Путиновата вакцина Спутник е новото моќно оружје на Русија

Кога водечкиот медицински магазин Лансет на почетокот на месецот ги објави пофалбите за руската вакцина Спутник V против коронавирусот, Европската Унија побрза да ѝ честита на Москва на успехот.

EPA-EFE

Сега, меѓутоа, некои експерти сметаат дека наместо чукање по грб, Брисел би требало малку подетално да ја проучи руската вакцина.

Експертите стравуваат дека Спутник е геополитичко оружје кое Москва го користи за манипулација со западните демократии и продлабочување на поделбите, како и обид Русија да се претстави како спасител на светот.

„Ова е кошмар“, кажа Виола фон Крамон Таубадел, европарламентарка од редовите на германските Зелени и ја повика ЕУ веднаш да реагира.

Нејзината реакција следеше откако претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен кажа дека Русија би требало да објасни зошто на другите држави им нуди да им продаде милиони дози од својата вакцина против коронавирусот додека заостанува во имунизацијата на своите граѓани.

„И понатаму се прашуваме зошто Русија теоретски нуди милиони и милиони дози додека не остварува доволен напредок во имунизацијата на своето население“, изјави шефицата на ЕК.

Таа додаде дека Русија би требало да дозволи инспекција на своите производни места и да ги предаде на увид сите податоци во рамки на процесот на производство на регулаторно одобрување, пишува Политико.

Дебатата дополнително ја замати инсистирањето на Русија дека секој момент се очекува Европската агенција за лекови да ја одобри нивната вакцина, додека регулаторното тело на ЕУ тврди дека сè уште не добиле ниеден податок од Москва.

Рускиот пристап ги има сите знаци на глобална кампања на дезинформирање – фалење на Спутник на цел глас додека истовремено се поткопува довербата во западните вакцини – е стандардна геополитичка стратегија на Москва, вели Нико де Петро, соработник на шпанскиот Институт за државни вештини.

„Кога Русите имаат нешто што го сметаат за стратегиски важно за Кремљ, тие на сите начини ќе ја промовираат својата вакцина но и ќе ги поткопуваат другите“, вели тој укажувајќи на извештаите во државните медиуми дека Фајзер ги лажира клиничките истражувања на својата вакцина, а дека Бил Гејтс и американскиот имунолог Ентони Фаучи се апсени поради вакцини, дека Западот ја критикува руската вакцина „бидејќи не можат да го прифатат приматот на Русија“.

„Сè е тоа многу очигледно. И е многу јасно дека доаѓа од Кремљ“, вели Де Петро.

Спутник V е одобрена во 29 земји во светот, но руската кампања во едно се покажа како фалична – тешко е да се заговара одбивање на туѓите вакцини и промовирање на својата. Иако вакцината е достапна во Русија, Де Петро вели дека малку луѓе се вакцинираат.

Поборниците на Спутник не се согласуваат. Кирил Дмитриев, извршниот директор на Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), кој ја промовира вакцината во странство, неодамна кажа дека неговиот тим е честа мета на кампања на дезинформирање, а дека руската вакцина е „најдобра во светот“.

И покрај дебатата, сè повеќе земји се заинтересирани за руската вакцина. Словачка и Хрватска се последните во низата кои покажаа интерес за вакцината и се во преговори со Москва.

Ситуацијата е „најопасна“ сега кога некои земји од ЕУ се вратат кон Москва да го пополни вакумот со вакцините, вели Фон Крамон Таудабел. Пример е Унгарија која на 21 јануари по итна постапка ја одобри руската вакцина. Иако таквиот унилатерален потег е можен, ЕУ се најде во незгодна ситуација бидејќи сега сè повеќе земји од централна и источна Европа се интересираат за Спутник V.

Ако и овие земји членки по итна постапка ја одобрат руската вакцина, тоа ќе ја „поткопа целата стратегија на вакцинацијата на ЕУ“, кажа таа, а со Русија која ги контролира лабораториите и клиниките каде што Спутник се тестира, малку е веројатно дека ќе бидат исполнети критериумите на ЕУ.

„Ние сакаме да ги задржиме високите стандарди, но тоа не е можно кога имате билатерални итни одобрувања“, кажа Фон Крамон Таудабел.

Руската вакцина против ковид-19 е произведена во државните лаборатории со поддршка од домашниот фонд за директни инвестиции. Меѓутоа, за да ја постигне целта на вакцинирање на речиси десетина од светската популација, Русија мора да се потпре на фабрики во Бразил, Индија и Јужна Кореја.

Со ограничени производни капацитети дома, РДИФ се сврте кон партнерските држави кои имаат големи капацитети за производство на лекови. Така иднината на вакцината ѝ ја посвети на огромна мрежа на приватни компании кои работат под различни национални регулаторни тела, а некои од нив соопштија дека ќе поминат месеци додека да го почнат полното производство.

РДИФ за британскиот весник наведе дека потпишал договори со 15 произведувачи во 10 држави за производство на 1,4 милијарди вакцини, доволно за имунизација на 700 милиони луѓе.

Тие договори значат дека РДИФ се потпира на странски компании да произведат двојно повеќе вакцини од руските компании. Фабрики во Кина, Јужна Кореја и Иран ќе произведуваат вакцини кои можат да се извезуваат во трети земји, додека фабриките во Бразил и Србија пред сè ќе ги задоволат домашните потреби.

Руската државна телевизија во ноември минатата година објави дека вакцината заснована врз аденовирус е „едноставна и безбедна како автоматската пушка калашњиков“. Сепак, експерти во многу западни држави изразија сомнеж поради недостигот од целосни резултати на истражувањата, тврдејќи дека Русија ја потчинила безбедноста на националниот престиж.

Меѓутоа, откако студијата во Лансет наведе дека вакцината е ефикасна 91,6 отсто – рамо до рамо со мРНК вакцините на Бајонтек/Фајзер и на Модерна – Спутник V сега тежнее да стане еден од најголемите руски извозни производи, како калашњиковот.

Додека мРНК вакцините мора да се чуваат на ултраниски температури, па нивниот транспорт е покомплициран и поскап, Спутник е привлечен за многу земји со ниски приходи затоа што чини десет долари и се чува на температура меѓу два и осум Целзиусови степени.

Русија ја претставува вакцината и како научно достигнување и како инструмент на дипломатската мека моќ, што особено е привлечно за државите кои се чувствуваат истуркани од глобалните фармацевтски договори на богатите држави.

Меѓутоа, остануваат прашањата за тоа колку брзо глобалната мрежа на производство на Спутник ќе може да ја задоволи побарувачката од повеќе од 50 држави. Произведувачите во Индија и Бразил, државите во кои РДИФ прогнозира повеќе од половина од глобалното производство, допрва треба да почнат со масовно производство на вакцината.

Шест фармацевтски компании во Русија ја произведуваат вакцината, и тоа „речиси 100 отсто за домашна употреба“, кажа Дмитриев.

Тој додаде дека извозот на вакцината ќе почне по јуни, кога ќе се задоволат потребите на Русија. Дмитриев ги отфрли тврдењата дека веќе снемува резерви откако Унгарија соопшти дека ќе добие само 100.000 дози овој месец, три пати помалку од очекуваното.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе