Бара сериозни безбедносни гаранции

Путин: Западот несериозно ги сфаќа црвените линии на Русија

Рускиот претседател Владимир Путин кажа вчера дека Западот премногу несериозно ги сфаќа предупредувањата на Русија да не ги преминува црвените линии на Москва и дека ѝ се потребни сериозни гаранции од Западот.

EPA-EFE

Шефот на Кремљ во опсежниот надворешнополитички говор ги опиша односите со Соединетите Американски Држави како „незадоволувачки“, но порача дека Русија и понатаму е отворена за разговор со Вашингтон, пренесува Ројтерс.

Кремљ во септември соопшти дека НАТО ќе ја премине руската црвена линија ако ја прошири воената инфраструктура во Украина а Москва потоа ги обвини Украина и НАТО за дестабилизирачко однесување, меѓу другото и во Црното Море.

Во говорот кој беше пренесуван на телевизија, Путин се пожали дека западни стратегиски бомбардери кои носат „многу опасно вооружување“ летаат во радиус од 20 километри од границите на Русија.

„Постојано изразуваме загриженост во врска со ова, зборуваме за црвени линии, но сфаќаме дека нашите партнери, благо кажано, имаат многу површен став кон сите наши предупредувања и зборувањата за црвените линии“, кажа Путин.

НАТО, со кого Москва минатиот месец ги прекина сите односи, ги уништи сите механизми за дијалог, кажа рускиот претседател.

Тој на функционерите на министерството за надворешни работи им кажа дека Русија од Западот мора да бара долгорочни гаранции за својата безбедност. Истакна дека тоа сепак ќе биде тешко, и не прецизираше на какви гаранции мисли.

Односите меѓу Русија и Западот со години се на многу ниско ниво, но реториката се заостри во изминатите недели кога Украина и членки на НАТО изразија загриженост поради големото присуство на руски трупи во близина на границата на Украина и се обидоа да ја проценат вистинската намера на Русија.

Сепак, и покрај долгата листа спорови, Кремљ ги задржа контактите на високо ниво со Вашингтон и повеќе пати зборуваше за можен самит на Путин со американскиот претседател Џо Бајден по нивната средба во Женева во јуни. Путин кажа дека тој состанок отворил простор за унапредување на односите.

Лукашенко да почне дијалог со опозицијата

Путин вчера го повика претседателот на Белорусија Александар Лукашенко да почне дијалог со своите опоненти, кои веднаш ја отфрлија идејата доколку Лукашенко прво не ги ослободи политичките затвореници.

Рускиот лидер му помогна на Лукашенко да ги надмине масовните улични протести поради резултатот од минатогодишните избори, а и ја поддржа Белорусија во спорот со Европската Унија и актуелната криза со илјадите мигранти на источните граници на ЕУ.

Меѓутоа, двајцата лидери со години се во топло-ладни односи иако Лукашенко се одржува на власт благодарение на евтината руска нафта и кредитите.

„Знаеме дека ситуацијата во Белорусија се смири, внатре во земјата, но и понатаму има проблеми, за тоа сме совршено свесни“, кажа вчера Путин.

„И нормално, апелираме на дијалог меѓу власта и опозицијата. Меѓутоа, Русија дефинитивно ќе продолжи со пристапот на јакнење на односите и продлабочување на процесот на интеграција со Белорусија“.

Москва објави доверлива дипломатска преписка

Франција и Германија вчера ја обвинија Русија за кршење на дипломатскиот протокол, откако Москва објави доверлива преписка околу Украина.

Руското министерство за одбрана во средата објави неколку дипломатски писма кои ги разменило со Германија и Франција за да покаже дека неговиот став за преговорите околу источна Украина е погрешно толкуван, објави Ројтерс.

„Сметаме дека тој пристап е спротивен на дипломатските правила и праксата“, им кажа на новинарите портпаролката на француското министерство за надворешни работи Ен Клер Лежндр.

Германското министерство за надворешни работи подоцна издаде слично соопштение.

Дипломатската преписка беше објавена откако Париз ја обвини Москва дека одбива да прифати министерска средба со Франција, Украина и Германија за бунтот на проруските сепаратисти на истокот на Украина и демантираше дека не одговорила на предлогот на Москва.

Во невообичаениот одговор, Русија објави 28 страници дипломатски документи, покажувајќи дека однапред известила дека министерот за надворешни работи Сергеј Лавров не може да учествува на предложената средба на 11 ноември.

Документите, како што пишува Ројтерс, ги откриваат и сериозните разлики меѓу Русија, Франција и Германија.

Двајца европски дипломати соопштија дека Москва со објавувањето се обидува да создаде забуна, но дека тоа ѝ се вратило како бумеранг бидејќи покажало дека се обидува да го блокира процесот барајќи бројни предуслови за одржување на средбата.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе