Според експертите

Разорната експлозија во Бејрут еднаква на моќта на неколку стотици тони ТНТ (ВИДЕО)

Експлозијата во пристаништето во Бејрут во вторникот ја уништи либанската престолнина, ги оштети зградите, уби повеќе од стотина луѓе, а повредени се уште илјадници.

Луѓето снимија видеа на кои е прикажан експлозивниот бран и огромен црвен облак што некои го споредуваа со облакот-печурка од нуклеарното оружје.

Точната причина за експлозијата е нејасна, но во фокусот на истрагата е магацин што неправилно складирал 2.750 тони амониум нитрат.

Експлозијата е регистрирана како земјотрес со јачина од 3,3 степени, а ефектите од неа се почувствуваа со километри од местото на експлозијата. Експертите за Бизнис инсајдер велат дека експлозијата во Бејрут веројатно ја имала експлозивната моќ на неколку стотици тони ТНТ.

Џефри Луис, експерт за нуклеарно и конвенционално оружје во Институтот за меѓународни студии Мидлбери во Калифорнија, оцени дека силата е „помеѓу 200 и 500 тони, од аспект на штетата од експлозијата, ударниот бран, сеизмичките сигнали и големината на кратерот“.

Толкавата експлозивна сила е за најмалку две магнитудни класи поголема од експлозијата на ГБУ-43/Б МОАБ (со прекар „Мајка на сите бомби“), најмоќното ненуклеарно оружје во арсеналот на САД со експлозивна моќ од околу 11 тони.

Оружјето првпат беше употребено во борба во април 2017 година против Исламска држава во Авганистан.

Експлозијата во Бејрут беше толку моќна што некои набљудувачи стравуваа дека градот доживеал некаков вид нуклеарна детонација, страв поттикнат од облакот во форма на печурка што се извиваше над местото по експлозијата.

Гувернерот на Бејрут ја спореди ужасната експлозија во вторникот со атомските бомби што ги уништија јапонските градови Хирошима и Нагасаки за време на Втората светска војна.

„Во целиот мој живот немам видено олку големо уништување“, рече тој.

Со експлозивна моќ од неколку стотици тони, експлозијата во Бејрут би била десетина пати помалку моќна од атомската бомба што ја уништи Хирошима, која имаше проценета моќ од околу 15 килотони.

Експлозивната моќ, сепак, би можела да се спореди со нуклеарната гравитациска бомба со најмала моќ Б61, за која се верува дека има експлозивна моќ од околу 300 тони.

Некои експерти ја проценија експлозивната моќ на она што се случи во Бејрут на еден до два килотони, што потенцијално би ја направило експлозијата помоќна од некои помали американски тактички нуклеарки.

„Споредбата завршува тука“, рече Ханс Кристенсен, експерт за нуклеарно оружје од Федерацијата на американски научници, за споредбата на експлозијата во Бејрут со нуклеарна експлозија, и укажа на неофицијалните процени на моќта од експлозијата на неколку стотици тони.

„П-бранот [на притисок] би бил многу побрз, бидејќи ослободувањето на енергијата од неконтролирана верижна нуклеарна реакција е многу побрзо од ослободувањето на енергијата од хемиска експлозија“, рече тој, дообјаснувајќи дека ќе имало и интензивно зрачење, што ги вклучува и непосредното зрачење од експлозијата и од остатоците од детонирањето нуклеарно оружје на тлото.

Амониум нитратот за кој се смета дека ја предизвикал масовната експлозија, која предизвика широко распространето уништување, при што загинаа повеќе од 100 луѓе, а дури 5.000 повредени, е конфискуван од товарен брод пред неколку години, јавија либанските власти.

Супстанцијата, обично ѓубриво, е високоексплозивен материјал што е дел од голем број разорни експлозии.

На пример, огромната експлозија во 2015 година во Тијанџин, Кина, во која загинаа повеќе од 160 луѓе, меѓу кои и 99 пожарникари, а беа оштетени над 300 згради, делумно беше предизвикана од 800 тони амониум нитрат, а во експлозијата во градот Тексас од 1947 година, во која загинаа над 500 лица, беа детонирани 2.300 тони од таа супстанција.

По уништувањето на Бејрут над 300.000 лица станаа бездомници во време кога земјата се бори како со финансиски, така и со политички проблеми.

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да покаже демократски капацитети и зрелост очекувана од граѓаните

повеќе

Historia magistra vitae est (Историјата е учителка на животот). Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.

повеќе