Сергеј Пугачов за Путиновите тактики за одржување на власт

Путин сака да владее како татко на нацијата и да влезе во историјата

Кога рускиот претседател Владимир Путин се подготвуваше за минатомесечниот референдум за можно продолжување на неговото владеење до 2036 година, донекаде ја разоткри заднината на уставните промени.

EPA-EFE

„Ако тоа не се случи, тогаш за околу две години – и тоа го знам од лично искуство – нормалниот ритам на работата на многу делови од владата ќе го замени потрагата по можен наследник“, кажа Путин во интервју за телевизискиот канал Расија. „Мораме да работиме, а не да бараме наследници“.

Кремљ победи на гласањето и прогласи триумф. Уставот сега ќе му овозможи на Путин да се врати на власт со уште два шестгодишни мандати. Независните набљудувачи на Голос, меѓутоа, пријавија изборна кражба без преседан, а политичките противници велат дека маневрирањето околу гласањето го ослабело легитимитетот на Путин. Ројтерс наведува дека незадоволството на јавноста од владеењето на Путин почна да се прелева на рускиот Далечен исток, каде десетици луѓе протестираат во изминатите три викенди.

Освен Путиновите коментари на државната телевизија, Кремљ не ја објаснува својата пресметка околу уставните промени. Меѓутоа, сведоштво на поранешен инсајдер од прва рака, за тоа како Кремљ се обидел да управува со предавањето на власта во 2008, кога Путин за првпат се соочи со уставните ограничувања на своето претседателство, нуди увид во заткулисните борби за моќ во владејачката елита во Москва и некои прашања со кои рускиот лидер мора да се справи, пишува Ројтерс.

Од 2006 година, како што поранешниот советник на Кремљ Сергеј Пугачов ѝ кажа на британската агенција, Путин се бори со прашањето за сукцесија. Пугачов, некогаш познат како банкарот на Кремљ, играше клучна улога во Путиновиот подем пред 20 години. Неговите бизнис интереси опфаќаа воени бродоградилишта, јаглен и градежништво, и беше сенатор во горниот дом на парламентот. Денес е во судир со поранешните сојузници, и руските власти го обвинуваат за банкротот на банката на која беше еден од основачите, што Пугачов го демантира. Избега во Британија, потоа во Франција, каде што сега живее, откако лондонски суд во 2014 нареди замрзнување на неговиот имот на барање на Русија.

Пугачов за Ројтерс за првпат зборуваше за Путиновото носење одлуки пред изборите во 2008. Раскажа дека претседателот често е заложник на волјата на својот внатрешен круг поранешни припадници на КГБ и соработници од неговиот роден град Санкт Петербург.

Прашањето на предавањето на власта секогаш била „најголемата главоболка“ на Путиновото владеење, вели Пугачов. Сукцесијата за Путин „секогаш беше сериозен, личен стрес. Никогаш немал намера некому да му ја предаде контролата над земјата“. Путин се гледа себеси како ја води Русија зад кулисите како татко на нацијата, вели Пугачов, но наоѓањето наследник кој ќе се придржува до тој план„секогаш претставувало голем проблем“.

Ројтерс пишува дека портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков не сакал да ја коментира верзијата на настаните на Пугачов.

Пугачов во 207 и понатаму беше врвен инсајдер на Кремљ, близок до многу моќни луѓе околу Путин, таканаречените силовики, главно извлечени од руските безбедносни служби. Вели дека сѐ уште бил присутен кога биле донесени неколку клучни одлуки. Фотографии и други документирани материјали кои ги прегледал Ројтерс покажуваат дека Пугачов сѐ до 2008 бил на позиција блиска до врвот на Кремљ и поткрепуваат елементи на неговата приказна.

На фотографиите се гледа како руча со Путин во неговата дача во 2005, со водечките луѓе на безбедносните служби. Меѓу нив и Николај Патрушев, тогашниот шеф на Федералната служба за безбедност (ФСБ), наследничката на КГБ, и Игор Сечин, еден од Путиновите КГБ сојузници од Санкт Петербург, кој во тоа време бил заменик шеф на администрацијата на Кремљ.

Путин за време на вториот претседателски мандат за првпат размислувал за промена на законот за да го продолжи владеењето, вели Пугачов. До летото 2007 година, Сергеј Иванов, Путиновиот прв вицепремиер и најмладиот генерал во руската надворешна разузнавачка служба, на големо беше сметан за фаворит да стане претседател следната година, пред другиот сојузник на Путин, Дмитриј Медведев. Уставот налагаше Путин да се повлече во 2008 по истекот на вториот последователен мандат.

Путиновите најблиски соработници стравуваа дека Иванов, доколку дојде на највисоката функција, ќе ги исклучи од власта. Почнале на Путин да му зборуваат против Иванов, тврди Пугачов. „Почнаа на Путин да му зборуваат дека Иванов е многу опасен. Многу агресивен. Ќе ја преземе власта и никогаш нема да можете да се ослободите од него. Тие собираа секакви компромитирачки информации за Иванов. Речиси сите беа против него“.

Портпаролот на Кремљ Песков кажа дека Иванов, сега специјален претставник на претседателот за природа, екологија и сообраќај, нема да може да коментира. Ројтерс не можел директно да го контактира.

Кандидатурата на Иванов завршила во август 2007, според тврдењата на Пугачов. Путин тукушто го најавил обновувањето на воените летови до американските брегови за првпат по 15 години, што рускиот печат го поздрави како демонстрација на обновената воена моќ на Москва.

Шест дена по Путиновата триумфална објава, Иванов во телевизиско интервју кажал дека летовите на означуваат враќање на Студената војна. со тоа што се појавил да зборува во име на Кремљ, ја поминал линијата.

„Сечин му донесе на Путин снимка од интервјуто на Иванов“, се сеќава поранешниот инсајдер, опишувајќи ја средбата на Пугачов, Путин и Сечин. Сечин, според Пугачов, му кажал на претседателот: „Видете, Владимир Владимирович, вие ги лансиравте бомбардерите кои не летаа 15 години, уште од падот на Советскиот Сојуз. А Сергеј Иванов, кој е никој и ништо – не е уште ни претседател, уште не е ни наследник – а веќе го присвои тој проект“.

„Сечин играше на негово его“, продолжува Пугачов. „Путин многу сакаше да влезе во историјата. Тоа беше неговата приказна, а Иванов влезе на негова територија... Тоа беше важен психолошки момент“.

Путин сакаше наследник кој ќе биде претседател само на хартија и спремен да се тргне на страна во кој било момент, кажа Пугачов. По овој инцидент, вратата се затвори за Иванов.

Меѓутоа, истече времето за промена на правилата за Путин да може да се кандидира за трет мандат. Претседателските избори требаше да се распишат до крајот на 2007, а гласањето да се одржи во март 2008. По законот, секоја промена која на Путин му овозможуваше да остане на власт мораше да се случи најмалку шест месеци пред распишувањето на изборите.

Наместо тоа, Путин во септември 2007 објави дека за премиер го именува Виктор Зубков, малку познат поранешен директор на државното земјоделско добро, кој во тоа време беше на челото на руската агенција за борба против перењето пари. 66-годишниот Зубков одеднаш доби шанса да го наследи Путин.

Пугачов вели дека Путин размислувал Зубков да биде на функцијата една година, по што Зубков би можел да каже дека се разболел, а Путин би можел да се врати. „Со него за тоа лично разговарав. Со Путин и со Зубков“, вели Пугачов. Но Путин ја отфрлил идејата. „Ми кажа дека не му изгледа добро“.

Ројтерс не успеал да стапи во контакт со Зубков, а Песков одбил да ја коментира темата.

Конечно, на 10 декември, Путин објавил дека сака Дмитриј Медведев, адвокат од Санкт Петербург кој долго време работел во сенката на Путин, да ја преземе претседателската функција. Пугачов вели дека најтесниот круг на Путин верувал дека Медведев, кој беше шеф на персоналот на Кремљ и прв потпретседател на владата со Иванов, ќе биде најпокорниот наследник и, што е најважно, најспремен да му го ослободи патот на Путин доколку реши да се врати на местото претседател.

Во следните четири години на претседателството на Медведев, како да постоеше еден и пол претседател, вели Пугачов. Многумина во руската елита се прашуваа кој го има последниот збор, премиерот Путин или претседателот Медведев.

„Прво луѓето трчаа кај Медведев, потоа кај Путин. На луѓето не им беше јасно. Ако направевте нешто што Путин ви дал да го направите, следниот ден Медведев би можел да ве искара. За луѓето е неприфатливо кога постојат двајца претседатели, или еден и пол. Многу е важно да знаат кој е царот“, вели Пугачов.

На Путин можеби ќе му беше драго на Медведев да му овозможи уште еден претседателски мандат, но внатрешниот круг на Путин не го сакаше тоа од страв да не ја изгуби контролата над економијата, тврди Пугачов. Меѓу фракциите се водела војна, додека Медведев, очекувајќи ја кандидатурата за втор мандат, почнал да ги позиционира своите сојузници да преземат поголеми делови од економијата, вклучувајќи ги Газпром и Роснефт, државните енергетски џинови кои долго време ги водеа Путиновите најблиски соработници, вклучувајќи го Сечин.

Раздорот се зголемил и поради тоа што американската администрација отворено му се додворувала на Медведев, а не на Путин.

Надежите на Медведев за втор мандат се изгасиле во последен момент, вели Пугачов. Тој веќе бил избеган од Русија, но бил во постојан контакт со најблиските сојузници на Медведев и знаел што се случува.

Путин подоцна објавил дека ја сака претседателската функција за себе. „На крајот всушност не беше важно колкав притисок вршеа безбедњаците на Путин врз Медведев (да не се кандидира). На крајот тоа беше прашање на личниот однос на Путин и Медведев“, вели Пугачов.

Но, додека експериментот од 2008-2012 со претседателството на Медведев му ги откри на најтесниот круг на Путин ризиците од предавањето на власта, Пугачов верува дека Путин сепак можеби размислува да се повлече. Неодамнешното гласање за уставот може да му даде време на Путин зад кулисите и без притисок да разработи план за сукцесија, смета Пугачов.

Знакот дека Путин ги држи опциите отворени е дека слабо забележана промена внесува во уставот закон кој на поранешните претседатели им дава имунитет од кривично гонење.

За Путин да избере наследник, императивот е тоа лице да биде член на неговиот доверлив внатрешен круг, вели Пугачов. „Путин не поднесува аутсајдери. Или неговите луѓе или никој. Тоа би можеле да бидат и неговиот возач или телохранител. Наследникот мора да биде негов“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе