РСЕ: Спутник V на дофат на Европската Унија

Соочени со потребата од поголеми количества вакцини, земјите од Европската Унија не ја исклучуваат можноста за набавка на руската вакцина Спутник V, која и покрај првичниот скептицизам, беше позитивно оценета во научните рецензии, вели лондонски Тајм.

Фото: ЕПА

Сепак, неодамна самата Русија, поради ограничените производствени капацитети, се соочи со недостиг од вакцини и се одлучи за производство во странство.

Германија и Франција преговараат со Русија за набавка на вакцини Спутник V откако во неколку европски земји беа суспендирани вакцините на Астразенека за помладите од 60 години.

Германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин на видеоконференција во вторникот разговараа за можноста за купување на руската вакцина.

Претходно, додава лондонскиот весник, Италија, Франција, Шпанија и германската покраина Баварија беа наведени како можни локации за производство на Спутник во ЕУ.

Минатата недела Меркел директно ја спомена Спутник, велејќи дека смета дека треба да се користи секоја вакцина одобрена од европското регулаторно тело за лекови.

Европската агенција за лекови (ЕМА) во март покрена ревизија на Спутник, што е клучен чекор кон одобрување на првата незападна вакцина против коронавирусот што ќе се користи во 27-те земји-членки на ЕУ, вели Тајм.

Иако германската влада потврди дека е отворена за употреба на вакцината Спутник V доколку и кога биде одобрена од ЕМА, Франција е многу повнимателна, пишува Гардијан.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан неодамна ги обвини Русија и Кина дека ги користат своите вакцини за да стекнат влијание во странство.

„Во однос на начинот на управување (вакцината Спутник V) повеќе е средство за пропаганда и агресивна дипломатија отколку средство за солидарност и здравствена заштита“, рече Ле Дријан за радиото Франс инфо.

Тиери Бретон, францускиот комесар на ЕУ, кој ја предводи работната група за вакцини во Европската комисија, рече дека на ЕУ „апсолутно не ѝ треба Спутник“ бидејќи „има капацитет да испорача 300 до 350 милиони дози“ до крајот од јуни.

Производителот на Спутник V агресивно одговори на Твитер: „Ако ова е официјалниот став на ЕУ, ве молиме да нѐ известите дека нема причина да се продолжи со одобрувањето од ЕМА поради вашите политички пристрасности“.

Сепак, нагласува весникот, експертите од ЕУ треба да ја посетат Русија во април за да ги проверат резултатите од клиничките испитувања и да го прегледаат процесот на производство.

Руските производители досега не успеаја да го зголемат домашното производство за да ја задоволат побарувачката дома и во странство, но владата соопшти дека постигнала договори за производство на руски вакцини со уште 10 други земји.

Москва соопшти дека има намера да произведе 178 милиони дози Спутник V до крајот на јуни и се надева дека до тогаш ќе вакцинира 30 милиони Руси, оставајќи на располагање можни 118 милиони дози за извоз.

Русија ја регистрираше својата вакцина во август пред поголемите клинички испитувања, што прво предизвика стравувања за нејзината безбедност. Сепак, оттогаш прегледите се претежно позитивни, а медицинското списание „Лансет“ објави резултати што покажуваат дека вакцината е безбедна и е ефикасна повеќе од 90 проценти.

 

Преговори меѓу Австрија и Русија

Во меѓувреме, објави Ројтерс, Австрија разговара со Русија за купување милион дози од вакцината Спутник, како што беше потврдено од канцеларијата на канцеларот Себастијан Курц во вторникот.

Конзервативниот австриски лидер е на удар на опозициските партии затоа што неговата влада не купила толку вакцини против коронавирусот колку што можеше да има според колективната шема на ЕУ за купување.

Курц во изјавата издадена од неговиот кабинет рече дека Австрија преговара со Русија, а Москва ѝ понудила продажба на милион дози од април.

„Единственото нешто што мора да се земе предвид е дали вакцината е ефикасна и безбедна“, рече австрискиот канцелар.

По почетокот на кампањата за вакцинација во ЕУ, која заостанува зад другите земји како Велика Британија, некои членки и региони веќе купија или размислуваат да купат руски или кинески вакцини, објаснува Ројтерс, додавајќи дека Унгарија и Словачка веќе купиле дози Спутник, иако само Унгарија почнала и да ги користи.

Во Словачка ова прашање е толку контроверзно што предизвика политичка криза, посочува Ројтерс.

Русија со голема помпа го пофали извозот на својата домашна вакцина Спутник V во Латинска Америка и Африка, па дури и во некои европски земји, нарекувајќи го решение како резултат на недостигот во целиот свет. Сепак, таа беше помалку гласна за фактот дека и таа самата увезува вакцини, пишува Њујорк тајмс.

Руската влада неодамна склучи договор за производство на Спутник V со јужнокорејска компанија што веќе испрати вакцини во Русија и планира да го стори истото со компанија од Индија. Увозот, за кој се очекува дека ќе се зголеми во следните недели и месеци, би можел да ѝ помогне на Русија да ја надмине бавната вакцинација дома.

Ова, според њујоршкиот весник, илустрира дека дури и земјите чии научници дизајнирале успешни вакцини, се потпираат на прекуграничната трговија за залихи на дози.

Дополнителен проблем е растечкиот национализам за вакцините во земјите со производствен капацитет, па поради зголемениот број новозаразени случаи во нивните земји, ја запираат испораката на вакцини порачани за странство.

 

Руска кампања

Кампањата за вакцинација на Русија, додава Њујорк тајмс, многу заостанува зад кампањата на повеќето европски земји и САД, а досега 4,4 проценти од вкупниот број Руси примиле барем една доза вакцина.

Дури минатата недела Кремљ за прв пат призна дека недостигот од вакцини имал улога во одлуката на Путин да ја одложи сопствената вакцинација.

Помали количества Спутник V обезбедени од Русија сега користат повеќе од 20 земји, вклучувајќи ги Аргентина, Унгарија, Боливија, Алжир, Парагвај и други.

Руски официјални лица изјавија дека најголем дел од побарувачката за Спутник V во другите земји ќе биде исполнет со производство во странство, вели Њујорк тајмс.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе

Таквиот вид на анахрон национал-романтизам, со речиси апологетски однос кон окупаторската политика на Бугарија во Втората светска војна, штетна е за хармонизација на односите на Балканот, пред сѐ на Бугарија со РСМ, но и со Србија.

повеќе

Некогаш да градиш на три континенти, а денес да не ја градиш сопствената држава.

повеќе