Турција ги игнорира американските санкции

Руските војници меѓу сириските и турските трупи

Турција ги игнорира американските санкции и ја продолжува офанзивата на северот на Сирија, додека сириската војска со поддршка од Русија влезе во еден од стратегиски најважните градови откако од Манбиџ се повлекоа американските трупи.

Новинарите на Ројтерс кои во центарот на Манбиџ влегоа со силите на сириската влада, велат дека таму сега се истакнати руски и сириски знамиња. Американските сили синоќа потврдија дека се повлекле од градот.

Руски единици, како што пренесува Гардијан, почнале да патролираат на територијата меѓу сириските бунтовници поддржани од Турција, и војската на сирискиот претседател Башар ал Асад, што очигледно покажува дека Москва по повлекувањето на американските трупи стана главен играч во регионот. Москва соопшти дека нема да дозволи да дојде до судир на сириската и турската војска.

„Тоа би било просто неприфатливо... и затоа ние нормално тоа нема да го дозволиме“, кажа вчера специјалниот руски претставник за Сирија Александар Лаврентиев.

Рускиот новинар Олег Блокин објави на социјалните мрежи снимка од напуштената американска воеена база во селото Ал Садија, во близина на Манбиџ.

„Тие (САД) беа тука вчера, а ние сме денес“, кажа тој. „Сега ќе видиме како живееле и што правеле“.

Сириските сили ја преземаа контролата врз територија со површина од 1.000 квадратни километри околу Манбиџ, соопшти руското министерство за одбрана. Силите на Асад сега го контролираат воениот аеродром, две хидроцентрали и неколку мостови на реката Еуфрат, се наведува во соопштението.

Откако САД соопштија дека се повлекуваат од северот на Сирија, Курдите, соочени со турската офанзива, се свртеа кон некогашните противници и формираа сојуз со владата на Асад поддржана од Русија, и ја повикаа сириската војска да влезе во градовите кои беа под нивна контрола.

Една недела откако ја промени долгогодишната американска политика и ја тргна американската војска од патот што ѝ овозможи на Турција да ги нападне курдските сојузници на Вашингтон, Доналд Трамп вчера најави пакет санкции за да ја казни Анкара.

Меѓутоа, казнените мерки – кои главно вклучуваат зголемување на царините на челикот и пауза во трговските преговори – се помали отколку што се очекуваше, а Трамповите критичари ги отфрлија како преслаби за да дадат резултат.

Демократската претседателка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси кажа дека санкциите на Трамп се преслаби и дека доаѓаат предоцна. „Неговото соопштение за пакетот санкции против Турција нема да ја спречат хуманитарната криза“, кажа Пелоси.

Турција тврди дека целта на офанзивата е да ја порази курдската милиција ИПГ, која ја смета за терористичка поради поврзаноста со курдските сепаратисти во Турција, и да создаде „безбедносна зона“ во која би ги населила трите милиони сириски бегалци во Турција.

Обединетите нации соопштија дека 160.000 луѓе ги напуштиле своите домови пред турската офанзива. Курдската администрација тврди дека таа бројка изнесува 270.000.

Европските држави ја критикуваа офанзивата но нивната реакција до сега се сведе на ограничување на продажбата на оружје, иако тоа претставува само мал дел од вкупната трговија меѓу ЕУ и Турција.

Потегот кој би можел да ѝ наведе најголема штета на Анкара е одлуката на германскиот произведувач на автомобили Фолксваген за одложување на конечната одлука за тоа дали ќе изгради фабрика вредна милијарда евра во Турција, наведувајќи ја како причина загриженоста поради „актуелниот развој на настаните“ и меѓународната осуда на офанзивата.

Макси помпа, просечен дипломатски и небитен медиумски ефект.

повеќе

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе