ПОРАДИ НЕЕДИНСТВОТО НА ЕВРОПА

Шпигл: На Балканот се раѓа вистинско решение за бегалската криза

Иако Берлин ги критикува мерките што ги преземат земјите на балканската рута, и самата Германија профитира од нив, зашто се намалува бројот на бегалците што влегуваат во земјата. „Ние ја вршиме валканата работа за Германците“, вели еден дипломат на ЕУ од Источна Европа за Шпигл.

Една неодамнешна среда наутро на 20-тиот кат на зградата со стаклени ѕидови во срцето на Виена, се собраа генералите во зелени униформи заедно со други воени офицери и владини претставници на највисоко ниво, вели германски Шпигл. Глетката се протега до Виенската шума на исток и шумите на бреговите на реката Дунав на запад. Може да се дофрли дури до словачката граница и до низините на границата со Унгарија - двете граници што земјата планира веднаш да почне да ги штити, во обид да го блокира приливот на бегалци, поради отсуство на функционален европски план.

Последнава недела беше преполна со воведување поединечни мерки и зголемени тензии во длабоко поделената Европа. На 7 март ЕУ уште еднаш ќе се обиде да најде решение за кризата со бегалците на специјален состанок на самитот во Брисел. Германската канцеларка Ангела Меркел сè уште своите надежи ги полага на Турција, откако ја повика земјата да го запре протекот на бегалци, па дури и да врати назад некои од нив. Но во исто време, земјите по должината на балканската рута почнаа самите да преземаат мерки, а Австрија ги предводи во тоа.

Сега кога Виена прифаќа само 80 барања за азил на ден на граничниот премин со Словенија - и кога, како реакција на тоа и другите балкански земји го стегнаа вентилот за бегалците - мигрантите почнаа да се трупаат во Грција. Во разговор со новинарите, австрискиот министер за одбрана Доскозил не се ни обидува да го негира впечатокот дека токму тоа е планираниот исход. Во моментов, вели тој, неговото министерство испитува дали и колку војници треба да бидат испратени во Македонија за да ѝ се помогне на земјата да ја обезбеди својата граница со Грција. Таа граница од понеделникот е затворена за Авганистанците и само на Сиријците и на Ирачаните им се дозволува да поминуваат. Во вторникот и средата оваа недела вкупно само 150 бегалци влегоа на македонска територија. Во четвртокот наутро, им беше дозволено да поминат уште на 100, пред Македонија целосно да ја запечати границата. Кога и дали таа ќе биде повторно отворена е нејасно.

Среден прст за Австрија

Еден ден претходно, австриската влада одржа конференција за прашањето на бегалците во Виена, а беа поканети да присуствуваат само одредени земји на балканската маршрута. Грција и повеќето други земји-членки на ЕУ не беа поканети. Грција беше гневна и во четвртокот го отповика својот амбасадор од Виена, гест што во дипломатскиот свет е сличен на покажување среден прст кон Австрија. Атина продолжи во петокот со откажување на планираната посета на австриската министерка за внатрешни работи Јохана Микл-Лајтнер во грчкиот главен град.

Во последниве денови Брисел е сè позагрижен дека некоординираните затворања на границите може да предизвикаат хаос и можеби дури и нестабилност на Балканот.

Европската комисија се обиде со остри зборови да го прекине домино-ефектот на балканската маршрута: тоа што Виена ги одбива бегалците не е „во согласност со обврските на Австрија според европското и меѓународното право“, напиша еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос, во строгото писмо до министерот за внатрешни работи на Австрија. Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, во четвртокот рече дека Европа нема план. „Ние се движиме кон анархија“, рече тој.

Грција сега де факто стана собирен пункт за огромното мнозинство бегалци упатени кон север. Земјата, отворено рече еден дипломат на ЕУ, „се претвора во едно огромно жариште“, осврнувајќи се на планот да се воспостават централни точки за регистрација на бегалците на периферијата на Европа. Грција е во агонија од длабоката долгогодишна економска криза и сега е целосно совладана од задачата да им обезбеди храна и засолниште на десетици илјади бегалци. Околу 12.000 мигранти во моментов се блокирани во земјата и четирите официјални кампа се безнадежно пренатрупани. Портпаролката од „Лекари без граници“ рече дека ако на Авганистанците и понатаму им се блокира патот кон север, системот ќе колабира „за само осум дена“. Бидејќи „не постои реален план за вонредни ситуации“, вели таа, нејзината организација се подготвува за најлошото. И Европската комисија развива план за итна помош за да го спречи колапсот на турската граница.

Претходно неделава во Грција десетици автобуси со околу 5.000 бегалци беа запрени среде автопатот од страна на полицијата, затоа што камповите во Идомени, на грчко-македонската граница, веќе далеку ги надминаа своите капацитети. Околу 500 луѓе продолжија пеш по автопатот, а ноќта ја поминаа заедно со лутите земјоделци што неодамна го блокираа сообраќајот со своите трактори во знак на протест против политиката на штедење на Ципрас. Ова се срамни сцени што се одвиваат низ целата земја - сите како симбол на неуспехот на Европа.

„Чудо“

Ситуацијата во грчкиот главен град е особено драматична. Најновите кризни точки може да се најдат меѓу терминалите за фериботи во пристаништето Пиреја и на плоштадот Викторија во центарот на Атина. Стотици луѓе кампуваат на плоштадот, спијат на земја и талкаат по улиците. Сè поголемиот хаос потсетува на состојбата во Унгарија минатото лето, кога премиерот Виктор Орбан дозволи ситуацијата да стане толку неподнослива што канцеларката Меркел одговори со отворање на границите.

Хасан Мохамади, висок и слаб 26-годишник од Авганистан, немал поим за хаосот кога во четвртокот во 6:30 изутрина се симнал од фериботот „Сина ѕвезда 1“. Со едната рака држејќи ја раката на својата сопруга, а со другата својата петгодишна ќерка, тој рече дека првпат по долго време повторно е среќен. Тоа утро околу 1.300 имигранти од островите Лезбос и Киос пристигнаа во Атина со „Сина ѕвезда 1“.

„Вистинско чудо е што стигнавме“, рече Мохамади, додавајќи дека тој и неговото семејство патувале 12 дена, го напуштиле своето село поради сиромаштијата, самоубиствените бомбашки напади и Исламска држава, која почнува да се шири во Авганистан. Мохамади сака да продолжи кон Германија, но сега засега тој и неговото семејство се заглавени во Атина. Тој доби збунета гримаса на лицето кога дозна дека нема да може да го продолжи своето патување кон север. На пристаништето, му пријде еден мигрант шверцер и му рече: „Ако имаш пари, можам да те однесам таму“. Патот кон Германија по новата рута преку Албанија чини околу 3.000 евра.

„Ние нема да прифатиме земјата да се претвори во траен магацин на души, а Европа да продолжи да функционира како ништо да не се случува“, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас пред парламентот во средата и се закани дека Атина ќе ги блокира одлуките во ЕУ сè додека не се спроведе прераспределување на бегалците меѓу земјите-членки. „Нема да толерираме голем број земји да градат огради и ѕидови на границите без да примаат ниту еден бегалец“, рече тој. Но какви би можеле да бидат последиците? Дали заканата од Атина е само празни зборови?

„Од 23 септември, кога се одржа првиот самит за бегалците, имаше уште многу состаноци. Во октомври учествуваше и Турција и договоривме заеднички план, а Турција се согласи да врати голем број од нив. Но ниту Турција, ниту земјите-членки на ЕУ не го почитуваат договорот. Германија вети дека ќе го задржи статус квото на својата граница до следниот самит на 7 март, но и тоа пропадна“, рече грчкиот заменик-министер за надворешни работи, Никос Ксидакис, за Шпигл.

Грција, вели Ксидакис, е сама. „Е па зошто ние треба да се придржуваме до сите нови договори?“ Тој вели дека Грција би можела да почне да го остварува своето право на вето и во други области, а не само за бегалците, и дека ќе го употреби за сите прашања на ЕУ за кои е потребна едногласност.

„Најблискиот сојузник на Грција“

Шпигл дознава дека Атина планира да прогласи вонредна состојба и да побара помош од ЕУ за справување со ситуацијата на бегалците. Досега владата во Атина одби да преземе таков чекор од политички причини. Но сега тоа, верува Атина, може да ги поттикне земјите-членки на ЕУ да покажат солидарност со Грција во бегалската криза.

Човекот што е главно одговорен за спречувањето на бегалците од Грција да го продолжат својот пат кон север е Ѓорге Иванов, претседателот на Македонија. Од својата резиденција во вилата на Водно, во јужниот дел на Скопје, Иванов тврди дека „Македонија ѝ е најблискиот сојузник на Грција“.

Македонија можеби не е во ЕУ, но сепак се однесуваме поодговорно од некои земји-членки на ЕУ, инсистира претседателот на државата. Тој вели дека не можел повеќе да чека Брисел да донесе одлука, зашто во спротивно Македонија ќе беше преплавена од бегалци. „Во време на криза, секоја земја мора да наоѓа свои сопствени решенија.“

Зборовите на Иванов се реквием на визијата за една Европа што може да најде заеднички одговори на проблемите со кои поединечните земји не можат да се справат сами.

Солидарноста е збор што не успеа да добие тежина во Источна Европа. Членовите на Вишеградската група, составена од Полска, Унгарија, Чешка и Словачка, имаат заедничко минато како комунистички земји и често се гледаат себеси на периферијата на Европа, како географски, така и психички. Владите на овие земји имаат поддршка од населението, кое во голема мера е скептично кон примањето бегалци во својата средина.

Меѓу политичките лидери во Вишеградската група, унгарскиот премиер Виктор Орбан е еден од највлијателните противници на политиката на Меркел за бегалците. Оваа недела тој најави дека има намера да одржи референдум за прераспределбата на бегалците меѓу земјите на ЕУ, како што беше договорено минатиот септември. Гласачите ќе ги праша: „Дали сакате ЕУ да пропише задолжително внесување неунгарски граѓани во Унгарија без одобрение на унгарскиот парламент?“

Вршење на валканата работа на Германија

Луѓето во Брисел и Берлин се бесни на Орбан поради овој потег. Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц изјави за Шпигл: „Според планот за распределување, Унгарија треба да прими само 1.294 бегалци. Не ми е јасно како може да одржува референдум против тоа, освен ако некој не го гледа тоа како уште еден чекор од оддалечувањето од солидарноста и заедничката одговорност на Европа“.

Веројатноста дека самитот на ЕУ за бегалци на 7 март ќе донесе некаков успех се намалува од ден на ден. А канцеларката Меркел е сè поосамена со својот план за решавање на кризата со помош на Турција. Многу источноевропски политичари и дипломати на ЕУ не веруваат дека решението на Меркел со Турција ќе даде брзи резултати. Скептицизмот е широко распространет и во Виена, а ретко некој верува дека проблемот може да се реши со испраќање неколку милијарди евра во Анкара. „А и ако може“, вели еден од вработените кај австрискиот министер за надворешни Себастијан Курц, „тогаш ние треба многу појасно да ѝ дадеме до знаење на Турција што очекуваме од неа - дека таа треба да ги спречи бегалците да патуваат наваму, но и да престане да ги бомбардира Курдите.“

Незадоволството од Германците се зголемува и од уште една причина: дури и додека Берлин ги критикува мерките што ги преземат земјите на балканската рута, и самата Германија профитира од нив, зашто се намалува бројот на бегалците што влегуваат во земјата. „Ние ја вршиме валканата работа за Германците“, вели еден дипломат на ЕУ од Источна Европа.

Австрискиот министер за одбрана Доскозил се согласува. „Германија треба да ни биде поблагодарна.“ Австрија, вели тој, само сака да обезбеди земјите по должината на балканската рута да се координираат. Критиките од Германија „се сосема несфатливи“, вели тој и додава дека бегалците на уреден начин се испраќаат на север. „Постои една алтернатива“, вели тој. „Ние едноставно можеме да ги пуштиме сите најхаотично да продолжат кон Германија.“

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе