Западните дипломати се свесни за проблемот

Ројтерс: Во ОН спласна ентузијазмот за изолирање на Русија

Една јунска вечер под свеќниците во руската мисија во Обединетите нации во Њујорк, десетици амбасадори на ОН од Африка, Блискиот Исток, Латинска Америка и Азија присуствуваа на приемот за одбележување на националниот празник на Русија, помалку од четири месеци откако нејзините сили ја нападнаа соседна Украина.

Фото: ЕПА

„Ви благодариме на сите за поддршката и за вашиот принципиелен став против таканаречениот антируски поход“, рече рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензија, откако обвини некои земји, кои не ги именуваше, дека се обидуваат да ја „укинат“ Русија и нејзината култура, пренесува Ројтерс.

Собирот на амбасадори е показател за тешкотиите со кои се соочуваат западните дипломати во обидот да ја задржат меѓународната решеност за дипломатска изолација на Русија, по првичната жестокост со која нападот врз Украина беше осуден во ОН.

Свесни за незадоволството и загриженоста меѓу некои земји дека војната речиси шест месеци има преголемо глобално внимание, без изгледи дека Обединетите нации ќе можат да ја прекинат, западните дипломати признаваат дека се ограничени во тоа како можат значително да ја таргетираат Русија освен со одржување состаноци.

„Како што војната продолжува, сè потешко е да се најдат значајни начини за казнување на Русија“, изјави за Ројтерс Ричард Гоуан, ОН-директор на независната Меѓународна кризна група.

Во некои случаи, западните земји се воздржуваат од конкретни потези, плашејќи се дека нема да имаат поддршка, а зголемениот број воздржани при гласањето навестува растечки отпор кон јавно спротивставување на Москва, велат дипломати и аналитичари за Ројтерс.

Во јуни, Европската Унија претстави план за назначување експерт на ОН за истрага на кршењето на човековите права во Русија, велат дипломатите, но идејата беше напуштена поради стравувањата дека би се спротивставиле речиси половина од 47-те членки на Советот за човекови права на ОН, со седиште во Женева.

„Државите прашуваат дали е навистина мудро да се биде меѓу оние што се против Русија“, рече Олаф Виенцек, директор на женевската канцеларија на германската фондација Конрад Аденауер.

Носии и чоколади

Руската мисија во Обединетите нации во Женева изјави дека западните земји „добро знаат дека е невозможно да се изолира Русија бидејќи таа е глобална сила“.

Дипломатската изолација не се одрази на тајното гласање во Женева за одлучување за најдобрата „народна носија“ на приемот во јуни. Руската дипломатка победи, а на видеото се гледа како за награда добива кутија чоколади. Украинската делегација го напушти приемот.

Како членка со право на вето на 15-члениот Совет за безбедност на ОН, Русија може да се заштити од значајни акции како што се санкциите, но исто така води кампањи во други земји за да ја поткопа поддршката за Западот.

Пред гласањето во април во 193-членото Генерално собрание на ОН за суспендирање на Русија од Советот за човекови права, Москва ги предупреди земјите дека гласањето „за“ ќе се смета за „непријателско“ и ќе има последици за нивните односи.

Иницијативата покрената од САД сепак беше успешна со 93 гласа „за“, 24 „против“ и 58 воздржани.

Американската амбасадорка во Обединетите нации, Линда Томас Гринфилд, изјави дека Русија успеала да придобие одредени земји со „лажни тврдења“ дека западните санкции ја предизвикале глобалната прехранбена криза, но додаде дека тоа не значи поголема поддршка за Русија.

„Над 17 африкански земји се воздржаа поради руските тактики за заплашување. Мораме да бидеме свесни за тоа“, рече таа во јули пред Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат.

Црвени линии

Во рок од една недела од инвазијата на 24 февруари, речиси три третини од Генералното собрание гласаа за казнување на Русија и барање таа да ги повлече своите трупи. Три недели подоцна, тие повторно убедливо ја осудија Русија за предизвикување „лоша“ хуманитарна ситуација.

„Поддршката ќе бледнее затоа што резолуциите од март се прилично остри и нема волја за понатамошни активности доколку не се премине црвената линија“, рече висок азиски дипломат, кој сакаше да остане анонимен.

Некои дипломати навестија дека тие црвени линии може да бидат напад со нуклеарно или хемиско оружје, масовни цивилни жртви или анексија на украинска територија.

Западните земји беа успешни во фокусирањето на изборите во телата на ОН. За прв пат од создавањето на Детската агенција на ОН УНИЦЕФ во 1946 година, Русија во април не успеа да добие реизбор во одборот, како ни да ги задржи местата во одборите на други организации.

Меѓутоа, во Светската здравствена организација во мај, околу 30 земји, од кои половина од Африка, не се појавија на гласањето за украинската резолуција, поради што некои делегати, кои се појавија, се пошегуваа дека сигурно пропуштаат некоја забава.

„Она што најмногу нѐ збунува е идејата дека овој вид конфликт во суштина се охрабрува да трае бесконечно“, изјави за Ројтерс африкански дипломат, кој сакаше да остане анонимен, наведувајќи го западното снабдување на Украина со оружје и отсуството на вистински преговори за мирен крај на конфликтот.

Украина апелираше Русија да биде исклучена од Обединетите нации. Сепак, за таков чекор без преседан ќе биде потребна препорака на Советот за безбедност - која може да биде блокирана од Русија – а потоа и гласање во Генералното собрание.

Друга опција е да му се укинат овластувањата на претставникот на рускиот претседател Владимир Путин, но за тоа е потребна барем мнозинска поддршка во Генералното собрание.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе