Ројтерс: Русија многу ветуваше со Спутник, а произведе малку

Претворањето на локацијата која во советско време била фабрика за автомобили во врвен погон кој ја произведува руската вакцина против ковид-19 Спутник V било едноставно.

EPA-EFE

Но производството дози во големи количества, наоѓањето квалификуван персонал и набавката на опрема им зададоа многу поголеми главоболки на московската биотехнолошка компанија Р-Фарм и на другите приватни руски компании кои ги одбра државата во борбата против пандемијата на коронавирусот.

Претседателот Владимир Путин ја промовираше вакцината низ целиот свет и во март кажа дека Русија потпишала меѓународни договори за производство на 700 милиони дози од вакцината Спутник V.

Но Русија до 12 мај произвела само 33 милиони дози од вакцината, а извезла помалку од 15 милиони, според листата на Ројтерс на која секоја вакцина се брои како две дози.

Руското производство е многу помало од стотиците милиони кои месечно ги произведуваат Фајзер и Астразенека.

Интервјуа со четворица произведувачи и две лица кои се вклучени во производниот процес на вакцината и рускиот снабдувачки синцир покажуваат колку е тешко да се направи Спутник V и да се зголеми производството.

Проблемите се предупредување за странските партнери – вклучувајќи ја Индија – кои планираат масовно производство на вакцината и оние земји кои зависат од Москва да ги снабди за програмите за вакцинирање.

Имајќи предвид дека Соединетите Американски Држави и европските земји се фокусирани на вакцинирање на домашното население, Русија понуди вакцини на повеќе од 50 земји, од Јужна Америка до Азија.

Но доцнењата со испраќањето на вакцини во тие земји им овозможуваат на Кина и САД да ја пополнат празнината.

Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), одговорен за маркетингот на вакцината во странство, кажа дека капацитетот за производство на Спутник V глобално се зголемува како се појавуваат нови произведувачи.

РДИФ за Ројтерс кажал дека планира да произведе доволно дози за вакцинирање на 800 милиони луѓе во 2021 година и дека „ја покажал својата силна посветеност на почитувањето на договорот за снабдување“.

Кажа дека стои зад понудата да се обезбедат дози за 50 милиони луѓе во Европската Унија. Русија се надева дека Европската агенција за лекови ќе ја одобри вакцината.

Новата фабрика на Р-Фарм од 27.000 квадратни метри во преградие на Москва има над 200 биореактори кои ги одгледуваат клетките кои ќе ја сочинуваат вакцината.

Р-Фарм процесот го учел од почеток, а управувањето со биореакторите бил како работа „на слепо“, кажа извршниот директор Алексеј Репик за Ројтерс.

„Производството на вакцината трае околу месец до месец и пол за секоја серија“, кажа тој. „Потоа треба да го споредите излезот со референтниот примерок. Ако одговара, имате среќа. Ако не, го истурате производот што сте го направиле“.

Компанијата се бори и со глобалниот недостиг на опрема и сировини.

Р-Фарм на почетокот се подготвувал за 10 милиони дози месечно, но до крајот на март сè уште не произвел милион дози. Процесот на одгледување на клетките почнал во ноември, но новата фабрика за тоа не е официјално отворена.

Произведувачите кои ги контактирал Ројтерс кажале дека вакцината е особено тешко да се произведе бидејќи е дизајнирана како векторска аденовирусна вакцина.

Векторите се модифицирани човечки вируси на настинка кои се користат за пренос на генетските информации во телото кои го придвижуваат градењето на имунитетот.

За разлика од другите вакцини против аденовируси, првата и помошната доза на Спутник V, земени во период од 21 ден, се состојат од два различни вектори, а првата доза полесно се произведува од втората.

„Производот е доволно тежок и всушност мора да направите два различни лека“, кажа извршниот директор на Биокад Дмитриј Морозов, чија компанија исто така го произведува Спутник V.

Како одговор на прашањата, РДИФ кажа дека двете компоненти на руската вакцина се произведуваат и испорачуваат на време.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Kога веќе треба да се држи комбинирана настава, колку и да е комплицирана таа „равенка“, во неа не смее да се забораваат децата кои учат онлајн.

повеќе

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе