Гардијан

Сè што треба да знаете за саботните напади во Саудиска Арабија

Саботните напади со беспилотни летала сериозно ја нарушија глобалната енергетска инфраструктура и ја зголемија цената на нафтата.

Што се случи во саботата наутро?

Саудиските гасоводи, нафтени инсталации и танкери повремено беа напаѓани последниве две години, но аналитичарите велат дека она што се случи во источна Саудиска Арабија во раните утрински часови во саботата е многу поголема ескалација: удар врз Ахиловата петица на нафтената индустрија на кралството.

Во 3.31 часот и 3.42 часот во саботата избувнаа силни експлозии на нафтеното поле Кураис и во рафинеријата Абкаик, обете сопственост на Сауди Арамко, државната нафтена компанија, честопати опишувана како дијамант на кралството.

Експлозиите предизвикаа пожари, за кои беа потребни неколку часа да се изгасат и кои се чини дека предизвикаа значителна штета. Извори од Министерството за нафта во Саудиска Арабија соопштија дека производството е нарушено за околу 5 милиони барели на ден - скоро половина од проценетото производство на кралството од 9,7 милиони барели и 5% од глобалното производство.

 

Кој е одговорен?

Хутите, бунтовничката армија сојузник на Иран, која во последните четири години се бори со воената коалиција предводена од Саудиска Арабија во соседен Јемен, ја презедоа одговорноста за нападот.

Хутите неодамна стекнаа многу помоќна технологија на беспилотни летала, која им даде сила да напаѓаат цели и до 1.500 километри оддалеченост, според ООН. Абкаик е на оддалеченост од околу 1.000 км од територијата што ја држат хутите. Во изминатите месеци имаше непотврдени информации за напади на беспилотни летала на хутите врз цивилни аеродроми во Саудиска Арабија, Абу Даби и Дубаи.

Но нападите во саботата би претставувале значително зголемување на софистицираноста во споредба со претходните напади. Западните и саудиската влада веруваат дека Иран им помогнал на хутите да ги набават и употребат напредните беспилотни летала - обвинение што и Техеран и јеменските бунтовници го негираат.

Сепак, САД велат дека нема докази дека нападот потекнувал од Јемен и категорично го обвинија Иран, гледајќи го ова како дел од шемата на закани за танкерите со нафта и инфраструктурата во изминатите месеци за кои велат дека Иран ги извршил како одговор на санкциите за иранската нафта, кои ја осакатуваат економијата на Исламската Република.

Владата на САД објави сателитски фотографии што го покажуваат она за кое властите велат дека биле најмалку 19 напади во двете саудиски енергетски постројки, вклучително и оштетување во срцето на фабриката „Абкаик“. Властите изјавија за американските медиуми дека фотографиите покажуваат напад што одговара на напад што доаѓа од правец на Иран или Ирак, наместо од Јемен на југ. Техеран вели дека тој нема никаква врска со нападот во саботата.

 

Зошто овој напад е толку важна работа?

Абкаик е најголемиот светски преработувач на нафта, каде што околу две третини од вкупните саудиски залихи се рафинираат и се чистат од нечистотиите како што се сулфурот и песокот. „Ова е срцето на нафтената инфраструктура на Саудиска Арабија“, рече Хомајун Фалакшахи, аналитичар за нафта и гас во „Кплер“, фирма за енергетски податоци со седиште во Париз.

Еден објект со ваква важност требаше да биде поштеден од пошироката нестабилност на Блискиот Исток. „Поради својата важност, тој е многу добро заштитен, под исклучително високи безбедносни мерки“, рече Фалакшахи.

Фактот дека може да биде сериозно нарушен е знак дека светската енергетска инфраструктура е поранлива отколку што претходно се веруваше и дека се смета за легитимна цел.

 

Како се усојузени регионалните актери?

Хутите се сметаат за дел од мрежата од милиции на Блискиот Исток, кои Техеран на некој начин ги спонзорира или им помага, дел од пошироката борба за доминација на Блискиот Исток меѓу Иран и Саудиска Арабија, која датира од иранската револуција од 1979 година. Двете земји не се судираат директно; битката се одвива преку посредници во Сирија, Либан и Јемен, меѓу другите земји.

Иран постојано негира дека материјално им помага на хутите, но годинава им стана поотворен поддржувач, поканувајќи го портпаролот на хутите во Техеран, каде што врховниот водач на земјата, ајатолахот Али Хамнеи го пофали дека е „свет воин“.

Кое е влијанието врз цените на нафтата?

Веста за нападите ги погоди финансиските пазари, вивнувајќи ја цената на нафтата. Цената на барел од референтната сурова нафта „Брент“ порасна за 20% рано во понеделникот на скоро 72 американски долари (од 60 долари за барел). Ова е огромен скок - најголемиот откако беше создаден договорот во осумдесеттите години на минатиот век.

Потоа пак падна на околу 66 американски долари за барел откако Доналд Трамп вети дека ќе пушти дел од резервите на нафта во Америка, за да го надомести недостигот од Саудиска Арабија.

Економистите веруваат дека цената на нафтата би можела да порасне уште повеќе доколку Арамко не може брзо да го среди проблемот, или ако има воена акција во Заливот.

Повисоките цени на нафтата може да влијаат на глобалниот раст. Тие ги зголемуваат трошоците за транспорт и цените на нафтените производи. Ова поттикнува инфлација, оставајќи им на потрошувачите помалку расположлив доход.

 

Што може да се случи сега?

Трамп рече дека неговата влада е „комплетно спремна“ да му возврати на оној што го извршил саботниот напад, остро навестувајќи дека САД може да го сметаат тоа како оправдување за воен напад врз Иран.

Сепак, секој таков напад би носел значителен ризик од ескалација - шанса што Трамп претходно не сакаше да ја искористи.

На краток рок, се чини дека нападот го уништи и последниот импулс за средба на Трамп со иранскиот претседател Хасан Рохани, кога вториов следната недела ќе пристигне во Њујорк на отворањето на 74-то Генерално собрание на ООН. И покрај тоа што во моментов САД имаат непостојан претседател, и тоа може брзо да се промени.

Извор: Гардијан

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе