Блумберг

Путиновата војна си дојде дома во Русија

Таканаречената „делумна мобилизација“ што Владимир Путин ја објави минатата недела за неколку дена го промени карактерот на војната во Украина за Русите. А со сите претстојни сцени на нереди и немири во самата Русија, влијанието на мобилизацијата наскоро ќе го промени карактерот на војната и за Украинците.

Фото: ЕПА

Помалку од една недела од мобилизацијата, тешко е да се каже дали таа е навистина „делумна“ или општа, пренесува Вашингтон пост колумна на Блумберг. Во указот на Путин видно недостига еден параграф - точката 6 е веднаш проследена со точка 8. Според прес-секретарот на Путин, Дмитриј Песков, доверливата точка 7 се однесува на бројот на луѓето што треба да се мобилизираат. Министерот за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека тоа се 300.000 луѓе, а Песков ги негираше медиумските извештаи дека реалната бројка во указот е 1 милион или 1,2 милиони луѓе - но отсуството на прецизна бројка најдобро ја отсликува ситуацијата на теренот.

Путин во своето обраќање до нацијата на 21 септември рече дека ќе бидат повикани само луѓе што служеле задолжителна војска, што имаат вештина што е во недостиг (како што е обука за артилерија или тенк) и, по можност, борбено искуство. Меѓутоа, набргу се покажа дека локалните регрутни центри добиле квоти и многу од нив побрзале да го зграпчат секој човек што го дофатиле за да не бидат обвинети за недоволна ревност. Тоа значеше повикување на лица со лоши здравствени состојби, луѓе што никогаш не служеле војска, што се премногу стари – над 40 – за да се борат. Во некои области, поканите за регрутирање биле доставени среде ноќ, а од примателите се барало да се појават во центарот за регрутирање следното утро. Во републиката Дагестан во Северен Кавказ, неселективната мобилизација предизвика немири и судири со полицијата. И во источен Сибир, локален жител го застрела и тешко го рани службеникот задолжен за локалната регрутација – наводно затоа што повикал пријател на пукачот што не ја имал извршено ни задолжителната воена служба.

Екстремно десничарските активисти и пропагандистите на Кремљ водат кампања против таквите „испади“, вели Блумберг. Шефицата на пропагандистичкиот канал РТ, Маргарита Симонјан и водителот на емисијата во ударните термини, Владимир Соловјов, им ги понудија своите канали на Телеграм на оние што сакаат да пријават нерегуларности во мобилизацијата и објавија резимеа на некои екстремни случаи. Идејата е да се создаде привид на „одговор на граѓанското општество“ - во отсуство на вистинско граѓанско општество - за да се спречи мобилизацијата да се претвори во хаотично собирање на сите мажи што имаат две раце, две нозе и доволно сила да кренат калашников. А сепак, дури и ако овој потфат значи дека некои неискусни или болни мажи нема да бидат повикани во војска, тоа нема да ги промени мотивите на Кремљ за мобилизирање или да ја поправи неефикасноста на руската војска - и двата фактори што бараат мобилизацијата само на хартија да биде „делумна“.

Мотивите не се само надополнување на десеткуваните армиски единици. Речиси неизбежно, мобилизацијата означува транзиција од она што Путин го нарече „специјална воена операција“ кон целосна војна, а можеби во блиска иднина и официјално објавена војна. Нарекувањето на војната со вистинското име му дава на Кремљ некои предности што неговите екстремно десничарски критичари ги посочуваат со месеци.

Најголемата од нив е ангажирањето и вложувањето на руското население во исходот на авантурата во Украина. Путин го загуби својот првичен адут - својата професионална војска и преправањето, за доброто на мнозинството Руси, дека не се случува ништо необично. Сега, тој треба брзо да генерира масовен ангажман - и покрај сиот страв и вознемиреност што ги предизвика мобилизацијата, тој најверојатно ќе ја постигне таа цел, колку што воопшто е изводливо.

Точно, бидејќи Путин не ги затвори границите додека ја најави мобилизацијата, мажите што не сакаа да бидат испратени во Украина ги преплавија граничните премини со Казахстан и Грузија, земји што им дозволуваат на Русите да влезат без визи. Навистина, се чини дека Путин одлучил да не ги задржува оние што најжестоко не сакаат да служат. Идејата би била да се задржат само оние мажи на кои или не им пречи да бидат повикани да ја „бранат татковината“ - претходно пасивна, но во суштина патриотска група - или што од неизвесноста на емиграцијата се плашат повеќе отколку што се плашат да бидат убиени или осакатени во војна.

Некои од овие мажи можеби не се способни за служба или првично не сакале да се борат, но може да се смета на нив за да се постигне одредена кохезија на целта - и еден вид Стокхолмски синдром. Дури и оние што никогаш не сонувале дека наскоро ќе волонтираат во војната, ќе ги обвинат Украинците, наместо сопствената земја или лично Путин, за својата неволја - и ќе направат сѐ што треба за да преживеат. Покрај тоа, откако беше објавена мобилизацијата, Русија дефинитивно стана земја што е во војна. Да не се бориш за својата земја - дури и кога е толку длабоко во погрешна како Русија денес - за многу Руси е краен кукавичлук. Како што објасни Давид Нуриев, рапер познат како Птаха, на прашањето дали ќе се бори ако го повикаат, „Јас нема да бидам слабата алка“. Тој би се борел за своето семејство и својот дом, рече, „не за нешто од овие глупости“ - што значи, очигледно, не за заплетканото објаснување на Путин за тоа зошто Русија ја нападна Украина.

Кремљ се надева дека ќе профитира од таквите чувства, искористувајќи ја приврзаноста кон Русија, чувство дека ако таа изгуби, загубата ќе биде и лична. И ако таа приврзаност, не толку вештините или професионализмот, е главниот критериум за селекција, мобилизацијата е само „делумна“ додека не се исцрпи квотата на луѓе што ја исполнуваат.

Дури и ако Кремљ всушност ги бараше најдобро обучените резервисти, сепак, машината за мобилизација немаше да може да даде резултат. Десничарските Телеграм-канали пренесуваат информации за резервисти што бесцелно талкаат меѓу воените единици откако биле мобилизирани, за обиди на воените команданти да ја конфискуваат опремата што регрутите ја носат со себе, за делење 'рѓосани калашникови, за недостиг од вистинска обука на полигоните. Се чини дека некои луѓе биле распоредени во близина на првите линии на фронтот неколку дена откако биле регрутирани. Евиденцијата на регрутните центри е слаба од крајот на Студената војна; со децении никој не веруваше дека Русија всушност ќе треба да мобилизира. Откако Русија се придвижи кон професионална армија во средината на 2000-тите и задолжителната служба беше намалена од две на една година, способноста на војската да обучува голем број регрути е намалена, а загубите во украинската војна го намалија кадарот на офицерите и наредниците способни за пренесување на важните вештини. Почетниот хаос, се разбира, на крај ќе стивне - но дотогаш, во битка ќе бидат испратени многу мажи што едвај се сеќаваат на она што го научиле пред многу години.

Откако од емотивни причини ја почна инвазијата во Украина и претрпе предвидливи неуспеси, велу Блумберг, Путин е принуден да презема сѐ поголеми и поголеми ризици. Кога овие мажи ќе почнат да гинат и во деловите од Русија што досега не виделе многу тага ќе почнат да се слеваат ковчези, вклучително и во големите градови, Русинките, секогаш сигурна база за поддршка на Путин, може да одговорат неочекувано жестоко. Дезертерството и избегнувањето регрутација ќе бидат широко распространети. Ширењето на огнено оружје е особено опасно во Русија, еден од светските лидери во насилниот криминал. Економијата ќе страда од загубата на милиони луѓе - и оние што се повикани и оние што се кријат од регрутација. Според економистот Владислав Иноземцев, ако пред мобилизацијата Русија имаше надеж дека ќе се изгубат само 4% до 5% од БДП, сега е поверојатен пад од 10%.

Ангажманот генериран од мобилизацијата е далеку од сигурен дека ќе ги надомести овие неизбежни последици. Ниту, пак, има гаранција дека новите регрути ќе го сменат текот на борбите, дека ќе ја задушат иницијативата на Украина и ќе ја лишат од сегашната нумеричка предност. Украина сепак може да постигне повеќе успеси пред Русија да го пушти најголемиот дел од новомобилизираните трупи.

А сепак, нивното претстојно одење на фронтот не може а да не го промени текот на конфликтот. „Секако дека тоа е лоша вест за нас“, цитираше Фајненшл тајмс еден украински борец. „Дури и да немаат мотивација, ќе имаат пиштол“.

Според мислењето на Игор Гиркин (Стрелков), екстремно десничарскиот ветеран од војната во Украина во 2014 година, кој точно ги предвиде воените неуспеси на Русија и кој повика на мобилизација уште од почетокот на инвазијата, приливот на нови војници може да ѝ помогне на Русија да ја задржи освоената територија до октомври и ноември, давајќи ѝ шанса да ја продолжи војната и можеби на крај да се врати во напад. Алтернативата би била сигурен пораз и понижување. Стрелков и другите руски националисти знаат, сепак - и Путин исто така знае - дека мобилизацијата тешко дека ќе ја елиминира таа лоша перспектива. Премногу живот, време и материјал се прокоцкани во „специјалната операција“ на Путин, мотивирана од суета, за мрачната реалност на војната неизбежно да испадне во корист на руските империјалисти, заклучува Блумберг.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе

Треба да се размисли за тоа дека сите предлози и промени кои доаѓаат од Брисел, не можат ефикасно да се применат и во Македонија и да се дејствува во правец на благосостојба на граѓаните, а не само на профитите.

повеќе