Дојче веле

Се ближат избори во Црна Гора, судирот со црквата може да ја разниша доминацијата на Ѓукановиќ

Во Црна Гора на 30 август се одржуваат парламентарни избори на кои партијата на Мило Ѓукановиќ сака да го продолжи своето 30-годишно владеење. Опозицијата се надева дека протестите за црковниот закон ја ослабеа власта, пишува Дојче веле.

EPA-EFE

Граѓаните на Црна Гора на 30 август излегуваат на единаесеттите парламентарни избори од падот на социјализмот и петти од обновувањето на независноста во 2006 година. за разлика од другите држави на Балканот, кои во последните 30 години доживеаја една или повеќе смени на власта, Црна Гора останува единствената земја во овој дел од Европа која има повеќедецениска доминација на една партија – Демократската партија на социјалистите (ДПС) – и нејзиниот лидер, претседателот на државата Мило Ѓукановиќ.

ДПС на изборите оди самостојно, а потоа се надева на поддршката на помалата владејачка партија Социјалдемократи (СД) и малцинските партии на Бошњаците, Албанците и Хрватите, кои се нивни традиционални партнери. Листата на најсилната партија ја предводи актуелниот премиер Душко Марковиќ.

На спротивната страна се четири опозициски блока и тоа во две поголеми коалиции – едната собрана околу доминантно просрспкиот Демократски фронт и другата предводена од Демократите и процрногорската Социјалдемократска партија (СДП) и УРА.

Изборите се одржуваат во ек на епидемијата на коронавирусот, но по големиот судир на власта со Српската православна црква (СПЦ) околу спорниот закон за слобода на вероисповедта, кој предизвика повеќемесечни протести по улиците на српските градови, а кои ги поддржа поголемиот дел од опозицијата, но и огромен број граѓани. Од ДПС веќе порачаа дека овие избори се повторно судбински и дека на нив се брани суверенитетот на Црна Гора од големосрпскиот национализам кој се пресликува во СПЦ, додека опозицијата тврдат дека се судбински – но за одбрана на црквата и нејзините храмови.

Политичкиот аналитичар Борис Мариќ за Дојче веле кажува дека резултатот на изборите ќе зависи од повеќе фактори меѓу кои излезноста, за која очекува да биде помала поради епидемијата. Досега, по правило, помалата излезност овозможуваше лесни победи на ДПС, но кога беше над 70 отсто, власта победуваше но тесно, и опозицијата имаше некаква шанса.

„И овојпат ќе имаме мала разлика за едната страна“, смета Мариќ.

Од друга страна, новинарката на политичката редакција на Вијести Билјана Матијашевиќ смета дека поголеми шанси за победа има власта бидејќи, како што вели, обилно ја користи институционалната предност и државните ресурси ги злоупотребува во изборни цели, па така функционерите, предводени од Маковиќ, во последните денови отвораат сѐ што може да се отвори.

„Значајна предност за власта е и контролата врз гласачкиот список во кој, според анализите, има фантоми па е овоможено гласање на значителен број луѓе кои одамна не живеат во Црна Гора“, вели Матијашевиќ.

И таа, како Мариќ, верува дека конечниот резултат навистина ќе зависи од излезноста, бидејќи некои гласачи од страв од коронавирусот ќе останат дома.

„Сепак, тоа главно ќе бидат гласачи на опозицијата и неопределени бидејќи гласачите на ДПС се главно дисциплонирани, односно за секој нивен гласач е задолжен некој од изборниот штаб, да го опомене кога и за кого треба да гласа. Исто така, ДПС повторно ќе ги користи испробаните методи како заплашување, ветувања, делење помош...“, вели Матијашевиќ.

Мариќ има нешто поинакво мислење.

„Верувам дека ДПС нема да успее да ги донесе на гласачките места сите свои гласачи. Тука пред сѐ мислам на гласачите од дијаспората, бидејќи некои граници се и понатаму затворени поради вирусот, потоа постарото население кое е уплашено од заразата и делот на гласачите разочаран од судирот со црквата. Иако тука станува збор за неколку проценти, тоа може да биде важно за крајниот резултат“, вели Мариќ.

Тој предупредува дека резултатот поприлично ќе зависи колку ДПС ќе ја намали политичката штета од законот за слобода на вероисповедта. Голем дел од народот, констатира, лошо реагираше на законот и тоа за ДПС е нова ситуација која мора да ја амортизираат бидејќи поради тоа изгубија дел од гласачкото тело. ДФ и Демократите со своите партнери, според некои истражувања, заедно имаат околу 40 отсто.

„Тој блок се укрупни до таа мера што не може да има растурање на гласовите на таа страна и тие ќе го извлечат максимумот од себе нво дадените околности. Од друга страна, ДПС самиот секогаш бил на 40 отсто, но веројатно изгуби дел поради протестите. Сепак, со него секогаш традиционално одат малцинските партии и тоа се уште неколку проценти“.

Така што крајниот резултат, смета Мариќ, би можел да зависи од резултатот на граѓанските партии СДП и УРА.

„Ако двете влезат во парламентот, мислам дека на ДПС ќе му биде потешко да ја задржи власта, но ако некоја остане под прагот од 3 отсто, шансите им се зголемуваат“.

И Матијашевиќ смета дека значителен број гласачи на ДПС не го поддржуваат законот за слобода на вероисповедта, но сега прашањето е дали ќе преовлада нивното незадоволство или стравот од губење на своето или работното место на некој од членовите на семејството.

„Мислам дека секако резултатот на ДПС ќе биде послаб отколку на претходните избори“, вели таа, додавајќи дека протестите ја зајакнаа коалицијата околу ДФ, така што неопределните гласачи, кои се и верници, сега ќе гласаат за ДФ, кој традиционално ќе ги добие и „српските“ гласови.

Од друга страна, Мариќ вели дека ДПС никогаш не треба да се потценува.

„Иако „енергијата на протестите“ ќе придонесе за поголема мобилизација на опозициските гласачи, ДПС е доминантната црногорска партија која под контрола ги држи државните институции и веќе се гледа дека во кампањата не се воздржуваат од максимално злоупотребување на државните ресурси. Тоа ќе биде адутот на кој ќе играат за максимално да ја надоместат штетата од протестите“, смета Мариќ.

Опозицијата влезе во изборната трка иако долго се закануваше со бојкот тврдејќи дека условите за изборите се нечесни и дека му даваат голема предност на ДПС. По минатите избори не ѝ честитаа на владејачката партија на победата ниту ги признаа резултатите.

„Нереално е да се очекува овие избори да бидат фер, имајќи ги предвид протестите, неуспешната реформа на изборното законодавство, користењето на коронавирусот за забрана на собирите, апсењата поради наводното кршење на мерките против заразата“, смета Матијашевиќ.

Мариќ, од друга страна, вели дека опозицијата имала четири години да дојде до фер услови за избори, но никогаш не се сложиле околу заедничка стратегија.

„Парцијално и на крајот неуспешно преговараа со власта, се закануваа со бојкот и сега излегуваат на изборите иако, според мене, условите се полоши отколку во 2016 година. со своето согласување да излезат на овие избори, опозицијата овој пат целосно ги легитимираше и целата приказна за нерегуларноста на изборите нема да ја има потребната тежина, и ако биде вистинита“, заклучува Мариќ.

Матијашевиќ, пак, предупредува дека победникот на изборите, кој и да биде, ќе се соочи со големи проблеми поради економската криза поради коронакризата.

„Ќе мора да види како и каде да набави пари за сервисирање на буџетот, како да спречи затворање на фирмите и губење работни места, како да ги санира големите загуби во туризмот“, заклучува Матијашевиќ.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Сега младите сакаат што е можно побрзо да ја напуштат својата земја. Тие веќе не се чувствуваат застапени и го изгубија чувството на припадност.

повеќе

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе