Шпигл: Ѓукановиќ свесно ги поттикнува судирите во својата земја

„Протестите поради законот за вероисповедта во Црна Гора не ослабуваат. Притоа не станува збор само за црковниот имот: претседателот Мило Ѓукановиќ свесно ги поттикнува судирите“, оценува германски Шпигл, во текстот насловен „Триковите на Мило“.

„Црна Гора долга низа години важеше за остров на стабилноста на проблематичниот западен Балкан. Црногорскиот претседател и долгогодишен владетел Мило Ѓукановиќ вешто маневрираше со својата држава за време на војните во поранешна Југославија и по мирен пат ја одведе до независноста во 2006 година. Поранешниот млад комунист Мило во меѓувреме стана лојален поданик на НАТО и ЕУ, а Западот поради тоа во последните години му прогледува низ прсти за многуте внатрешнополитички афери“.

„Но, во земјата владее големо незадоволство поради неговото корумпирано и феудалистичко владеење. Веријатно тоа е причината поради која „стабилократот“ деновиве демонстрира дека без него на Црна Гора ѝ се заканува хаос“, оценува Кено Ферсек за Шпигл.

Новиот закон ја дели Црна Гора

„Прилика за тоа нуди новиот закон за вероисповедта кој беше усвоен на крајот на минатата недела. Контроверзна е одредба на законот дека црквите во Црна Гора мора да дадат доказ за сопственоста над објектите и земјиштето кои ги поседувале пред 1918 година. во спротивно, на тој имот му се заканува запленување. Одредена е годината 1918 бидејќи Црна Гора тогаш се интегрирала во Кралството Југославија. Таа одредба е пред сѐ насочена против влијателната Српска православна црква во државата, а на која ѝ припаѓаат повеќето верници во Црна Гора“, пишува Шпигл.

„На СПЦ ќе ѝ биде тешко да пружи докази за сопственоста на многу стари имоти, бидејќи модерните катастри во регионот се главно воведени дури по 1918. Иако меѓународните тела како Советот на Европа јасно побара од црногорската влада да го структуира законот во конструктивен дијалог, со сите што се засегнати, контроверзната одредба сепак остана во законот“.

Претседателот владее со земјата како газда со свој имот

Кога беше усвоен законот, во подгоричкиот парламент изби хаос. По гласните протести на опозицијата, полицијата уапси 18 членови на просрпскиот опозициски сојуз, а против тројца е отворена кривична постапка. Од тогаш, илјадници луѓе секојдневно демонстрираат низ земјата. Повремено ги блокираат главните сообраќајници, а повеќе пати имаше и насилни судири. Протести против законот имаше и во Србија и во Република Српска. Националистите во Белград ја ишараа црногорската амбасада“.

„Претседателот Ѓукановиќ воопшто не беше засегнат од тоа – законот го потпиша само еден ден откако беше донесен. Притоа не станува толку збор за црковниот имот – многу зборува во прилог на тоа дека шефот на државата свесно бара конфронтација, бидејќи со тоа го одвлекува вниманието од вистинските проблеми во Црна Гора. Ѓукановиќ, членови на неговото семејство и потесниот круг блиски соработници веќе три децении владеат со земјата како да е нивен приватен имот. Вмешани се во бројни корупциски афери, а за тоа никогаш не морале да одговараат“.

„Изборите во земјата редовно се лажираат во корист на владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ“, оценува Шпигл. „Во Црна Гора сѐ уште немало промена на власта. Ѓукановиќ „го купува“ странство нудејќи се како доверлив партнер во операциите на НАТО или како бедем на ЕУ во бегалската криза“.

„Но Душко Кнежевиќ – олигархот кој игра сопствена игра – веќе една година го ниша системот на Мило: повеќе пати објавуваше видео-снимки на кои се гледа поткупување и нелегално финансирање на ДПС. Црногорската јавност на тоа реагираше со огорчување. Пред претстојните парламентарни избори на есен тоа претставува реална закана за Ѓукановиќ и неговата партија“.

Владиката на Српската православна црква предупредува на граѓанска војна

„Во толку деликатни внатрешнополитички ситуации Ѓукановиќ повеќе пати се обидуваше да ја тематизира независноста на Црна Гора од поранешната државна асоцијација со Србија, како расправа за идентитетот на независната земја. Тој се обидува да поларизира, а себеси да се постави како патриот и чувар на интегритет на земјата. Притоа позицијата на најсилниот опозициски сојуз, Демократскиот фронт, му одговара – затоа што е јасно просрпски и може да го претстави како петта колона на Белград“.

„Шефот на државата поттикнува судир и со Српската православна црква во Црна Гора. Црна Гора со години безуспешно се обидѕва Црногорската православна црква, формирана во 1993, да ја направи официјално мнозинска црква. Таа не е призната ни во православието и, според неофицијални проценки, има само неколку илјади следбеници“.

„Во моментов е најсно дали тактиката на Мило ќе биде успешна – а нема сомнеж дека е опасна: црногорската влада ја предупреди СПЦ дека ја поткопува државноста на државата, а митрополитот Амфилохије дури вели дека може да дојде до граѓанска војна“.

„Конфликтот се заканува да се прошири и надвор од границите на Црна Гора: претседателот на Србија Александар Вучиќ кажа дека испраќа „сигнал за единство на сите Срби, без оглед на границите што ги делат“. Тоа може да се толкува и како закана испратена на адреса на Црна Гора. Од друга страна, министерството за надворешни работи на Русија оцени дека црногорскиот закон е „напад врз единството на православието““, се истакнува на крајот на текстот на Шпигл.

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе