Светот оди кон сценариото „климатски апартхејд“

Само богатите ќе можат да се спасат од смртоносните жештини

„Тоа е смрт“, вели 17-годишниот Мухамед, потејќи се зад касата во продавница за алат во центарот на Багдад. Температурата е 48 Целзиусови степени и невозможно е да се избега. Во неговата населба нема струја, а не може да си дозволи генератор за клима уред. Речиси иста е ситуацијата и дома.

„Се будам во текот на ноќта облеан со пот. Тоа е исцрпувачко. Поради жештината се чувствуваш ужасно“, му кажа тој на репортерот на Индипендент.

Иран е навикнат на страшните летни жеги, а малкуте начини кои населението ги има на располагање да се разлади им остануваат недостапни на сиромашните.

Во време кога европските држави ги трпат највисоките температури кога било забележани, додека екстремните временски услови стануваат вообичаени, Багдад нуди загрижувачки увид во иднината каде само богатите ќе имаат начини да ги избегнат ефектите на климатските промени, пишува британскиот весник.

Во извештајот кој Обединетите нации го објавија минатиот месец се предупредува дека светот оди кон сценариото на „климатски апартхејд“, „каде богатите ќе плаќаат да ги избегнат прегревањето, гладот и конфликтите, додека остатокот од светот ќе биде оставен да пати“.

Индипендент пишува дека сѐ тоа веќе се случува во Багдад. Во деновите кога температурата изнесува 48 степени, клима-уредите се најефикасниот начин за борба против жештината. Но, поради кризата со електричната енергија, ни тоа основно средство не им е достапно на семејствата со ниски примања.

Кризата, предизвикана од комбинација на корупција, лошо управување и застарена електрична мрежа, довела до голем јаз меѓу понудата и побарувачката на електрична енергија, особено во лето. Генератор на дизел може да се употреби за донекаде да се надмине недостигот, но функционирањето на разладен уред со помош на агрегат е луксуз кој малкумина можат да си го дозволат.

„Струјата е целосно непредвидлива“, вели Абу Ахмед, сопственик на продавница за метал во близина на Мухамед. „Понекогаш доаѓа во 10 часот наутро и трае цел ден, понекогаш само еден час. Клима уред не доаѓа предвид ако нема струја“.

Абу Ахмед плаќа околу 50 евра месечно за агрегат кој му обезбедува четири ампери. Тоа е сѐ што може да си дозволи. Ако ги надмине доделените ампери, напојувањето се исклучува.

„Можам да користам фрижидер и светло, тоа е сѐ. Не можам да спијам навечер, постојано се потам“.

Ирачката криза со електричната енергија можеби е локален проблем, но нееднаквоста околу разладувањето е глобален проблем кој веројатно ќе станува сѐ поважен со растењето на температурите.

Речиси 2,8 милијарди луѓе живеат во држави каде просечната дневна температура е над 25 Целзиусови степени, според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), а помалку од десет отсто од нив имаат клима-уред. Таа агенција проценува дека до 2050 година 1,9 милијарди луѓе кои живеат во држави со големи жештини ќе бидат без пристап до разладен уред.

Професорот Филип Алстон, кој го состави извештајот на ОН, вели дека животите на најсиромашните ќе бидат изложени на ризик.

„Сѐ повисоките температури ќе изложат на ризик огромен број ранливи лица. Децата, постарите, оние кои се веќе болни или се послаби, ќе бидат изложени на ризик од умирање од претерана жештина“, вели тој.

Ирачките градови имаат некои предности во однос на Европа кога станува збор за борбата со екстремните температури. При дизајнирањето на населби и згради, се водело сметка за климатските услови, пишува Индипендент. Ветерот од тесните улици минува низ високите прозорци, а студениот воздух струи од подрумите во постарите куќи.

Како што покажаа неодамнешните топлински бранови во Париз, Лондон и Берлин, европските држави се значително помалку опремени за борбата против високите температури.

Високите температури во Европа обично се проследени со пораст на бројот на смртни случаи, особено кај постарите и лицата со срцеви проблеми и белодробни заболувања. Жешкиот бран во 2003 предизвика дополнителни 70.000 смртни случаи низ континентот. Комитетот за животна средина на британскиот парламент предупреди дека Британија е соочена со седум илјади жртви поврзани со жештината секоја година до 2050, ако нешто не се преземе.

ИЕА проценува дека помалку од пет отсто од европските домаќинства имаат клима уред, но дека климатизацијата би можела да стане еден од главните придвижувачи на глобалната побарувачка за струја во следните неколку децении.

Порастот на температурата ќе влијае и на начинот на кој работиме. Според процената на Меѓународната организација за труд, загревањето во најдобар случај ќе резултира со намалување на работните часови од 2,2 отсто до 2030, што одговара на бројката од 80 милиони работни места со полно работно време.

Додека европските држави можеби имаат малку време и средства да се приспособат, Иран брзо се движи кон еколошка катастрофа.

Во извештајот кој во 2018 го составија Институтот Иствест и Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (СИПРИ), Ирак се опишува како „една од климатски најчувствителните држави на Блискиот Исток“.

„Климатските промени во моментов се манифестираат во продолжени топлински бранови, непостојани врнежи, температури над просекот и зголемен интензитет на катастрофите“, се наведува во извештајот и се додава дека просечната годишна температура во земјата ќе се зголемува за два степени Целзиусови до 2050 година.

Како што наведува Индипендент, и покрај огромното нафтено богатство на Ирак, корупцијата ги кочи реформите и Ирачаните се гневни. Минатото лето избија смртоносни протести во јужниот град Басра затоа што владата не обезбедила постојани струја и вода. Владата вети дека ќе инвестира милијарди во подобрување на националната електрична мрежа, но ретко кој забележува дека нешто е сменето. Демонстрантите се вратија на улиците годинава очекувајќи уште едно жешко лето.

Алстон, специјалниот известувач на ОН за екстремна сиромаштија и човекови права, вели дека од последиците на глобалното загревање нема да бидат поткопани само правата на живот, вода, храна и сместува на стотици милиони луѓе, туку и демократијата и човековите права.

„Климатските промени се закануваат да поништат 50 години напредок во областа на здравството и намалувањето на сиромаштијата“, наведе Алстон во извештајот. „Земјите во развој ќе сносат 75 отсто од трошоците на климатската криза, иако најсиромашната половина од светската популација предизвикува само 10 отсто од емисиите на јаглерод диоксид“. Алстон ги критикува чекорите кои ги преземаат самите ОН, државите, невладините организации и компаниите, тврдејќи дека се „целосно несразмерни на итноста и големината на заканата“. Во неговиот извештај се заклучува: „Човековите права може да не ги преживеат претстојните превирања“.

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе