже канцеларката Меркел, Американците го отфрлаат, а слично е и од друга страна, рече соговорникот на Блиц и додава дека е очигледно дека двете светски сили се борат за доминација во овој дел од Европа и дека и двајцата сакаат да ги присвојат заслугите за постигнувањето договор.

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе