Шпигл за Вучиќ: Ултранационалистички воен хушкач и мелодрама што тешко се опишува

Многу земји во Централна Европа и на Балканот за време на пандемијата жестоко ги ограничуваат слободите на граѓаните, вели Шпигл.

„Српскиот претседател во тоа оди најдалеку. Критичарите зборуваат за прекршување на Уставот и за диктатура“.

Во текстот се наведува дека коронавирусот најпрво го забавувал Вучиќ и дека тој „од срце се смееше“ на прес-конференцијата на крајот на февруари кога еден доктор (пулмологот Бранимир Несторовиќ) го нарече вирусот „најсмешниот во историјата“.

Шпигл пишува дека потоа се случил пресврт, дека била воведена вонредна состојба „мимо парламентот“ и „жестоки ограничувања на основните права“, и покрај тоа што Србија „во моментов е релативно слабо погодена од корона-кризата“.

Всушност, во Србија само парламентот може да воведе вонредна состојба. Но постои дупка во уставот што му дозволува на претседателот да го стори тоа, исто така, ако парламентот е спречен. Вучиќ се имаше повикано на важечка забрана за собирање на повеќе од 50 лица кога прогласи вонредна состојба, пишува Шпигл.

„Ова не е првпат претседателот да се постави над Уставот. На пример, Вучиќ е и шеф на својата Српска напредна партија, иако Уставот не му дозволува друга јавна функција освен претседателската“, пишува тој.

Како примери дека српското раководство „нема скрупули“, Шпигл ги наведува целосната забрана за движење за пензионерите, апсењето на новинарката Ана Лалиќ и затворските казни за лица што го прекршуваат карантинот. „Стотина луѓе наводно се во истражниот притвор. Од друга страна, владините претставници и активистите на партијата на Вучиќ во повеќе наврати ги кршеле правилата за карантин, без никакви последици.“

„Вучиќ, кој во 90-тите години под диктаторот Слободан Милошевиќ беше министер за информации и ултранационалистички воен хушкач, сега на телевизија, понекогаш и неколку пати на ден, се претставува како водач и спасител на Србија. Неговите настапи се преполни со мелодрама што тешко се опишува.“

Во текстот се додава дека на Вучиќ не му е ни потребна дополнителната моќ што ја стекнал во вонредната состојба, бидејќи тој во секој случај со години владее без ограничување. „Изборите првично планирани за 26 април се одложени поради кризата, но неговата партија сигурно ќе ги добие, меѓу другото и затоа што опозициските партии главно најавуваат бојкот. Сепак, во земјата расте незадоволството поради политичката корупција и немањето социјална и економска перспектива за огромно мнозинство луѓе. Справувањето со кризата, каде што Вучиќ настапува како Србија да е во војна, ги турка во втор план сериозните проблеми во земјата“, пишува весникот.

Австриски Курир, пак, пишува дека во Србија „расте незадоволство од строгите мерки преземени од страна на владата за борба против корона-кризата, пред сè поради целосните забрани за движење во викенд“.

Граѓаните станаа гласни кога беше објавено дека полицискиот час за првомајските празници ќе почне веќе во четврток, вели виенскиот весник и додава дека тоа предизвикало протести од балконите и прозорците - бучава по аплаузот за медицинскиот персонал во 20 часот секоја вечер.

Зголемувањето на парите за финансирање на партиите не помагаат во поттикнувањето на политичката активност на граѓаните, туку веројатно и делуваат контрапродуктивно, зголемувајќи ја недовербата во партиите и политичарите.

повеќе

За помалку од еден месец по олеснувањето на рестриктивните мерки, Косово се соочува со нагло зголемување на бројот на случаи со ковид-19, 

повеќе