Само Кина гради 16 нови нуклеарни реактори, дали нуклеарките се спасот за климата?

Париз, со поддршка од девет други членки на ЕУ, побара од Европската комисија да се додели „зелена етикета“ за нуклеарната енергија, бидејќи нуклеарните централи имаат јаглероден отпечаток на ниво на ветерните електрани.

Фото: ЕПА

И покрај истекувањето на радиоактивен материјал поради несреќите во нуклеарните централи „Остров три милји “, „Чернобил“ и „Фукушима“, кои оставија кошмарен белег на колективната свест на човештвото, се чини дека глобалната паника поради климатските промени го намали стравот од атомската енергија.

Вртоглавото поскапување на бензинот и амбициозните климатски цели да се преполоват емисиите на штетни гасови во следните десет години и да се намали на нула до 2050 година, го вратија производството на електрична енергија добиена од нуклеарните централи. На многу светски лидери што промовираат зелена енергија им станува сè појасно дека соларните и ветерните електрани не можат да го надоместат гладот за чиста енергија за толку кратко време без нуклеарна фисија за мирнодопски цели.

Според Меѓународната агенција за атомска енергија, само 10 отсто од вкупната електрична енергија во светот денес доаѓаат од 445 нуклеарни реактори лоцирани во 32 земји и Тајван. Тие обезбедуваат 2.553 терават-часови, што е 30 отсто од електричната енергија со низок јаглероден отпечаток. Иако меѓу 2005 и 2020 година 193 беа затворени нуклеарни реактори, трендот почна да се менува. Во текот на оваа година во светот се градат 54 нови нуклеарни реактори, најмногу во Кина (16) и Индија (6), потоа во Јужна Кореја (4). Русија, Обединетото Кралство, Обединетите Арапски Емирати и Турција се на врвот на листата на земји што градат по два нови реактори.

Иако Емануел Макрон во почетокот на својот мандат вети дека до 2035 година ќе го намали уделот на нуклеарната енергија од сегашните 75 на 50 отсто, сегашната енергетска криза ги промени приоритетите на Елисејската палата. Според „Фигаро“, францускиот претседател пред Божиќ треба да најави изградба на шест нови нуклеарни реактори од типот ЕПР (трета генерација на реактори за вода под притисок).

Слични најави за важноста на улогата на нуклеарната енергија во намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид во атмосферата доаѓаат од многу земји од Кина и Белорусија, преку Индија, Обединетите Арапски Емирати, Унгарија, до САД и Обединетото Кралство.

Владата на Борис Џонсон неодамна се согласи да ја финансира изградбата на нова нуклеарна централа како дел од националната стратегија за постигнување нула емисии на јаглерод диоксид. Конечната одлука за локацијата на новата фабрика ќе биде донесена во 2022 година.

Соединетите Американски Држави имаат најголем број активни нуклеарни реактори во светот - 93. Сепак, американските нуклеарни централи, кои минатата година обезбедуваа околу 20 отсто од електричната енергија, веќе се без живот бидејќи нивната просечна старост е 39 години. По катастрофата во електраната „Остров три милји“ во 1979 година во Пенсилванија, ентузијазмот за нуклеарните централи поради страв од можна радијација почна да опаѓа. Иако на Њујорк му обезбедуваше четвртина од струјата, сега поранешниот гувернер Ендрју Комо кон крајот на април годинава го затвори вториот нуклеарен реактор во електраната „Индиан поинт“ на реката Хадсон. Тоа беше 39. нуклеарен реактор што Американците досега го затворија.

Со само два нови реактори во изградба во електраната Фогтл во Џорџија, прашање е како САД ќе ја исполнат агендата на Бајден до 2050 година да се затворат 10.000 електрани низ целата земја што работат на фосилни горива, главно на гас.

Заедно со Италија и Белгија, Германија стана главен промотор на гаснењето на нуклеарните централи во Европската Унија. По катастрофата во јапонската нуклеарна централа „Фукушима“ во 2011 година, предизвикана од катастрофален земјотрес, канцеларката Ангела Меркел го забрза процесот на затворање на нуклеарните централи. Планот е последниот реактор да се затвори до крајот на следната година.

Според извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија, во 13 земји-членки на ЕУ работат 106 нуклеарни реактори, кои обезбедуваат 104 гигавати електрична енергија, што е 26 отсто од вкупната електрична енергија произведена во Унијата. А повеќе од половина од електричната енергија добиена од нуклеарните централи во ЕУ произведува само една земја - Франција. Затоа, со поддршка од девет други членки на ЕУ (Бугарија, Хрватска, Словенија, Чешка, Словачка, Унгарија, Полска, Финска и Романија), Париз побара од Европската комисија да се доделува „зелена етикета“ за нуклеарната енергија бидејќи нуклеарките имаат јаглероден отпечаток на ниво на ветропарковите.

И покрај високите трошоци (меѓу шест и девет милијарди долари за 1.100 мегавати) и долгите рокови за изградба на нуклеарните централи, директорката на Меѓународната атомска агенција, Рафаела Маријан Гроси, на Конференцијата за климатски промени во Глазгов изјави дека нуклеарната енергија може дури и да биде ефикасно средство за постигнување многу амбициозни цели поставени од земјите за намалување на јаглеродот.

Почесниот професор по физика на Универзитетот во Оксфорд, Вејд Алисон, во напис за списанието Форин аферс пишува дека нуклеарната енергија не е „вакцина за климатските промени“, туку дека е важна компонента во процесот на намалување на емисиите на јаглерод диоксид, повикувајќи да се престане со затворањето на нуклеарните централи.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе