Некои членки бараа реформа на регулативата, други се цврсто против

Раздор во ЕУ околу реакцијата на растот на цените на енергенсите

Државите на Европската Унија не успеаја да се договорат за заедничка реакција на растот на цените на енергенсите на вчерашната вонредна средба на ресорните министри, а одделни членки побараа реформа на регулативата додека други цврсто се спротивставија на тоа.

EPA-EFE

Цените на гасот во Европа достигнаа рекордно ниво оваа есен и уште се екстремно високи, поради што повеќето држави од ЕУ реагираа со вонредни мерки како ограничување на растот на цените и давачките за да помогнат во намалување на сметките на потрошувачите.

Државите, меѓутоа, се обидуваат да се договорат за долгорочен план за да се заштитат од варирањето на цените на фосилните горива, што според Шпанија, Франција, Чешка и Грција бара поголема реформа на начинот на кој функционираат енергетските пазари во ЕУ.

„Нема усогласена позиција за тоа дали интервенционистичките мерки треба да бидат усвоени на ниво на ЕУ и применети во сите држави членки“, кажа по состанокот словенечкиот министер за инфраструктура Јернеј Вртовец, чија земја претседава со ЕУ.

Шпанија вчера се залагаше за тоа ЕУ државите заедно да купуваат гас и предложи на државите поединечно да им се овозможи да излезат од актуелниот систем на ЕУ за одредување на цените на електричната енергија.

Тие предлози наидоа на отпор на други држави, кои сметаат дека не треба да се менуваат енергетските закони како одговор на, како што тврдат, краткорочниот скок на цените.

Девет држави, вклучувајќи ја Германија – најголемата економија и пазар на струја – издадоа заедничко соопштение пред вчерашната средба во кое наведоа дека нема да поддржат реформа на ЕУ пазарот на струја.

„Тоа нема да биде решение за ублажување на сегашниот раст на цените на енергенсите поврзан со пазарот на фосилни горива“, наведоа земјите во соопштението.

Европската комисија го анализира дизајнот на европскиот пазар на струја и ги собира податоците за однесувањето на снабдувачите со гас откако одделни земји обвинија дека руски Газпром манипулира со пазарот за да пораснат цените.

Портпаролот на комисијата соопшти дека Брисел испратил прашалници „со намера да утврди дали актуелната ситуација на пазарите на гас во Европа е резултат на комерцијалното однесување на пазарните учесници“.

Комисијата ќе ги утврди и предностите и маните на заедничкото купување гас на ниво на ЕУ.

„Доста теми треба да се разгледаат – кој ќе ги плати трошоците за набавка и чување на гасот, како гасот ќе биде транспортиран од различни региони“, кажа еврокомесарката за енергија Кадри Симсон.

Таа додаде дека е во контакт со властите на САД, Норвешка и Катар околу актуелниот недостиг од гас за да обезбеди дополнителни количества. Таа не ја спомна Русија.

Во понеделникот високиот американски советник за глобалната енергетска безбедност Амос Хоштајн кажа дека американската влада не се меша во работењето на компаниите и дека само Русија може да ѝ помогне на Европа.

Клод Турмес, министер за енергетика на Луксембург, кажа дека Шпанија е „премногу оптимистична кога тврди дека заедничката набавка би ја решила кризата“.

На помалку од седум дена пред меѓународниот самит за климатските промени КОП26, растот на цените на енергенсите предизвикува тензии меѓу членките на ЕУ додека се подготвуваат да преговараат за низа нови политики за сузбивање на климатските промени, вклучувајќи и поголеми даночни стапки за загадувачките горива.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан минатата недела ги отфрли овие планови како „утописка фантазија“, што е спротивно на ставовите на другите држави кои тврдат дека повисоките цени на фосилните горива би требало да предизвикаат побрз премин на локално произведена обновлива енергија со ниска стапка на емисии на штетни гасови.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе