Натерани се да потпишат договори за неоткривање информации

Руските лекари што ги примиле научниците воопшто не биле предупредени дека пред себе имаат жртви на нуклеарна несреќа

За еден од лекарите подоцна било утврдено дека има радиоактивен изотоп во мускулното ткиво.

Пет извори за Москва тајмс рекле дека агентите на ФСБ ги натерале лекарите да потпишат договори за неоткривање тајни.

Тројцата повредени мажи пристигнале во болницата околу 16:30 часот, голи и завиткани во проѕирни пластични кеси. Состојбата на пациентите го натерала персоналот да се посомнева дека станува збор за нешто многу сериозно. Но единствената информација што ја имале во тоа време било дека околу пладне имало експлозија во околната воена база.

„Никој - ниту директорите на болниците, ниту службени лица од Министерството за здравство, ниту регионалните службеници или гувернерот - никој не нè извести дека пациентите се радиоактивни“, рекол еден од хирурзите на клиниката за Москва тајмс по телефон оваа недела. „Работниците во болницата се посомневаа, но никој не им кажа да се заштитат“.

Болницата била Регионална клиничка болница Архангелск, јавен здравствен центар на крајниот север на Русија, а денот бил минатиот четврток, 8 август. По експлозијата, во текот на околу 30 минути радијацијата во вториот најголем град во регионот, Северодвинск, скокна дури 20 пати над нормалното ниво. Државната руска нуклеарна агенција Росатом извести дека во несреќата загинале пет члена на персоналот.

Руските власти ги чуваат во тајност околностите околу експлозијата. Додека владините агенции пуштија штури и мошне контрадикторни информации, државната реакција на несреќата потсетува на однесувањето по Чернобил, катастрофалната нуклеарна несреќа во 1986 година во тогаш - советска Украина.

Официјалната реакција прво се состоеше од негирања дека радијацијата воопшто се шири, а четири дена по несреќата дојде најавата дека селото Нјонокса, близу до воената локација, ќе биде евакуирано. Властите подоцна негираа дека некогаш им наложиле на селаните да заминат. Недостигот од информации доведе до забуна кај локалното население, кое, наводно, се обидело да го купи целиот јод, хемикалија што се користи за да се ограничи штетата на изложеноста на зрачење, во регионот на Архангелск.

Тие не се единствените што останаа збунети и што бараат одговори. Четворица машки лекари во болницата Архангелск - двајца на високи позиции - и еден медицински работник, за Москва тајмс рекле дека нивниот персонал бил шокиран и гневен поради настаните што се случија. Лекарите зборуваа под услов на анонимност, велејќи дека ова е период на зголемено внимание од страна на руските безбедносни служби.

Иако никој од лекарите не работел директно со конкретните пациенти, сите на 12 август присуствувале на брифингот во болницата со заменик-министерот за здравство за регионот Архангелск и се во постојана комуникација со колегите што ги лекувале жртвите, велат тие. Лекарите рекле дека на 9 август агентите на Федералната служба за безбедност (ФСБ) од сите членови на персоналот што работеле со пациентите директно побарале да потпишат договори за неоткривање информации, што ги спречува да зборуваат за тоа што се случило.

„Тие не беа принудувани да ги потпишат, но кога тројца агенти на ФСБ ќе дојдат со список и ќе побараат од оние што се на списокот да се потпишат, малкумина ќе речат не“, рекол еден од постарите лекари.

Москва тајмс не успеала да разговара со ниту еден од лекарите што ги лекувале тројцата пациенти ниту да добие копија од договорите за неоткривање информации.

Но верзиите на настаните што ги раскажаа петте мажи се идентични. Тие, исто така, се совпаѓаат со две други анонимни сведоштва објавени на 15 август - една од лекарка во болницата за локалниот весник Северние новости и една во локална чет-група на популарниот Телеграм месинџер.

Сите седум искажани сведоштва изразуваат фрустрација кон властите зашто кријат информации од медицинскиот персонал за ризиците со кои се соочува.

„Персоналот е бесен, најблаго кажано“, рекол еден од лекарите што разговарале со Москва тајмс. „Ова е јавна болница. Ние не бевме подготвени за ова, и можеше да бидат погодени и други луѓе“.

„Сепак, сите професионално си ја завршија работата“, додал тој.

Во сите сведоштва се поставува и прашањето зошто воопшто државни службеници изложени на зрачење би биле испратени во цивилна болница, наместо во воена. Лекарите што разговарале со Москва тајмс рекле дека тие и нивните колеги подготвиле детален список со прашања за претставниците на Министерството за здравство што ги посетиле на 12 август за да ги разјаснат грижите на персоналот, но на ниту едно не било јасно одговорено.

Министерството за здравство, ФСБ, канцеларијата на гувернерот на Архангелск и Регионалната клиничка болница Архангелск не реагирале на барањата за коментар за овој напис на Москва тајмс.

Наместо одговор, на лекарите им било понудено патување во Москва заради тестови. Сите четворица лекари рекле дека околу 60 нивни колеги, вклучувајќи и четири или пет болничари што ги донеле пациентите во болницата, ја прифатиле понудата. Првата група одлетала во Москва неколку часа по средбата со претставниците на Министерството за здравство, рекле тие.

Според тројцата лекари, меѓу кои и обајцата искусни постари лекари, откриено е дека еден од лекарите што одлетале во Москва има цезиум-137, радиоактивен изотоп што е нуспроизвод на нуклеарна фисија на ураниум-235, во мускулното ткиво. Еден од изворите рекол дека погодениот лекар директно му го кажал тоа, иако не бил информиран за количеството или концентрацијата на пронајдениот изотоп.

Погодениот доктор го одбил барањето за интервју.

„(Лицето) е емоционално убиено, но физички се чини дека е во ред, во моментов“, рекол лекарот што разговарал со Москва тајмс, опишувајќи го својот колега.

Лекарите рекле дека откако две групи одлетале за Москва, останатите летови биле откажани. Тие, исто така, рекле дека откако се вратиле резултатите, во Архангелск биле донесени експерти за радијација за таму да ги направат тестовите.

Јури Дуброва, експерт за ефектите на радијацијата врз телото од Универзитетот Лестер во Британија, по телефон рекол дека пациентите донесени во болницата, најверојатно, имаат високи дози од изотопот на својата кожа. Нивото на опасност за лекарот од Архангелск зависи од тоа колку лицето било изложено, рекол Дуброва.

„Ако дозата не била многу висока, лицето треба да може целосно да закрепне во рок од една недела ако му се даваат чиста храна и вода“, рекол тој.

Но Дуброва истакнал и дека недостигот од информации е она што му штети на лекарот.

„Изложеноста на цезиум-137 успешно се средува - сè што треба да направите е навистина добро да го измиете пациентот“, рекол тој. „Но лекарите биле ранливи на радијацијата затоа што не им било кажано што се случило“.

Според лекарите, салата каде што се третирале научниците, која се наоѓа во крилото на болницата на третиот кат, била затворена до 13 август. Тие рекле дека руската служба за безбедност на потрошувачите Роспотребнадзор и Министерството за вонредни состојби извршиле увид во болницата во текот на следните денови.

Лекарите рекле и дека претставниците на Роспотребнадзор му кажале на персоналот дека болницата сега е безбедна.

Минатиот петок, 9 август, медиумот База, кој има блиски врски со безбедносните служби на Русија, објави дека мажите повредени за време на експлозијата биле донесени во московската клиника заради третман од зрачење. Медиумот објави видео од конвој полициски автомобили и амбулантни возила што сообраќаат низ руската престолнина.

Според тројца од лекарите, двајца од тројцата пациенти што биле лекувани во Регионалната клиничка болница Архангелск воопшто не ни стигнале до Москва, туку починале на пат кон аеродромот.

Тие рекле дека безбедносните службеници што ја посетиле болницата на 9 август ги зеле и ги избришале сите информации за инцидентот што биле во записите на болницата.

„Како настанот повеќе да не постои“, рекол еден од лекарите. „Без никаква документација, персоналот не може ни да проба да тужи некого, дури ни ако сака“.

Тој додал дека некои од неговите колеги што отпатувале во Москва го сториле тоа за да се обидат да соберат докази за да докажат дека се случила несреќата.

„Кога сите наши колеги ќе се вратат во Архангелск, ќе седнеме и ќе разговараме за тоа што треба да правиме понатаму“, рекол друг лекар, истакнувајќи дека засега персонал е решен да се обрати до јавниот обвинител.

„Сите правила беа прекршени“, додал тој. „Зошто овие пациенти беа донесени во цивилна болница, а не во воена? Зошто на персоналот не му беше кажано да спроведе соодветни мерки за безбедност? Зошто на болничарите им беше дозволено да ги пренесуваат без да носат соодветна заштитна опрема?“

Настаните потсетуваат на една морбидна сцена во неодамнешната минисерија на ХБО „Чернобил“. Кога првите пациенти по несреќата пристигнуваат во една локална болница, лекарите почнуваат да ги лекуваат без заштитна опрема. Една претпазлива медицинска сестра објаснува дека нивната облека треба да биде запалена, но лекарите се прикажани како со голи раце ги допираат токсичните предмети.

„Баш како што рече авторот на серијата“, рекол еден од лекарите, мислејќи на твитот од Крег Мејзин три дена по експлозијата на Северодвинск. „Триесет и три години подоцна и нашата влада не научила нешто. Тие продолжуваат да се обидуваат да ја скријат вистината“.

Објавено

Недела, Август 18, 2019 - 09:09

ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западниот Балкан (но и останатите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но и специфични односи со овој регион, без полноправно членство.

повеќе

Нарушени се човековите права и слободи, нема владеење на правото и правосудството, кои треба да бидат основа на процесот.

повеќе

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе