Досега 41 починат

Сè што треба да знаете за новиот коронавирус од Кина

Бидете претпазливи, но сè уште не паничете.

Експертите за јавно здравје од целиот свет се обидуваат да го разберат, да го следат и да го скротат новиот вирус што се појави во Вухан, Кина, во почетокот на декември.

Може да видите каде и колку случаи се пријавени во оваа мапа во реално време креирана од американски истражувачи. Досега има потврдени 1.280 заразени и 41 смртен случај. Повеќето заболувања се во Вухан, но се забележани и случаи во Јужна Кореја, Јапонија, Тајван, Тајланд, Макао, Хонг Конг, Сингапур, Виетнам, Франција и САД.

 

Од каде потекна вирусот?

На крајот на декември, здравствени лица од Кина ја известија Светската здравствена организација дека имаат проблем: непознат, нов вирус предизвикувал болест слична на пневмонија во градот Вухан. Тие брзо утврдија дека станува збор за коронавирус и дека брзо се шири низ и надвор од Вухан.

Коронавирусите се чести кај животните од сите видови, а понекогаш може да се развијат во форми што можат да ги заразат луѓето. Од почетокот на веков, два други коронавируси скокнаа на луѓето, предизвикувајќи ја епидемијата на САРС во 2002 година и епидемијата на МЕРС во 2012 година.

Научниците сметаат дека овој нов вирус првпат станал способен да премине кај луѓе во почетокот на декември. Се чини дека прво се заразиле луѓе на пазарот со морска храна во Вухан, и се проширило од таму.

Типот на животното од кое потекнува вирусот не се знае. Еден тим истражувачи во Кина објавија извештај во кој се тврди дека потекнува од змии, врз основа на генетскиот код на вирусот. Сепак, научниците се мошне скептични кон тој заклучок. Друга анализа открила дека генетската секвенца на новиот вирус е 96 проценти идентична со еден коронавирус пронајден кај лилјаците. И САРС и МЕРС потекнуваат од лилјаци.

 

Па исто ли е ова како САРС?

Новиот вирус не е САРС, иако тој исто така тргна од Кина. Бидејќи потекнува од исто вирусно семејство како САРС, има некои сличности, но ова е сосема нов вирус. Сепак, заедничките особини значат дека научниците и лекарите можат да го користат она што го дознале од епидемиите во минатото за да се обидат да ја запрат оваа.

 

Кина го лажеше СЗО за САРС. Лажат ли и за ова?

За време на епидемијата на САРС, кинеските власти се обидоа да ги прикријат случаите од инспекторите на СЗО и ги ограничуваа информациите, и внатре и надвор. Овој пат, официјалните лица брзо ја пријавија епидемијата на новиот вирус во СЗО, која на прес-конференција ја пофали нивната брза реакција и транспарентност.

Но критичарите и кинеските граѓани се скептични: постои загриженост дека кинеските официјални лица го намалуваат бројот на заболувањата, а смртните случаи што може да се од вирусот ги маскираат како да се од пневмонија. Полицијата во Вухан пред неколку недели ги испитуваше граѓаните и за ширење на, како што ги нарекоа, гласини на интернет.

(Важно е да се напомене дека Кина не е единствената земја позната по прикривање на обемот на јавноздравствените проблеми. На пример, во САД, десетици градови го криеја количеството на олово во водата за пиење.)

 

Колку е опасен овој нов вирус?

Засега, никој не знае. Симптомите кај заразените лица се движат од благи до тешки. Според СЗО, околу една четвртина потврдени случаи се сериозни. Досега, стапката на смртност е околу 4 проценти, иако тоа може да се промени како што напредува епидемијата. Стапката на смртност за САРС беше околу 14 до 15 проценти. Повеќето смртни случаи кај оваа епидемија се постари луѓе што имаат други здравствени проблеми, како срцеви заболувања, хипертензија и дијабетес. (Тоа е истата демографија што е под најголем ризик да умре од болести како грип.)

Не знаеме ни колку брзо или лесно може да се шири вирусот од личност до личност. Првичните докази сугерираат дека вирусот се пренесува само од болното лице на неговите блиски членови на семејството или на лекарите. Ова е знак дека - како и другите коронавируси - може да се пренесе само помеѓу луѓе што се во многу близок контакт едни со други, и веројатно се шири кога заразеното лице кива или кашла. Но СЗО на 23 јануари објави дека има стабилен синџир на луѓе што го пренесуваат вирусот од најмалку четири генерации: едно лице се разболело (веројатно од животно), му го пренело вирусот на друго лице, кое му го пренело на друго лице.

СЗО вели дека истражувачите сметаат дека секоја болна личност ќе зарази уште меѓу 1,4 и 2,5 луѓе, иако тоа е само прелиминарна процена. Овие броеви се нарекуваат R0 на вирусот. R0 е математичка претстава за тоа колку добро може да се шири инфекцијата - колку е поголем бројот, толку побрзо се шири. За споредба, R0 за САРС беше помеѓу 2 и 5. Карантините и другите дејства преземени за контрола на епидемијата на еден вирус може да го намалат бројот на заразените од болно лице. Откако тоа ќе се земе предвид, истражувачите ќе можат да го пријават ефективниот број на репродукција или Rt. Целта е Rt да се турне под 1, така што болните да не ги заразуваат другите и болеста да престане да се шири.

Потребни се информации за сериозноста и за преносливоста за да се утврди колку е „лоша“ болеста. Епидемиолозите често ја користат оваа алатка за да ги проценат новите грипови, на пример, и да можат да донесат одлуки.

Ако некоја болест не е многу тешка (и убива само мал процент на луѓе), но е пренослива, таа сепак може да предизвика разорни ефекти - ако нешто заразило милиони, малиот процент на оние што починале сепак ќе биде голем број починати луѓе.

 

Кашлам. Дали го имам овој вирус?

Ако не сте биле во Вухан неодамна, и ако не сте биле во близок контакт со некој што е болен и неодамна бил во Вухан, многу е веројатно дека го немате овој вирус. Досега, огромно мнозинство случаи беа во и околу тој град.

Ако не се чувствувате добро и сте биле во Вухан, или во близок контакт со некој што бил, кажете му на вашиот лекар за вашите симптоми.

 

Како можам да се заштитам?

Врз основа на она што го знаеме досега, можете да се заштитите со истите мерки што би ги презеле (и треба да ги преземете) за да се заштитите од грип: мијте ги рацете, покривајте ја устата кога кашлате и држете се подалеку од луѓе што се болни.

 

Како Кина се обидува да го запре вирусот?

На 22 јануари, властите во Вухан го затворија целиот транспорт во градот, во кој живеат над 11 милиони луѓе - тие ги затворија автобуските и метростаниците и ги откажаа сите летови и возови во и надвор од градот. Генералниот директор на СЗО ја пофали одлуката, велејќи дека тоа ќе помогне во контролата на појавата и забавување на ширењето во други земји. Оттогаш се затворени уште петнаесет други града, во кои живеат вкупно 46 милиони луѓе.

Сепак, други експерти не се сигурни дали овие карантини ќе бидат ефективни: „Колку што знам јас, обидот да се затвори град со 11 милиони луѓе е нов за науката“, рече Гауден Галеа, претставник на Светската здравствена организација во Кина, за Асошиејтед прес. „Досега тоа не е пробано како јавноздравствена мерка. Во оваа фаза не можеме да кажеме дали ќе функционира или не“.

Во меѓувреме, 62-годишен лекар, Лианг Вудонг, почина од вирусот во Вухан, откако лекувал пациенти. Според некои информации, втор лекар, Џианг Џиџун, исто така починал од срцев удар, откако се исцрпил од лекувањето пациенти.

Кинеските власти денеска потврдија дека 41 човек починале од вирусот, а над 1.300 се заразени на глобално ниво.

За 56 милиони луѓе во 18 провинции сега се воведени ограничувања на патувањата.

Кина воведе мерки на национално ниво за да ги идентификува и веднаш да ги изолира сомнителните случаи на смртоносниот вирус во возовите, авионите и автобусите.

Шангај ги затвори сите киносали до 30 јануари за да се обиде да го запре ширењето на вирусот.

Кинескиот град Хаику, главен град на јужната островска провинција Хаинан, ќе почне 14-дневен централизиран медицински надзор над туристите од централната провинција Хубеи.

1.200 лица воен медицински персонал се испратени во Вухан за да помогнат во епидемијата, соопштија државните медиуми.

Австралија го објави својот прв потврден случај на вирусот - човек на 50-тина години, кој се вратил од Кина и бил во Вухан.

Малезија денеска објави трет случај на вирусот.

Јапонија го потврди својот трет случај.

Велика Британија е во потрага по 2.000 патници што неодамна пристигнале од Вухан. Четиринаесет лица се тестирани негативно за вирусот.

12 држави надвор од Кина потврдија случаи на новиот коронавирус. 

Јавното здравје и економијата одат заедно и во време на пандемија, па затоа најдобриот начин да ѝ се помогне на економијата во оваа криза е ако се воведат адекватни рестрикции за пандемијата да се стави под контрола.

повеќе

Стопанската комора на Македонија со донесувањето на 4-тиот сет на мерки гледа остварување на ветеното дека Владата на РСМ и во услови на здравствено- економска криза ќе стои зад компаниите.

повеќе

Оваа парафраза на големиот Иво Андриќ, нобеловец и водечко книжевно име на Балканот, за малку ќе го погодеше лично него.

повеќе