Русија сè поостра во одбраната на Лукашенко

Русија вчера го обвини Вашингтон за обид за поттикнување револуција во Белорусија, каде што таа го испрати министерот за одбрана да разговара за воените врски, како знак на засилување на поддршката за Александар Лукашенко.

Фото: ЕПА

Белорускиот лидер во понеделникот беше во Русија, каде што разговараше со претседателот Владимир Путин првпат по кризата предизвикана од спорните претседателски избори. Се врати со ветување дека ќе добие заем од 1,5 милијарда долари за да ја стимулира економијата на Белорусија.

Шефот на руската служба за надворешно разузнавање, Сергеј Наришкин, вчера го обвини Вашингтон дека работи зад сцената за соборување на Лукашенко со државен удар, што е еден од најострите коментари на Москва за кризата досега, објави Ројтерс.

„Во суштина, ова се слабо маскирани обиди да се организира уште една 'шарена револуција' и противуставен пуч, чии цели немаат никаква врска со интересите на белоруските граѓани“, го пренесе новинската агенција РИА.

Тој го обвини Вашингтон дека финансира антивладини блогери и активисти преку невладини организации и поддржува други, вклучувајќи ја и лидерката на опозицијата Светлана Тихановскаја, која избега во Литванија поради судир со полицијата.

„Според информациите на СВР, САД играат клучна улога во Белорусија“, рече Наришкин.

Русија долго време го обвинува Западот за револуции како што се „револуцијата на ружите“ во Грузија во 2003 година и украинската „портокалова револуција“ од 2003-04 година.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу вчера во Минск разговараше со Лукашенко, кој рече дека побарал од Путин да обезбеди неколку типа оружје за Белорусија. Тој не прецизираше кое оружје го бара.

„Можеме да ја држиме ситуацијата под контрола не само во Белорусија, туку и по должината на нашите граници“, рече Лукашенко, пренесе државната новинска агенција Белта.

Портпаролот на Кремљ подоцна изјави дека Путин со Лукашенко не разговарал за набавка на оружје за Белорусија.

Путин мора да го поддржи затоа што ако не го стори тоа, овој режим ќе падне. Ова за Кремљ е многу опасен пример за тоа што може да се користи во Русија. Луѓето ќе видат дека е можно да се сменат водачите преку масовни протести

Русија и Белорусија во моментов одржуваат заеднички воени вежби „Словенско братство“, кои ќе траат до крајот на септември. Било предвидено во Белорусија да допатуваат и српски војници, но владата во Белград го прекина учеството во вежбата, наводно под притисок на Европската Унија.

Русија е близок сојузник, кој ја гледа Белорусија како тампон-зона меѓу неа и членките на НАТО и како витален коридор за нејзиниот извоз на нафта. Меѓутоа, Путин и Лукашенко немаат баш најдобри лични односи. Со години Лукашенко се обидуваше да ја скара Русија со Западот за да извлече политичка корист од Кремљ. Од друга страна, Путин знае дека Лукашенко не е сигурен партнер, но можеби се обидува да го искористи тоа за свои интереси.

Путин не сака да гледа како демонстранти соборуваат уште еден соседен лидер, како што беше случајот со протестите на Мајдан во Киев во 2014 година.

Путин „мора да го поддржи затоа што, ако не го стори тоа, овој режим ќе падне“, рече политичкиот аналитичар Дмитриј Орешкин.

„Ова за Кремљ е многу опасен пример за тоа што може да се користи во Русија“, додаде тој. „Луѓето ќе видат дека е можно да се сменат водачите преку масовни протести.“

Од таа причина, судбините на двајцата претседатели се тесно поврзани, велат аналитичарите.

Лукашенко ги обвини Соединетите Држави дека се здружиле со Полска, Литванија, Чешка и Украина против неговата влада.

„Тактиката на организаторите е заснована на класичен американски учебник за шарени револуции“, рече тој.

„Очигледно, тие сметаат на обемот и времетраењето на протестот, кој ќе нè исцрпи и ќе ги исцрпи нашите ресурси. Не се опуштаме и спремни сме да одговориме на секој предизвик“. Обраќајќи им се на највисоките функционери, Лукашенко вчера рече дека не планира да се повлече. „Имавме гласање и ги добивме резултатите. Време е да престанеме да го брануваме општеството“. Тој вети дека ќе ги разгледа уставните реформи, но опозициските политичари велат дека тоа најверојатно ќе бидат само козметички промени.

Рускиот министер за финансии Антон Силуанов вчера изјави дека првата транша од милијарда долари ќе ѝ биде испратена на Белорусија до крајот на годинава, а остатокот од заемот во 2021. Тој додаде дека парите ќе ѝ помогнат на Белорусија и на нејзините државни компании да го сервисираат долгот и да ја зајакнат финансиската стабилност.

Заемот секако му е од помош на Лукашенко, но не на долг рок. Готовината со која ќе располага, на пример, за да ги исплати полицајците или да ги зголеми платите за да ги привлече работниците што штрајкуваат - ќе биде доста мала, пишува Ројтерс.

Артојом Шрајбман, политиколог во московскиот Карнеги центар, вели дека само дел од средствата ќе стигне до Минск затоа што владата мора да рефинансира друга милијарда долари кредит, вклучително и од Русија, и да му плати 300 милиони долари долг на рускиот енергетски гигант Газпром до крајот на годинава.

„Тоа всушност се пари што преминуваат од еден руски џеб во друг“, рече Павел Латушко, истакнат член на белорускиот опозициски совет.

Софија Доњец, главна економистка на „Ренесанс капитал“ во Москва, рече дека заемот во суштина не е нови пари, туку рефинансирање на постојниот долг кон Русија. Покрај најголемата политичка криза во последните 26 години владеење, Лукашенко се наоѓа и во сè поголеми економски проблеми.

БДП е паднато за 1,3 проценти во периодот од јануари до август, објави во вторникот официјалната новинска агенција „Белта“. Само во август централната банка потроши 1,4 милијарди долари, или околу шестина од своите златни и девизни резерви, во борбата да ја поткрепи рубљата.

И белоруските банки и компании се погодени од кризата. Руската агенција за кредитен рејтинг АЦРА соопшти дека нивниот надворешен долг е девет милијарди долари и дека државата можеби ќе мора да сноси дел од товарот.

АЦРА проценува дека Белорусија ѝ должи на Русија околу 7,9 милијарди долари, или 12-13 проценти од БДП.

Во изминатите две децении Лукашенко многу се потпираше на руската финансиска поддршка за застоената белоруска економија. Според некои процени, во тој период тој добил повеќе од 100 милијарди долари, главно во форма на субвенции за нафта и гас.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе