Судир на европските лидери околу предлогот за самит со Путин

Русија мора да го заслужи дијалогот со ЕУ

Европските лидери се судрија околу француско-германската иницијатива за самит на Европската Унија и рускиот претседател Владимир Путин, истакнувајќи ги длабоките поделби во блокот околу решавањето на влошените односи со Кремљ.

EPA-EFE

Предлогот на Париз и Берлин, кој вклучува и закана со нови економски санкции, ги затекна дипломатите во Брисел во средата, пред самитот на Советот на ЕУ и предизвика остри реакции од некои членки на блокот, особено соседите на Русија.

Претседателот на Франција Емануел Макрон кажа дека првиот самит со Путин од јануари 2014 би бил шанса за дијалог и ја добил поддршката од австрискиот канцелар, додека лидерите на ЕУ пристигнуваа на редовната летна средба во Брисел за расправата за нова стратегија во односите со Москва.

„Потребен ни е дијалог за да ги браниме нашите интереси... тој дијалог е неопходен за стабилноста на европскиот континент“, кажа Макрон.

Се очекуваше лидерите на ЕУ од Европската комисија и шефот на дипломатијата на ЕУ Жосеп Борел да бараат „опции за дополнителни“ рестриктивни мерки, вклучувајќи санкции против Русија, според нацрт соопштението од самитот кое го добил на увид Ројтерс.

Германско-францускиот прелог ги истакнува напорите на ЕУ да врши сè поголемо влијание во државите на таканареченото Источно партнерство, вклучувајќи ги Украина, Грузија и Молдавија, како и во централна Азија, областа за која Русија смета дека е во нејзината зона на влијание, пишува Политико.

Во заклучоците особено се наведува Западниот Балкан.

„Европскиот совет ја нагласува потребата за јакнење на односите со Западниот Балкан и зацврстување на неговата европска перспектива“, според германско-францускиот предлог.

Русија веќе е под економски санкции на ЕУ во секторите на енергетиката, финансиите и вооружувањето, поради припојувањето на Крим, а поединци се казнети за кршење на човековите права и употреба на забранетото хемиско оружје.

Дипломатите велат дека мета на дополнителните санкции би можеле да бидат руското перење пари или моќните олигарси осомничени за тешка корупција во странство.

Некои држави, како Белгија и Австрија, го поддржуваат француско-германскиот предлог, додека Холандија, Полска и балтичките земји сметаат дека Путин мора да покаже гест на добра волја.

„Географски сме поблиски со Русија отколку САД, и ЕУ не може само да набљудува додека САД и Русија водат дијалог“, кажа австрискиот канцелар Себастијан Курц, „Постојат теми, како Украина, кои повеќе нè засегаат нас отколку САД“.

Литванскиот министер за надворешни работи Габиелиус Ландсбергис изјави за Фајненшал тајмс дека е „неодговорно“ повторно почнување состаноци со Русија во момент кога Москва е „поблиска до тоталитаризмот на Советскиот Сојуз од кога било во последните три децении“.

„Влегувањето во стапица еднаш или двапати може да се смета за несреќа, но да се продолжи да се прави тоа деценија по деценија, изгледа како историска кратковидост“, додаде Ландсбергис.

Премиерот на Летонија Кришјанис Каринш предупреди да не му се попушта премногу на Путин, а премиерот на Полска Матеуш Моравјецки кажа дијалогот треба да почне само ако постои „вистинска деескалација“.

Холандскиот премиер Марк Руте смета дека каква било средба со Путин треба да биде ограничена на шефовите на Европската комисија и Европскиот совет, а не да учествуваат сите држави членки.

По предупредувањето на НАТО дека Русија се обидува да ги подели западните демократии преку дезинформации и тајни напади, многу држави од ЕУ сметаат дека приказната за самитот е избрзана.

Каринш по доаѓањето на самитот кажа дека се залага за дијалог, но дека Русија мора да плати одредена цена за тоа, имајќи ги предвид нејзините акции како анексијата на Крим и воениот упад на истокот на Украина.

„Кремљ ја разбира политиката на моќ. Кремљ не сфаќа бесплатни отстапки како знак на сила“, кажа Каринш.

Макрон во септември 2019 безуспешно се обиде да побара затоплување на односите со Путин, а германската канцеларка во заминување Ангела Меркел се сретна со рускиот лидер во Москва во јануари 2020. Путин на 7 јуни годинава имаше телефонски разговор со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

Дипломатите во ЕУ велат дека се загрижени дека Русија не го сфаќа економскиот блок сериозно откако Кремљ јавно го понижи Борел во февруари. Русија без предупредување избрка дипломати на ЕУ за време на престојот на Борел во Москва.

Амбасадорите на Франција и Германија во средата предложија одржување самит со Путин како можен начин на поправање на односите меѓу блиските трговски партнери, по самитот на претседателот на САД Џо Бајден со рускиот лидер во Женева.

„Треба да бидеме исклучително внимателни, тоа не е како односот на Русија со САД“, оцени литванскиот претседател Гитанас Науседа, мислејќи на двата ривали со нуклеарно оружје.

Ројтерс истакнува дека Франција е нуклеарна сила, но дека ЕУ зависи од НАТО кога станува збор за одбраната на териториите и одлуките ги носат 27 држави, што му олеснува на Кремљ да ги користи поделбите.

Кремљ ја поздрави идејата за самит како позитивна, кажувајќи дека на Брисел и Москва им е потребен дијалог, иако шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров кажа дека сака да слушне повеќе детали.

„За што станува збор? Каква е агендата? Не знаеме ни дали сите други членки на ЕУ тоа го поддржуваат. Затоа е потребно нашите колеги (од Брисел) да објаснат што мислат и што планираат“, кажа Лавров.

На спротивни страни во застоите околу Украина и Белорусија и во судир околу човековите права, ЕУ и Русија меѓусебно се обвинуваат за мешање во изборите, дезинформирање и загрозување на безбедноста и стабилноста од Балтикот до Црното Море.

„Ние како Европска Унија мораме да тежнееме кон директен контакт со Русија и рускиот претседател“, им кажа Меркел на пратениците во нејзиниот веројатно последен говор во германскиот Бундестаг.

„Не е доволно претседателот на САД да разговара со рускиот претседател. Јас тоа го поздравувам, но и ЕУ мора да создаде форуми за дијалог“, додаде таа.

Последниот самит ЕУ-Русија беше одржан во јануари 2014, малку пред Русија да го припои црноморскиот полуостров Крим.

ЕУ потоа ги суспендираше самитите со Путин, но нејзината политика се движеше меѓу воведувањето економски санкции и овозможување на завршувањето на новиот гасовод од Русија до Германија.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе

Ентузијазмот во првите месеци од годинава во врска со масовната вакцинација беше таков што Србија во март беше прва меѓу европските држави според бројот на граѓани што примија втора доза на милион жители. 

 

повеќе