Политико

САД го почнаа повлекувањето од климатскиот договор - и сега што?

Потегот доаѓа само неколку недели пред нациите да се соберат на друга конференција за климата, во Мадрид.

Потегот на администрацијата на Трамп од понеделникот да го почне повлекувањето од договорот за климатските услови во Париз, ги става САД во судир со сите други во светот - пак - кога станува збор за обврските да ги намалат емисиите на стакленички гасови, вели Политико.

Потегот има мал практичен ефект врз енергетската политика во Соединетите Држави, каде што претседателот Доналд Трамп веќе ги поништува регулативите од ерата на Обама за главните извори на штетните емисии, како што се електраните и автомобилите.

Но тоа им дава спремна поента на демократите, кои се подготвуваат да го заменат, од кои сите до еден ветија дека пак ќе му се вратат на договорот ако Трамп се повлече. А акцијата на Трамп е симболично впечатлива во рамките на меѓународната климатска дипломатија и доаѓа само неколку недели пред нациите да се соберат за уште една конференција за климата, во Мадрид.

„Мислам дека е многу важно што тој токму сега го прави тоа, пред конференцијата“, вели Ендру Лејт, преговарач за Стејт департментот на поранешниот претседател Барак Обама, кој сега е во Светскиот институт за ресурси. „Многу земји ќе заземат построг став кон САД на конференцијата во зависност од тоа што е напишано во писмото“.

 

Чекајте, зарем ова не се случи веќе еднаш?

Во климатската дипломатија ништо не се случува брзо.

Иако Трамп ја објави својата намера да се повлече од договорот од Париз во јуни 2017 година и оттогаш ја прикажа одлуката како готова работа, понеделникот беше првиот ден кога можеше официјално да почне да го остварува тој план, затоа што условите од договорот во Париз не дозволуваат учесниците да се повлечат сè додека не поминат три години откако тој стапи во сила.

Како и да е, ќе помине уште една година додека САД официјално да излезат - на 4 ноември 2020 година, еден ден по претседателските избори. Тоа значи дека Стејт департментот сепак ќе испрати делегација на 25-та Конференција на страните, која треба да почне следниот месец, каде што земјите треба да ги разработат деталите за тоа како ќе ги исполнат своите ветувања за намалување на емисиите на стакленички гасови.

Штом ќе биде објавено известувањето за повлекување, вели Политико, Соединетите Американски Држави ќе бидат единствената земја на Земјината топка што не е во договорот, кој бара од учесниците да доставуваат индивидуални ветувања за намалување на емисиите. (Целта е зголемувањето на температурите да се ограничи на 2 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа, бројка за која многу истражувања укажаа дека е прагот за катастрофално загревање.) Но обврските што земјите досега ги исполнија се многу далеку од таа цел - како што беа ветувањата што администрацијата на Обама ги даде во Париз пред четири години.

Трамп во неколку наврати се потсмеваше со идејата дека климатските промени воопшто се проблем, а неговата администрација јасно покажа дека ги претпочита зајакнувањето на домашното производство на нафта, гас и јаглен со елиминирањето или менувањето на регулативите на Обама.

Сепак, некои држави, како Калифорнија и Њујорк, ги зголемуваат напорите за намалување на емисиите и за производство на повеќе обновлива енергија, а деловните субјекти се соочуваат со зголемен притисок од потрошувачите да ги почитуваат регулативите. Американските држави, градови и компании што рекоа дека им остануваат посветени на целите на договорот од Париз учествуваат во БДП со 10,1 трилиони американски долари, што ги прави третата најголема економија зад целите САД и зад Кина, според Светскиот институт за ресурси. Сепак, постојат сериозни сомнежи дека тие чекори ќе бидат доволни без лидерството на американската влада.

 

Што ќе направи остатокот од светот?

Трамп не е многу заинтересиран за меѓународните разговори за климата. Тој минатата недела го повика чилеанскиот претседател Себастијан Пињера да ја поддржи одлуката за откажување на претстојната конференција за климата, која се планира за во Сантијаго, и да им дозволи да ја одржат на друго место, во услови на насилни протести во земјата.

Но самиот договор се чини дека ќе го преживее американското заминување, а американските преговарачи во најголем дел дејствуваа без некакво конкретно политичко влијание од Белата куќа.

Администрацијата на Трамп ги сметаше минатогодишните климатски преговори во Катовице, Полска, за приоритетни затоа што сакаше да обезбеди силна транспарентност и поднесувања извештаи за емисиите на јаглерод од земјите, како начин да се задржи Кина под контрола.

Влогот за претстојната конференција е многу помал - на пример, пеглање на меѓународните регулативи за трговија со јаглерод - и со тоа привлече помало внимание од политичките помошници на претседателот.

Пред две години, кога го најави планираното повлекување од Париз, Трамп посочи дека можеби е спремен да остане во договорот ако може да обезбеди подобри услови за САД, но по тоа не следуваше ништо сериозно, а остатокот од светот во голема мера продолжи без него.

Францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека не се ни обидел да го премисли Трамп за време на летниот самит Г7 во Бијариц, Франција. Трамп ја прескокна сесијата за климатски промени на самитот, а шефот на кабинетот на Белата куќа, Мик Мулвани, минатиот месец рече дека тоа нема да биде тема на состанокот на Г7 следната година на Флорида.

„Сите во странство генерално го очекуваа ова“, рече Џеси Јанг, постар советник за клима и енергија во Оксфам Америка.

ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западниот Балкан (но и останатите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но и специфични односи со овој регион, без полноправно членство.

повеќе

Нарушени се човековите права и слободи, нема владеење на правото и правосудството, кои треба да бидат основа на процесот.

повеќе

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе