Републиканците почнуваат да се дистанцираат од Трамп

Додека се намалуваат шансите Трамп да победи на изборите, некои републиканци почнуваат да се дистанцираат од неговата судбина, повикувајќи ги гласачите да ги изберат како контрола над администрацијата на Џо Бајден.

Фото: ЕПА

Во борбата за зачувување на контролата над Сенатот, дури и Трамповите лојалисти ги нервира прашањето колку силно го поддржуваат претседателот.

Кампањите за изборите во Сенатот, кои долго време се фокусираа на избор на кандидати што ќе му бидат лојални на Трамп, сега содржат помрачна порака за републиканските гласачи, под претпоставка дека Трамп повеќе нема да биде претседател.

„Ако го изгубиме Сенатот, повеќе нема да има заштитен ѕид што ќе ги спречи демократите да го спроведуваат својот армагедонски план за назначување активистички судии и додавање на четири нови демократи во Сенатот, давајќи им статус на федерална држава на Вашингтон (област Колумбија) и Порторико“, се вели во апелот за собирање средства за Конзервативниот фонд за Сенатот.

„Не можеме да дозволиме тоа да се случи“, додаде тој.

Секоја сојузна држава има двајца сенатори во Сенатот, без оглед на бројот на жители, додека во Претставничкиот дом, најнаселената Калифорнија има 53 претставници, а седум држави имаат по само еден претставник.

Лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Меконел, кој е претставник на Кентаки, инаку еден од поверните сојузници на Трамп, оваа недела изрази попретпазлив став за прашањето за пандемијата на коронавирусот отколку Трамп.

„Мојот впечаток е дека нивниот пристап (...) е различен од мојот и од она што предложив да го правиме во Сенатот, односно да носам маска и да ја почитувам дистанцата“, рече Меконел (78), кој оваа година се бори за нов сенаторски мандат.

Долгогодишниот републикански сенатор од Тексас Џон Корнин го критикуваше Трамп за потценување на опасноста од коронавирусот, додека бараше поддршка од Хјустон кроникл.

На крајот, весникот, иако во минатото го поддржуваше Корнин, ја поддржа демократката Ем Џеј Хегар.

Дистанцирањето од Трамп потсетува на републиканската стратегија од 2016 година, кога многу високопозиционирани републиканци мислеа дека ќе загубат, а сличен феномен беше забележан и во 1996 година, кога републиканскиот кандидат сенаторот Боб Дол имаше значително помала поддршка од Бил Клинтон.

И во двата случаи, републиканците избегнуваа да го критикуваат својот претседателски кандидат, но им рекоа на гласачите дека треба да се задржат републиканците во Конгресот за да можат да ја контролираат демократската влада.

„Мора да аргументирате дека, ако биде избран Бајден, нема да има кочници“, со Конгрес контролиран од демократите, рече поранешниот републикански конгресмен Том Дејвис.

„(Демократите) ќе почнат да прават глупави работи како именувања во Врховниот суд“, додаде Дејвис, кој беше на чело на републиканскиот предизборен комитет во Претставничкиот дом од 1998 до 2002 година.

Дејвис вели дека ги повикал републиканските лидери да ја следат таа стратегија претходно оваа година, за да можат републиканските кандидати на изборите да ја добијат поддршката на републиканците што не му се наклонети на Трамп.

Пред четири години, повеќе републикански огласи во изборите за Конгресот предупредуваа дека Хилари Клинтон ќе стане претседател и дека е најдобро земјата да ја ограничи нејзината радикална агенда со избор на републикански конгресмени.

Еден од најжестоките поборници за ваквата стратегија беше сенаторот од Јужна Каролина Линдзи Греам, тогаш критичар на Трамп, а подоцна и негов голем поддржувач.

Сега Греам е кандидат на изборите, кои би можеле да ја прекинат неговата 18-годишна кариера во Сенатот, па повторно предупредува на апокалипса доколку победат демократите.

Во дебатата со демократскиот противкандидат Џејми Харисон тој предупреди дека „кошмарно сценарио“ е победата на Бајден и демократската контрола над Претставничкиот дом и Сенатот.

„Бог да ни помогне на сите... Најлибералната агенда во историјата на американската политика тогаш се прелева од Претставничкиот дом во Сенатот“, рече тој.

Демократите во моментов го контролираат Претставничкиот дом, а републиканците го контролираат Сенатот.

Споменатиот Меконел, во интервју за радио кон средината на септември, без да го спомене Трамп, имплицираше дека по изборите во ноември, тој ќе биде најважниот републиканец во Вашингтон, кој ќе ја брани земјата од прогресивната демократска агенда.

Слично неодамна во дебата со противкандидатот порача и Марта Мексали, републиканска сенаторка од Аризона, чија позиција е една од најзагрозените на овие избори.

Во трендот се приклучи и сенаторот од Флорида, Марко Рубио, чиј мандат трае до 2022 година.

„Џо Бајден и Камала Харис веќе одлучија да го исполнат нашиот врховен суд со политикантски, либерални судии“, а тие ќе го „игнорираат нашиот Устав“, се вели во објавата на Руби на Фејсбук.

„Потребно ни е мнозинство во Сенатот за да ги спречиме“, рече тој.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе

Време е да се слушнат мислењата на 30-те компании кои најдобро се справуваат со кризата.

повеќе

Мицкоски треба да побара собраниска расправа за односите со Бугарија или во перцепцијата на јавноста ќе биде изедначен со Заев. Лидерските средби не се институционална форма.

повеќе