Пред самитот на НАТО

Ројтерс: Србија притисната меѓу Западот и Русија

Францускиот претседател Емануел Макрон од октомври ја доведе во прашање ефикасноста на НАТО, го притисна копчето за пауза на проширувањето на Европската Унија и повика на ново „стратегиско партнерство“ со Русија.

Голем број земји имаат причина да му посветат внимание на неговиот дипломатски стил, но неговите зборови имаат посебен одек во Србија, оценува Ројтерс.

За Белград секое повлекување на Европа или на НАТО би можело да ѝ овозможи на Русија да го пополни просторот, со оглед на блиските политички, воени и економски врски на Москва со својот балкански роднина, вели агенцијата.

Ова веројатно би ги загрижило водачите на НАТО, кои на самитот во Велика Британија следната недела ќе разговараат за иднината на Алијансата, бидејќи Балканот, како и Балтикот, може да се смета како штит против влијанието на Москва.

„НАТО работи на унапредување на стабилноста, безбедноста и соработката на Западен Балкан“, рече еден функционер на НАТО. „Секое надворешно мешање во домашните демократски процеси е неприфатливо. Ја повикуваме Русија да се однесува исто“.

Ројтерс пишува дека во неодамнешниот случај на наводно мешање, српските разузнавачки агенции откриле докази дека руски шпиони врбувале поранешни припадници на српската армија. Потсетува дека руското Министерство за надворешни работи го намали значењето на извештајот и го опиша како провокација, додека српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека тоа нема да ги наруши односите меѓу двете земји.

Алармот во регионот се вклучи кон средината на октомври, кога Макрон одби да дозволи Албанија и Северна Македонија да почнат преговори со ЕУ.

Ројтерс додава дека Макрон е сè попретпазлив во однос на проширувањето на ЕУ, тврдејќи дека блокот треба да го разгледа скоро двојното зголемување во текот на изминатите 15 години, да го процени влијанието на излезот на Велика Британија и добро да размисли за критериумите што ги применува за потенцијалните членки.

„Србија веќе ги почна преговорите за членство, но сега ја чувствува острината на одбивањето на Макрон да им ја отвори вратата на другите“, пишува Ројтерс.

„Во исто време, додека скоро сите земји во регионот се приклучија или се на пат да влезат во НАТО, Србија останува надвор и ѝ е посветена на неутралноста, со сè уште свежо сеќавање на бомбардирањето на нејзината територија за време на војната во Косово во 1999 година“.

Ројтерс наведува дека Србија е членка на програмата Партнерство за мир на НАТО и дека учествува во вежбите на НАТО, но укажува и на односите меѓу српската и руската војска и технологијата што Москва ѝ ја дава на Србија.

Во коментарот се наведуваат процените на аналитичарите дека слабото владеење на правото во Србија ЕУ го смета за голем проблем.

„Она што е вознемирувачко за ЕУ не е толку Русија, туку околностите што ѝ овозможуваат на Русија да има влијание - недостиг од владеење на правото, недостиг од одговорност, заробување на државата, корупција“, рекол Димитар Бечев, соработник во Атлантскиот совет и експерт за руското влијание во регионот.

Во својата последна процена за напредокот на Србија во исполнувањето на критериумите за пристапување во ЕУ, Брисел ја истакна загриженоста поради корупцијата и поради тоа што Белград не е усогласен со ЕУ во казните воведени кон Русија.

Ројтерс проценува и дека иако Москва нема пари за да им парира на Кина или на ЕУ во трошоците и инвестициите во регионот, таа има значително влијание.

Голем адут е гасоводот „Турски тек“ за снабдување на Европа со руски гас, заобиколувајќи ја Украина, а кој треба да поминува низ Бугарија и Србија пред да стигне до Унгарија, Австрија, Германија ...

„Ова ја прави Србија клучна алка во Турски тек, слична на улогата што во снабдувањето на Европа со гас ја играше Украина пред почетокот на конфликтот со Русија“, се вели во анализата.

 

Пион на Москва во големата игра со Западот

Поранешниот воен дипломат и член на белградскиот Центар за надворешна политика, Милан Карагаќ, не смета дека Русија има големи планови стратегиски да ја искористи Србија, но смета дека Србија е „пион на Москва во нејзината голема игра со Западот“.

Ројтерс вели дека задачата на Србија е да остане во добри односи со Русија и да го убеди Брисел да стори сè што е потребно за да стане членка на ЕУ и да избегне отуѓување од НАТО.

Претставник на владата во Белград, кој сакал да остане анонимен, рекол дека Србија планира да ја одржи рамнотежата меѓу Русија и Западот.

„Ниту една земја или меѓународна организација не може да тврди дека сме под нејзино влијание“, рекол тој.

Без оглед на исходот, Србија ризикува да заврши како делче во поголемата геополитичка игра, која се забрза откако Макрон изрази сомнеж во НАТО и ги доведе во прашање капацитетите на Европа, вели британската агенција.

„Ако Западот се дистанцира од регионот, Русија има многу можности да ја искористи ситуацијата“, вели Бечев.

Од друга страна, ако Србија влезе во ЕУ, таа би можела да стане слична на Кипар или Унгарија, членки што имаат блиски врски со Москва.

„Србија ќе биде слаба или проруски настроена ако влезе во ЕУ, што исто така не е лош исход за Русија“, вели Бечев.

Навивачите на Шкендија, „балистите“, уште еднаш ќе навиваат против земјата во која живеат. Овојпат нивната поддршка ќе ја има Косово, кое на 26 март во Скопје ќе излезе на исклучително важен дуел против Македонија.

повеќе

Не ми се верува дека кај нас некој си одбор дебатирал и одлучувал за ова ребрендирање. Повеќе ми личи на пост-празнична летаргија.

повеќе

Потребна е промена на Законот за влада и на Изборниот законик, со која ќе се воведе правилото избор на автентична техничка влада која би владеела за време на изборниот процес, од распуштањето на парламентот до формирањето нова влада односно за време на изборната кампања.

повеќе