Разменија навреди

Рама и Вулин со кавга за ослободителите, злосторниците и „голема Албанија“

Албанскиот премиер Еди Рама изјави во Тирана дека припадниците на поранешната Ослободителна војска на Косово (УЧК) биле ослободители, дека етничкото чистење на Косово го извршила војската на Југославија и дека „убијците се наоѓаат во Белград“.

EPA-EFE

„Што се однесува до УЧК, тие се ослободители, а не убијци. Убијците се во Белград. Тие не можат да го сменат едноставниот факт: Косово не ја нападна Србија. Не го отворија патот за етничкото чистење косовски тенкови. Беа тоа војниците на (тогашниот српски лидер) Слободан Милошевиќ. Редовна војска која беше употребена за силување и етничко чистење“, кажа Рама, а пренесе косовски Зери.

Рама кажа дека се „згрозил“ кога сфатил дека не е шега изјавата на министерот за одбрана на Србија Александар Вулин, во која за Албанците го употреби терминот „Шиптари“, дека само обединети Србите можат да спречат создавање на „голема Албанија“.

Албанскиот премиер кажа и дека се „згрозил“ и кога сфатил дека „постои можност изјава на еден член на влада во 2020 година да дојде од толку разуздана уста и толку мрачен ум“.

Рама преку Твитер го праша претседателот на Србија Александар Вучиќ дали изјавата на Вулин е вистинска или станува збор за шега, повикувајќи го недвосмислено да го осуди ако не е шега.

Со таа порака до Вучиќ, Рама прикачи и принтскрин од интернет страница на министерството за одбрана на Србија на која се наоѓа изјавата на Вулин дека „Албанците можат да се обединат и да грабаат и туѓи територии“ со премолчена поддршка од Европската Унија, а дека „Србите не можат да бидат обединети дури ни на својата земја“.

Вулин реагираше, кажувајќи дека Рама не би се обидувал да направи „голема Албанија“ ако „има мозок“, дека не би се сликал под знамето на „голема Албанија“ ако „има памет“, а „ако се грижи за мирот во регионот“, тој „не би ги фалел убијците од таканаречената УЧК и не би се обидувал да одреди кој ќе владее со Црна Гора“.

Министерот за одбрана на Србија реагираше и на изјавата на Рама за ослободителите и злосторниците, кажувајќи дека „премиерот на земјата во која се наоѓа Жолтата куќа, каде на Србите им ги ваделе органите и ги продавале, би морал да биде многу повнимателен и да ги бира зборовите кога зборува за злосторници“.

„Јас мислев дека Еди Рама денес отвори уста за да го осуди обидот за убиство на српските деца во училиште во Доња Брњица. Наместо тоа, тој ги фали и брани убијците и терористите од таканаречената УЧК“, кажа Вулин.

Вулин наведе дека „премиерот на земјата која ги поддржува убијците од таканаречената УЧК би морал да клечи на колена и да бара извинување од убиените српски деца пред да бара нему некој за што било да му се извини“, пренесе министерството за одбрана на Србија.

„Не знам зошто го напаѓаат Еди Рама во Албанија, но знам дека во Србија никој нема да го нападне ако конечно каже дека е против тоа Шиптарите да се обединат во „голема Албанија“ и да растурат уште три или четири држави на Балканот за тие да ја создадат својата. Во Србија никој нема да го нападне кога конечно ќе посака мир, а до тогаш, ми се гади од човек кој создава „голема Албанија“, а зборува за мир“, кажа Вулин.

Рама претходно кажа дека во Србија го обвинуваат дека работи за „голема Албанија“, а дека „албанските екстремисти во Приштина“ го обвинуваат дека работи за „голема Југославија“.

„Бев многу јасен. Регионалниот Шенген ги поставува четирите услови на Европската Унија. Првиот услов е слобода на движење преку границите. Сакаме да ја тргнеме границата и со Србија, а албанските екстремисти не го сакаат тоа. Цел им е денес да бидат заложници во канџите на минатото“, кажа Рама.

Расправата и заемната размена на навреди на Вулин и Рама почна откако албанскиот премиер во четвртокот, на заедничката седница на владите на Албанија и Косово во Тирана, кажа дека амбиција на двете влади е отстранување на границата меѓу Албанија и Косово.

Рама тогаш кажа и дека пристаништето Драч ќе стане стратегиска точка, заедничка за двете земји – Албанија и Косово.

Вулин тогаш оцени дека Рама „продолжува со работата на создавање голема Албајија со изјавата дека (албанското) пристаниште Драч ќе биде косовско“. Српскиот министер процени дека „Европската УНија, како и секогаш до сега, ќе молчи“ и дека „нема да преземе ништо“, а дека Албанците, кои ги нарече под навредливото име, „можат да се обединат и да грабаат туѓи територии, додека Србите обединети во една држава се закана за мирот“.

Таа изјава на Вулин, објавена во петокот на сајтот на министерството за одбрана на Србија, беше посреден повод косовската министерка за надворешни работи Мелиза Харадинај со отворено писмо да се обрати до западните земји.

Таа тоа првенствено го направи поради изјавата на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, кој во понеделникот го постави реторичкото прашање: „Што да се прави со Србите кои укажуваат на локациите на масовни гробници на Албанци во Србија?“

Харадинај во писмото негодуваше поради, како што наведе, целосната рамнодушност на меѓународните претставници на „срамниот јазик“ кон жртвите и семејствата на жртвите на последната војна на Косово и Вулиновото „кеснофобно ословување“ на Албанците.

Изјавите на двајцата министри на српската влада Харадинај во писмото ги оцени како „шовинистички и срамни“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Како што тргнало, на крај, кога ќе го оствариме сонот и конечно ќе влеземе во ЕУ, ќе бидеме нација X, со јазик Y, со националност Z? Кој ќе се радува на тоа?

повеќе

Зошто да не му веруваме на лидерот кој е на чело на колоната запатена кон ЕУ?

повеќе

Логиката е кога веќе се успеа со Преспанскиот договор, кога веќе отстапката е потпишана, зошто да не се направи тоа и со Бугарија.

повеќе