Повеќето членови на тимот на Бајден работеа во администрацијата на Обама

Раскин со доктрината „Америка на прво место“

Со изборот на луѓето кои ќе бидат членови на неговиот тим за државна безбедност и надворешна политика новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави Џо Бајден јасно покажа намера дека сака да расчисти со доктрината „Америка на прво место“ на администрацијата на Доналд Трамп.

EPA-EFE

Изборот на кандидатите чии имиња беа објавени во понеделникот, од кои повеќето беа во администрацијата на Барак Обама, навестува враќање на потрадиционалниот пристап на американските односи со остатокот на светот и ги одразуваат ветувањата на Бајден дека неговиот кабинет ќе ја одразува разноликоста на американската популација.

Со изборот на надворешнополитичките ветерани Бајден, според агенцијата Асошиејтед прес, се обидува да ја прекине Трамповата војна против таканаречената „длабока држава“ која предизвика егзодус на професионалните дипломати од владата. Бајден ќе го номинира својот долгогодишен советник Ентони Блинкен за државен секретар, кубанско-американскиот правник Алехандро Мајоркас за секретар за национална безбедност, Афроамериканката Линда Томас Гринфелд за амбасадорка во Обединетите Нации, Џејк Саливен за советник за национална безбедност и поранешниот државен секретар Џон Кери за претставник за климатските промени.

Европските аналитичари и известувачи сметаат дека ваквиот избор укажува и на враќање на мултилатерализмот и почитувањето на правилата на светските организации. Меѓутоа, наведуваат и дека клучните напори на Вашингтон ќе бидат насочени на тоа економски и безбедносно САД во Азија да се „фатат во костец“ со Кина, со исто така поостра политика кон Русија и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Британски Гардијан пишува дека додека досегашниот шеф на американската дипломатија Мајк Помпео за време на мандатот остана пред сè домашен политичар кој повеќето интервјуа ги даваше за конзервативни радиостаници во Америка, Блинкен е роден интернационалист, кој завршил студии во Париз, на Харвард и универзитетот Колумбија во Њујорк, а татко му бил амбасадор во Унгарија. Блинкен беше заменик советник за национална безбедност на Обама, член на тимот на Советот за национална безбедност на претседателот Бил Клинтон, како и шеф на тимот на Бајден додека тој беше лидер на сенатскиот одбор за надворешна политика. Заедно со Саливан, Блинкен му помогна на Бајден да ја смисли стратегијата која вклучува брзо обновување на односите со сојузниците и демонстрирање спремност за заедничка соработка околу големите глобални проблеми како пандемијата и економската криза.

Бајден вети дека САД повторно ќе ги врати во нуклеарниот договор со Иран доколку Техеран покаже дека ги исполнува своите обврски, како и во Парискиот климатски договор и дека ќе се откаже од плановите за напуштање на Светската здравствена организација.

Најпознатиот во тимот на Бајден е веројатно Џим Кери, на кого климатските промени му беа еден од најголемите приоритети кога ја вршеше должноста државен секретар во администрацијата на Обама. „Америка наскоро ќе има влада која климатската криза ја третира како итна национална безбедносна закана“, кажа Кери. „Горд сум што ќе му бидам партнер на новоизбраниот претседател, на нашите сојузници и младите лидери на климатското движење и што како претставник на претседателот за климата ќе се бавам со овој проблем“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе