Инспирација за серијата „Американци“

Руските шпиони што Америка ги сакаше

Две канадски новороденчиња починаа во 1962 година. Две децении подоцна, нивните имиња беа воскреснати од шпионските шефови во Кремљ, како дел од најуспешните шпионски програми на сите времиња.

Доналд Хитфилд, исто како и неговата сопруга, беше роден на гробишта, дух што се крева од мртвите. Момченцето беше родено на 4 февруари 1962 година, во Канада, трето од четирите деца на Хауард и Ширли. Шест седмици подоцна, на 23 март, Ширли го најде малиот Доналд како вкочането лежи, со рачето подадено од страната на креветчето. Нејзиното дете починало. Трејси Ли Ен Фоли беше родена на 14 септември 1962 година, во Монтреал, прво дете на Едвард и Полин Фоли. На седумнеделна возраст и само неколку дена откако првпат ѝ се насмевна на мајка со, таа качи температура. За неколку часа почина од менингитис. Како и кај Хитфилдови, болката од губењето толку мало дете никогаш не го напушти семејството. Но потоа, четврт век подоцна, Хитфилд и Фоли одеднаш повторно беа тука, вратени во живот од Директоратот С, пишува Дејли бист.

Двете трагедии не поминаа незабележано. Ги забележа службеник на КГБ во Канада. Тој сакаше да украде нешто од овие две семејства, кои веќе загубија нешто незаменливо - идентитетот на нивните деца. Офицерите на КГБ ја имаа злокобната задача да шетаат по гробиштата барајќи ги по гробовите најизгледните кандидати, процес познат како „надгробноплочување“. Идеална состојба беше дете што починало далеку од земјата во која се родило, со мал број блиски роднини, што би ја намалило документацијата и трагите на сведоците до смртта. Откако ќе беше најден кандидат, следниот чекор можеше да биде уништување на сите документирани докази за смртта. Ова можеше да биде и до толку едноставно како поткупување некого за пристап до книгата со црковниот регистар, а потоа кинење на тие страници. Потоа, доаѓаше клучното - барање нов извод од матична книга на родените (техника што се темелеше на тоа дека нема централен регистар на раѓања и умирања). „Се сметаше за голем успех за нас кога Одделот 2 ќе успееше да добие извод од матична книга на родените откако целото семејство починало во сообраќајна или друг вид несреќа“, објаснува еден поранешен член на Директоратот С. Изводот од родени значеше дека детето може повторно да се роди како илегалец.

Директоратот С беше поделен на оддели. Во Одделот 2 беа раскажувачите. Нивната работа беше да создадат измислен живот и да го направат доволно уверлив за да ги издржи проверките и од најостроумниот критичар, со градење „легенди“ и смислување приказни од минатото. Службениците на одделот ќе подготвеа пасуси во две колони. Од една страна беа наводните детали од животот на една личност - Доналд Хитфилд бил Канаѓанец и бил роден во Монтреал. Од другата страна беа измислените докази што го поткрепуваат тоа тврдење - почнувајќи со извод од матична книга на родените. Ако постоеше некое тврдење без документација, тогаш имаше веродостојна приказна зошто ја нема. Тоа беше макотрпна работа. Ако постоеше каков било сомнеж, целиот идентитет се отфрлаше. Во секој десетти обид се создаваше нешто за што се сметаше дека ќе ги помине проверките на западните безбедносни служби. Секој илегалец имаше „куратор“ - буквално тутор на лажниот идентитет, кој ја надгледуваше нивната обука и дејствуваше како хендлер откако ќе стапеа на терен.

Оперативниот технички дел од Одделот 2 содржи тим од висококвалификувани фалсификатори. Како изгледа францускиот пасош издаден пред пет години? Како изгледа финската возачка дозвола? Тие проучуваат кои мастила, хартии, лепила, па дури и хефталки се користат во целните земји за да можат да бидат фалсификувани или - ако може да се украдат бланко - изведени со вметнат нов идентитет. Една лабораторија работи на тоа како да ги реплицира различните типови хартија и мастило и како вештачки да изветви документ во специјална печка за да може пасошот да се наполни со цела низа минати визи и патувања и да се направи да изгледа стар кога всушност е нов. Па зошто едноставно не се создадат комплетно лажни карактери за шпионите? Една детална проверка на нечие минато би предизвикала многу прашања, а ако се забележат лажни документи, играта е завршена. За долгорочно навлегување на теренот, секогаш беше огромна предност ако се стигне до вистински документи наместо фалсификати. Ова значеше да станете „двојник на умрен“ - да се украде идентитетот на некој починат, а потоа да се искористи за изградба на оригинални документи. Тоа беше трасата за Хитфилд и Фоли. Тие можеа да отидат во Канада и да почнат со извод од матична книга на родените. Ова може да се искористи како скалило до контактот со јавните тела и добивањето други лични документи. На крај ова ќе ве доведе до вистински пасош, помагајќи да се создаде она што се нарекува „железна легенда“.

Кој беше воскреснатиот Доналд Хитфилд? Неговото вистинско име беше Андреј Безруков. Роден е на 30 август 1960 година, во Канск, во далечниот Сибир, мал град во близина на трасата на Транс-сибирската железница, дом на борбената база МиГ. Неговите родители честопати биле излезени по работа и затоа тој бил независно дете, самостојно, со силна внатрешна самодоверба. Трагата на семејното дрво на Безруков води до руското освојување на Сибир под Иван Грозни во шеснаесеттиот век, кога неговите далечни роднини првпат дошле во регионот. „За мене, да го заборавам ова значи дека останувам без ништо“, рече тој подоцна. Помнењето на своите корени е важно кога се преправавте дека сте некој друг. Патриотизмот ќе го одржува во долгите години далеку од дома.

Во 1978 година, на 18-годишна возраст, Безруков заминува на Државниот универзитет Томск. Со проучувањето на историјата го доби чувството за уникатноста на приказната на Русија, земја вклучена во она што тој го нарекува „бесконечна, болна потрага по себеси меѓу Истокот и Западот“. И токму додека беше студент, тој беше забележан како талент. Универзитетите се класичен терен за регрутирање илегалци. Одделот 3 на Директоратот С е надлежен за интензивниот процес на селекција. Идеални кандидати се оние на рани дваесетти години. Кога некое лице е помладо од тоа, не може да бидете сигурни дека го има она што е потребно за да опстане. До триесеттата година тие повеќе не се доволно податливи за да бидат обликувани во нова личност. Ловците по таленти бараа луѓе што може да ги имаат вистинските вештини - надареноста за јазици беше од витално значење, како и интелигенцијата, трпеливоста, приспособливоста, можноста да се справат со стресот, како и чувството на патриотизам. Се правеа внимателни психолошки процени. Некој што е нестабилен или изгледа како да пие премногу или премногу го мерка спротивниот пол не беше погоден. Сето ова првично се прави од дистанца пред да му се пријде на субјектот - можеби, толку често на Западот, по препорака на професор. Некаде во толпата студенти што шетаат со книги од час на час и флертуваат едни со други, КГБ го забележа Безруков.

Безруков не беше регрутиран сам. Фактот дека илегалците беа избирани на дваесет години создаваше проблем - нивните љубовни врски. Илегалецот беше предодреден со децении да живее таен живот. Беше нереално да се мисли дека тие нема да имаат љубовни врски. Но ова претставуваше опасност. Ако се вљубите во локалец/ка, или постојано треба да се обидувате да ја скриете вистината од нив, или да ризикувате да им кажете дека не сте оној/онаа што сте рекле дека сте. Уште полошо, можеби љубовта ќе ви биде пред должноста и ќе се откажете од шпионската кариера. Анатоли Руденко, илегалец во 1960-тите години, работеше во Западна Германија и Лондон пред да заврши во Соединетите Држави како штимер на пијано на богатите и моќните - меѓу кои и гувернерот на Њујорк, Нелсон Рокфелер. Кариерата на Руденко заврши кога беше принуден да открие дека им пркосел на наредбите со тоа што тајно се оженил со фризерка во Германија и ја зел со себе. Плановите тој да биде искористен за уфрлање во Обединетите нации и во аналитичките институти - меѓу другото и преку заведување осамени млади жени - мораше да бидат откажани. Тоа беше еден пример за тоа зошто човечките односи беа клучот за напредокот или пропаста на илегалците.

И така, се претпочиташе да се испраќаат парови. Браковите понекогаш беа договорени и организирани од Директоратот С (дури неговите службеници можеа да бидат матичари за да се зачува тајноста). Со договорениот брак не само што се избегнуваше опасноста од заљубување, туку и се добиваше партнер во тајната работа. „Нема да треба да губиш време во бркање девојки и да ризикуваш да легнеш во кревет со погрешна девојка“, му беше кажано на еден илегалец за време на Студената војна кога му беше понуден партнер. „Нема да треба да ги објаснуваш своите отсуства. Твојот партнер ќе биде обучен агент што може да помогне во комуникацијата, фотографирањето, доставите - со сè. Нема да бидеш сам зад непријателската линија“.

Не функционираа сите бракови. Јелена Борисовна и Димитриј Олшевски беа испратени во Канада со идентитетите на две мртви бебиња, Лори и Иан Ламберт. Нивната врска на терен стана проблематична. Димитриј отиде да живее со локална жена, додека Јелена почна да излегува со лекар со британско потекло. Канадската разузнавачка служба ги уапси во 1996 година. Обајцата беа депортирани и во една бурна ноќ слетаа во Москва, па директно од пистата беа собрани од комби со затемнети прозорци.

Сепак, бракот на Андреј Безруков не беше лажен. Ова беше авантура што двајцата млади ја почнаа заедно. Елена Вавилова му беше колешка студентка по историја на универзитетот. Родена е во ноември 1962 година во Томск, каде што нејзините родители биле академици. Беше весело, дружељубиво дете, кое уживаше во уметничко лизгање, балет и глума. На универзитетот свиреше виолина додека студираше за дипломата. Таму се запозна со Безруков. Имаше доверба во него и, исто така, чувство дека може да ја изнесе од строго уредениот свет во кој порасна. „Андреј ми понуди нешто поинакво од вообичаеното, авантура“, рече таа подоцна. Младата двојка ја помина ноќта заедно во универзитетската библиотека, се прикраде внатре пред да заврши работното време и остана меѓу полиците со книги. Но следното утро беа фатени од директорот. Имаше прекорување, но немаше казна. Можеби ги издаде токму авантуристичкиот дух и подготвеноста да ризикуваат заедно.

На младиот пар му пристапи маж што имаше необичен предлог. Дали сакаат да ѝ служат на својата земја? Таа имаше само 21 година. „Се прашував што ќе се случи со нашата врска“, помисли Вавилова. „Верувам дека ако бевме избрани одделно, секој од нас ќе го одбиеше предлогот“, подоцна ми објасни Вавилова. „Сепак, бидејќи веќе бевме во романтична врска, покорисно беше да нè имаат како двојка за обуката“. Таа подоцна рече дека браковите од љубов меѓу илегалците биле подобри од договорените поради довербата, која секогаш ја имаше. Нивниот прв куратор седна со нив и низ долги разговори почна да истражува дали тие одговараат - нивниот регрутер им зборуваше за нивните потекла, нивните животи, нивните пријателства и нивните студии, внимателно испитувајќи ги за да се увери дека го имаат тоа што е потребно. Стиловите на живот што требаше да ги живеат ги разделуваа другите, но, во нивниот случај, уште повеќе ќе ги зближат.

Зошто Елена Вавилова се согласи да стане шпион? „Концептот на Татковината - спојување на сè што ти е важно во едно“, беше нејзиното објаснување подоцна. Вавилова и Безруков сè уште живееја во ерата на комунизмот кога КГБ им пријде, но она што ги мотивираше секогаш беше одбраната на Мајка Русија, исто како и ширењето на комунизмот. „За мене главниот мотив што ме натера да се согласам и да ја прифатам оваа работа беше желбата да спречам друга ужасна војна како Големата патриотска војна“, рече подоцна Вавилова, користејќи го руското име за Втората светска војна. „Како тинејџерка, сите филмови за војната и страдањето што луѓето мораа да ги поминат и високата цена што моравме да ја платиме за победата, сето ова ја поттикна во мене желбата да бидам дел од она што може да се стори за да се спречи тоа повторно да се случи“.

Ова беше движечката сила за многу руски шпиони од генерацијата на Студената војна - чувството на закана кон нивната земја и приказната дека за малку ќе биле поразени од нацистите пред победата, која дојде со огромна цена (цена за која многумина сметаат дека Западот ретко ја признава). Речиси секое семејство загуби некого во таа брутална војна. Мисијата на илегалците беше да спречат тоа повторно да се случи со тоа што дејствуваа како систем за предупредување. Раните осумдесетти, кога КГБ му пријде на парот, беа години кога потребата за такво предупредување се чинеше премногу реална. Во Вашингтон имаше американски претседател што го нарече Советскиот Сојуз „злобна империја“ и кој, како што се плашеше Москва, може да се опремува за судир, па дури и за прв нуклеарен напад. А во исто време, млади луѓе од Советскиот Сојуз, меѓу кои и колеги студенти од Томск, тргнуваа да се борат во брутален конфликт во Авганистан.

На Запад, зборот шпион се однесува и на хероите - како Џемс Бонд - и на негативците - предавниците како Ким Филби. Но во Русија за двата концепта има различни зборови - шпионот е предавник на тајните. Во меѓувреме, нивниот збор за херојските разузнавачки офицери (разведчик) повеќе има значење на „извидник“ - во смисла на некој што работи зад непријателските линии во извидница и испраќа информации, давајќи предупредување. Раздвојувањето на двата поими во Русија ги олеснува величењето на хероите и демонизирањето на негативците. Исто така, објаснува како илегалците се гледале себеси како оперативци зад непријателските линии со цел да ја заштитат татковината. Тие беа „војниците на невидливиот фронт“.

Набргу потоа двојката се венча. Родителите на Безруков дојдоа на скромниот прием во куќата на родителите на Елена. Неколку години подоцна тие ќе се венчаат вторпат, овој пат како Доналд Хитфилд и Ен Фоли (таа реши да го користи своето ново средно име наместо Трејси). „Јазот меѓу нашите две свадби беше краток, неколку години, но тие години беа многу напнати“, објасни подоцна Вавилова. Првиот пат немаше меден месец. Наместо тоа, Безруков и Вавилова едноставно исчезнаа од животот на пријателите и семејството откако се упатија кон Москва. И покрај возбудата да се биде во главниот град на нацијата и луксузот на двособниот стан, овој период беше тежок. „Годините пред да заминеме беа многу напорни физички, психички и интелектуално“, рече таа. До крајот на секоја седмица тие беа исцрпени.

Мораа да ги научат сите традиционални „техники и методи“ за професијата шпион - надвор на московските улици тие вежбаа контакти со брзо разминување, каде што едно лице скришум му предава предмет на друго лице - и беа тестирани дали можат да забележат кога некој ги следи. Внатре, тие учеа боречки вештини, како да пукаат со пиштол и како да избегнат полиграфски детектор на лаги. Но создавањето илегалец воопшто не беше едноставно запишување во редовно шпионско училиште. За почеток, обуката на двојката ја вршеа мала група тутори. Тие не се мешаа со другите регрути за да го заштитат својот идентитет. Но се одеше и многу подлабоко. За секој илегалец беше потребна запрепастувачка инвестиција - околу четири години и, според некои процени, еден милион долари. Ова се споредува со обуките на нови офицери на ЦИА и МИ6, кои траат месеци, а не години. „Тоа не беше масовно производство“, рече еден шеф на КГБ. „Вие не обучувате илегалци… во класови. Тоа се поединечни операции. Работите со поединец, еден на еден. И само на таков начин можеме да ги направиме да изгледаат како Англичанец или Шпанец или Германец“.

Како што доаѓаа и заминуваа московските снегови, образованието на Безруков и Вавилова се состоеше од обука од страна на поранешни илегалци, кои ги едуцираа за историјата на елитните шпиони во чии редови требаше да се приклучат.

Вавилова служеше како илегалец повеќе од 20 години со сопругот Андреј Безруков.

Синовите Тим и Алекс

Беше уапсена на 27 јуни 2010 година во Бостон, каде што живееше под името Трејси Ли Ен Фоли, агент за недвижнини. Во јули истата година се врати во татковината, откако таа, нејзиниот сопруг и осум други илегалци-имигранти беа разменети за четворица руски државјани што претходно беа осудени во Русија, меѓу кои беше и поранешниот офицер на ГРУ Сергеј Скрипаљ. Во исто време, веќе возрасните синови на Елена и Андреј - Тим и Алекс - пред инцидентот се сметаа себеси за Канаѓани.

Пензиониран полковник на Службата за надворешно разузнавање на Русија, Вавилова е наградена со Орден за заслуги за Татковината, IV степен и други државни и ресорни награди.

Од нивниот живот е инспирирана серијата „Американци“, ТВ-драма за КГБ-двојка што живее во САД со своите две деца и шпионира за Русија.

Кери Расел и Метју Риз во „Американци“

По револуцијата во 1917 година илегалците станаа специјалност на Москва. Многу земји немаа дипломатски односи со комунистичкиот Советски Сојуз, така што не беше можна дипломатската маска. Во тие рани години, исто така, имаше голем број идеолошки посветени комунисти од различни националности што беа подготвени да шпионираат за Москва. Ова доведе до процут на илегалците во 1930-тите и 1940-тите години. Ричард Сорге работеше како шпион во Јапонија, движејќи се во највисоките дипломатски кругови за да обезбеди витални информации за односот на Токио со нацистичка Германија. Во Европа, илегалците регрутираа луѓе што беа студенти, а некои полека се дограбуваа до позиции на моќ и влијание. Некои, како Ким Филби и шпионите од Кембриџ во Велика Британија, стигнаа до највисоките ешалони на западните разузнавачки агенции. Во Америка, илегалците работеа со атомските шпиони, кои ги крадеа најделикатните тајни што може да се замислат, што се покажа клучно за Советскиот Сојуз да избегне пораз во почетокот на Студената војна. Многу од овие први меѓународни илегалци беа наградени со погубување во чистките на Сталин.

Во средината на 50-тите години на минатиот век КГБ почна да притиска за нова генерација домашно обучени илегалци. Тие никогаш не го достигнаа нивото на своите претходници, иако имаше некои успешни. Меѓу најпознатите беше Конон Молоди, кој се претвори во Канаѓанецот Гордон Лонсдејл. Дојде во Лондон и водеше шпионска група, која крадеше морнарички тајни. Молоди претходно во Соединетите Држави му беше резерва на уште еден од големите илегалци - Рудолф Абел, извонредно талентиран поединец, кој беше роден во Велика Британија и служеше на фронтот во Втората светска војна пред да се вметне во Њујорк. Ова беа стапките што требаше да ги следат Безруков и Вавилова.

Илегалците беа третирани како херои во Советскиот Сојуз, далеку повеќе од нивните колеги шпиони во САД или Велика Британија. Имаше приказни за нивните смели тајни операции во Втората светска војна. Најистакнатиот беше Николај Кузњецов. Многу филмови и книги се засновани на неговите активности кога се претставуваше како припадник на германската окупаторска војска во Украина за време на кое убил шест високи нацисти. Извештаите за илегалците од Втората светска војна беа централен дел од советската популарна култура промовирана од КГБ. Едно измислено дело беше претворено во ТВ-серија од 1973 година наречена „Седумнаесет моменти на пролетта“. Прикажуваше таен илегалец, советска верзија на Џемс Бонд, кој се претставува како германски аристократ за да се инфилтрира во нацистичката СС и кој ги спречува нацистите да постигнат мировен договор со Америка. Серијата беше огромен хит, достигнувајќи до 80 милиони гледачи, и постојано се повторуваше, всадувајќи се во умот на народот.

Владимир Путин имал 21 година кога првпат се прикажала серијата и очајно копнеел да се пријави во КГБ. Едно од неговите први работни места во Источна Германија во осумдесеттите години на минатиот век, ќе се пофали подоцна, беше да работи со илегалци.

Информацијата дека коронавирусот може да се пренесe преку допир со готовина, дополнително ги мотивираше луѓето да се ослободат од банкнотите. 

повеќе

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе