Се редат скандали

Разединетото Кралство е резултат на непромислена политика

И покрај успешната кампања за вакцинација против ковид-19 и фактот дека наближува целосното укинување на ограничувањата на движењето, британскиот премиер Борис Џонсон беше цел на жестоки критики поради низата скандали, само неколку дена пред клучните избори во Шкотска.

Фото: ЕПА

Скандалите се редат, почнувајќи од тврдењето дека тој рече дека попрво „ќе остави телата да се трупаат во илјадници“ отколку што ќе воведе нов карантин, сѐ до официјалната истрага за тоа како точно платил за реновирањето на својот стан на Даунинг стрит.

Неговиот поранешен главен советник, Доминик Камингс, неодамна изјави дека планот на Џонсон „донаторите тајно да го платат реновирањето е неетички, глупав, веројатно незаконски и скоро сигурно ги прекршува правилата за пријавување политички донации“.

Владините функционери веруваат дека Камингс, незадоволен откако мораше да ја напушти владата во ноември, подготвува одмазда, непосредно пред парламентарните избори во Шкотска. Очигледно, тој успева во тоа, бидејќи последниве денови скандалите го одвлекуваат вниманието од најголемиот успех на Џонсон откако дојде на власт - кампањата за вакцинација.

Сепак, според Си-ен-ен, Џонсон најтешкиот удар би можел да го прими во Шкотска. Иако е свесен дека скоро и нема шанси гласачите таму да изберат парламентарно мнозинство што не се залага за независност, клучното прашање е колку тешко ќе изгубат унионистичките партии, вклучително и неговите конзервативци.

Со брегзитот Шкотска и Северна Ирска излегоа од Европската Унија против своја волја, а шкотските гласачи ќе го покажат своето незадоволство на изборите на 6 мај, први по официјалното излегување на Обединетото Кралство од блокот.

Иако на Џонсон реално не му требаат шкотските гласови за да победи на парламентарните избори, секое зголемување на барањата за независност е крајно понижувачко за човекот што самиот си ја даде титулата „министер за унија“.

Шкотската премиерка Никола Стурџон долго време тврдеше дека дошло до „материјална промена“ во државните околности, која го оправдува вториот референдум за независност на Шкотска. Оттогаш поддршката за независност е зголемена и Стурџон на изборите во мај ќе се обиде да добие мандат за свикување втор референдум.

Благодарение на брегзитот, движењето за независност во Шкотска доби нови гласачи. „Движењето за независност повеќе не вклучува само членови на работничката класа и борци против естаблишментот, туку сега е политички дом за многу богати шкотски гласачи што гледаат кон иднината“, изјави за Си-ен-ен службеник на СНП, коментирајќи ја зголемената поддршка по брегзитот.

„Во 2014 година ториевците им рекоа на Шкотите дека 'не' за независност е единствената гаранција за државјанство во ЕУ. Сега, ние сме партија на одговорниот глобален граѓанин“, рече политичарот на СНП.

Си-ен-ен потсетува дека за да стане Шкотска независна, Џонсон би морал да се согласи на референдум, како што беше случајот во 2014 година, кога Шкотите со разлика од 10% гласаа за останување во Велика Британија.

Џонсон досега одбиваше втор референдум, потсетувајќи ја Шкотската национална партија (СНП), која доминира во шкотската политика, дека во 2014 година се согласила референдум да се одржува еднаш во генерација. Сепак, по брегзитот станува сè потешко да се игнорираат барањата на индипендентистите, а доколку Шкотска некогаш реши да го напушти Обединетото Кралство, компликациите се неизбежни.

„Во случајот на брегзит, процесот се одвиваше според процедура утврдена во членот 50 од Повелбата на ЕУ. Во Уставот на Велика Британија нема еквивалентен процес“, рече Никола Мекеваб, професор по територијална политика на Универзитетот во Единбург.

Ова значи дека во случај на изгласување независност, владата на Велика Британија и шкотската влада ќе мора да создадат преговарачка рамка, а Шкотска мошне извесно ќе се обиде да се врати во ЕУ.

За Џонсон, кој важи за водач на кампањата за брегзитот и самоназначен бранител на Обединетото Кралство, тешко дека може да има поголемо понижување од тоа Шкотска да го напушти Кралството и да се врати во европскиот блок. Иако е покомплицирано отколку што велат шкотските индипендентисти, можно е процесот да им го олесни анимозитетот што постои во ЕУ кон човекот што својата кариера ја изгради од создавањето хаос во Брисел.

Аналитичарите посочуваат дека за време на преговорите за брегзитот, Џонсон упорно го занемарувал прашањето за границата со Ирска, деликатната поделба на власта и кревкиот мировен договор во Северна Ирска. Како резултат на тоа, минатиот месец на улиците на Белфаст беа видени глетки на тинејџери што палат автомобили, потсетувајќи на насилството од минатото.

Во средината на минатиот месец беше објавено истражување дека референдумот за излегување на Северна Ирска од Велика Британија би пропаднал доколку би се одржал сега, но повеќето испитаници изјавија дека веруваат дека регионот ќе ја напушти Велика Британија во следните 25 години.

Со мировниот договор од 1998 година му се стави крај на триесетгодишното насилство меѓу католичките ирски националисти, кои сакаа повторно обединување со Ирска, и протестантските унионисти, кои сакаа да останат во Велика Британија.

Според тој договор, британската влада може да распише референдум за излегување на Северна Ирска од Велика Британија ако се процени дека мнозинството е „за“.

Џонсон минатиот месец за Би-би-си изјави дека нарачал истражување на јавното мислење и дека такво гласање не очекува уште „долго, долго време“.

Истражувањето што го нарача Би-би-си покажа дека во овој момент 43% од гласачите во Северна Ирска би гласале за напуштање на Велика Британија, додека 49% би гласале за останување, а 8% се неодлучни. Нешто повеќе од 51 процент од испитаниците изјавиле дека веруваат дека Северна Ирска за 25 години нема да биде дел од Кралството.

Ројтерс наведува дека аналитичарите предвидуваат дека повисокиот наталитет кај католичките ирски националисти ќе ја промени рамнотежата на силите во рок од една генерација.

Некои членови на владата на Џонсон, според медиумите, изразуваат загриженост дека несовесните постапки на овој унионист, кој се обиде да ја обедини нацијата по брегзитот, може да предизвикаат низа настани што може да резултираат во распаѓање на Велика Британија.

Колумнистот на Гардијан Џон Харис вели дека склоноста на Џонсон да ја искористи секоја шанса да ја сведе политиката на апсурд, без доследност со многу пресврти и кризи, е една од главните причини зошто Обединетото Кралство е разнишано до работ на распадот. Харис пишува дека Џонсон лекомислено гледа на сите договори и на ситуацијата во Северна Ирска, што е јасен показател за опасноста што демне кога ваквите кревки прашања ќе им ги доверите на луѓе чија несериозност не е само токсична, туку и крајно деструктивна.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе