АП

Путин мавта со нуклеарниот меч во судирот со Западот

Помина долго време откако некој светски лидер толку отворено мавтал со заканата за користење нуклеарно оружје, но Владимир Путин штотуку го стори тоа, предупредувајќи во говорот дека има на располагање оружје ако некој се осмели да користи воени средства за да се обиде да го спречи руското заземање на Украина, вели Асошиејтед прес.

Заканата можеби беше празна, чисто покажување канџи од страна на рускиот претседател, но остави впечаток. Поттикна визии за кошмарен исход во кој амбициите на Путин во Украина би можеле да доведат до нуклеарна војна преку некоја случајност или погрешна процена.

„Што се однесува на воените работи, дури и по распадот на СССР и губењето на значителен дел од нејзините капацитети, денешна Русија останува една од најмоќните нуклеарни држави“, рече Путин во своето обраќање пред инвазијата рано во четвртокот.

„Покрај тоа, имаме одредена предност во неколку најсовремени оружја. Во овој контекст, никој не треба да има сомнеж дека секој потенцијален агресор ќе се соочи со пораз и застрашувачки последици доколку директно ја нападне нашата земја.“

Со самото споменување нуклеарен одговор, Путин ја стави во игра вознемирувачката можност дека сегашните борби во Украина на крај би можеле да преминат во нуклеарен судир меѓу Русија и САД.

Тоа апокалиптично сценарио им е познато на оние што растеа за време на Студената војна, ерата кога на американските ученици им беше кажувано да клекнат и да се скријат под клупа во случај на нуклеарни сирени, но таа опасност постепено исчезна од јавната имагинација по падот на Берлинскиот ѕид и распадот на Советскиот Сојуз, кога двете сили се чинеше дека се на пат кон разоружување, демократија и просперитет.

Пред тоа, дури и младите луѓе ја сфатија застрашувачката идеја зад стратегијата за заемно сигурно уништување - рамнотежа во нуклеарните капацитети што требаше да ги држи рацете на секоја страна подалеку од атомското копче, знаејќи дека секоја употреба на оружјето на судниот ден може да заврши со уништување на двете страни во конфликтот.

И фасцинантно, ниту една земја не употреби нуклеарно оружје од 1945 година, кога претседателот Хари Труман фрли бомби врз Јапонија, верувајќи дека тоа е најсигурниот начин за брзо завршување на Втората светска војна. Таа заврши брзо, но со загуба од околу 200.000 животи, главно цивили во Хирошима и Нагасаки. Многумина низ светот, дури и денес, тоа го сметаат за злосторство против човештвото и се прашуваат дали вредело.

Фото: ЕПА

Краток период по војната, САД имаа нуклеарен монопол. Но неколку години подоцна, Советскиот Сојуз објави дека има своја сопствена нуклеарна бомба и во следните неколку децении двете страни од Студената војна се вклучија во трка во вооружување за да изградат и да развијат сè помоќно оружје.

Со крајот на Советскиот Сојуз во 1991 година и неговата трансформација во посакуваната демократија под Борис Јелцин, Соединетите Држави и Русија се согласија на ограничување на своето вооружување. Другите постсоветски земји како Украина, Казахстан и Белорусија доброволно се откажаа од нуклеарното оружје на својата територија по распуштањето на Советскиот Сојуз.

Последниве години, ако воопшто и се зборуваше за нуклеарно оружје, тоа обично беше во контекст на запирање на неговото ширење во земјите како Северна Кореја и Иран. (Иран негира дека сака да го поседува, а Северна Кореја постојано, но бавно ги гради и своето нуклеарно оружје и механизмите за негово лансирање.)

Кога поранешниот американски претседател Доналд Трамп во август 2017 година упати индиректна закана дека би употребил нуклеарно оружје против Северна Кореја, многумина беа шокирани. Трамп зборуваше недипломатски и следната година почнаа неговите бескорисни самити со Ким. „Најдобро е Северна Кореја повеќе да не им се заканува на Соединетите Држави“, им рече Трамп на новинарите во својот голф-клуб во Бедминстер, Њу Џерси. Но нуклеарниот арсенал на Северна Кореја е многу помал од рускиот.

Претседателот Џо Бајден е свесен за опасноста од нуклеарна војна меѓу Русија и НАТО уште од појавата на кризата со Украина. Од самиот почеток тој рече дека НАТО нема да испраќа војници во Украина бидејќи тоа би можело да предизвика директни борби меѓу САД и Русија, што ќе доведе до нуклеарна ескалација и веројатно Трета светска војна.

Тоа беше премолчано признание дека Соединетите Држави нема воено да се пресметуваат со Русите поради Украина, и наместо тоа, ќе прибегнат кон огромни санкции за постепено да ја задушат руската економија.

Но признанието содржеше и една друга вистина. Кога стана потребно да се одбие руската инвазија, Украина остана сама бидејќи не е членка на Договорот и не припаѓа под заштитата на нуклеарниот чадор на НАТО.

Меѓутоа, ако Путин се обиде да нападне некој од партнерите на Америка во НАТО, тоа би било поинаква ситуација, бидејќи пактот ѝ е целосно посветен на меѓусебната одбрана, рече Бајден.

Знаејќи дека Бајден веќе го тргна од маса воениот одговор, зошто Путин воопшто се потруди да го покрене во својот говор?

Делумно, тој можеби сакаше да го држи Западот нестабилен, за да го спречи да преземе агресивни дејствија за да ја одбрани Украина од Путиновиот блицкриг-нагон да ја заземе земјата.

Но подлабокиот контекст се чинеше дека е неговата голема желба да му покаже на светот дека Русија е моќна нација, која не смее да се игнорира. Путин постојано зборува за понижувањето на Русија по распадот на Советскиот Сојуз. Неговото мавтање со нуклеарниот меч беше ехо на гневот со кој Советскиот Сојуз гледаше надолу кон Соединетите Држави и стекнуваше, според неговиот ум, почит.

Споменик на советската прва масовно произведена тактичка нуклеарна бомба РДС-4 на плоштадот Федора Полетаева во Москва. Фото: ЕПА

По Путиновиот говор, претставниците на Пентагон дадоа само блед одговор на неговата завиена закана дека ќе употреби нуклеарно оружје против секоја земја што ќе се обиде да интервенира во Украина.

Еден висок претставник на одбраната, кој сакаше да остане анонимен, во четвртокот рече дека американските власти „не гледаат зголемена закана во тој поглед“, но не сакаше да каже повеќе.

Зборовите на Путин допираат еден осетлив нерв во Пентагон затоа што ја истакнуваат долгогодишната загриженост дека тој би можел да биде спремен превентивно да употреби нуклеарно оружје во Европа во услови на криза.

Ова е една од причините зошто Вашингтон со години се обидуваше, без успех, да ја убеди Москва да преговара за ограничувањата на таканареченото тактичко нуклеарно оружје - оние со помал дострел што би можеле да се користат во регионална војна. Русија има голема бројна предност во тоа оружје, а некои официјални лица велат дека јазот расте.

Најслучајно, администрацијата на Бајден го привршуваше Прегледот на нуклеарната положба - студија за можните промени на нуклеарните сили на САД и политиките што ја регулираат нивната употреба - токму кога трупањето на руските војници во близина на Украина достигна критична фаза овој месец. Не е јасно дали резултатите од таа студија ќе бидат преработени во контекст на руската инвазија.

Објавено

Петок, Февруари 25, 2022 - 23:15

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе