Светските лидери и коронавирусот

Путин, Џонсон, Болсонаро и Трамп - премногу мачо за да носат маски

Зошто лидерите што сакаат сите да ги гледаат како силни луѓе се плашат да ги применат безбедносните мерки за ковид-19.

По веста дека портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, е заразен со коронавирусот, ковид-19 по Белата куќа, Даунинг стрит и Паласио до Планалто, влезе и во Кремљ.

Путин, Борис Џонсон, Жаир Болсонаро и Доналд Трамп се многу различни политичари. Но кога станува збор за борбата против коронавирусот, тие имаат нешто заедничко - веруваат дека преземањето мерки за лична заштита е спротивно на нивните мачо-политички брендови, пишува Гардијан.

Трамп одби да носи маска дури и за време на посетата на фабрика што произведува маски. Болсонаро велеше дека нема потреба од социјално дистанцирање и беше снимен како се ракува и ги гушка своите приврзаници.

Џонсон неславно објави дека се ракувал со сите кога го посетил одделот за коронавирус и стана предмет на потсмев, но неговото признание стана помалку забавно кога и самиот заврши во болница со вирусот.

Путин се чинеше дека не знае како се шири вирусот кога во март се појави во комплетно жолто хазмат-одело на посета на болничко одделение за коронавирус, но потоа се ракуваше со главниот доктор, за кој подоцна беше откриено дека е заразен. Заразен е и премиерот на Путин, а сега и неговиот портпарол.

Борис Џонсон е единствениот лидер за кој се знае дека се заразил со ковид-19, а тој од болницата излезе со сосема друга реторика. Путин на крај воведе строги рестриктивни мерки во Русија, но долго време по другите европски земји. Некои министри или помошници на сите четворица лидери се заразија со ковид-19, а мачо-односот во екот на пандемијата можеби е дел од причините за тоа.

Експертите ваквото однесување на светските лидери го објаснуваат потсетувајќи дека „претпазливото однесување е спротивно на основниот принцип на машкоста: не покажувај слабост“.

Сите овие лидери долго време се претставуваа како моќници што ги решаваат проблемите и сакаат луѓето да ги гледаат како јаки претседатели што ја шутираат болеста, дури и кога вирусот има поинакви планови.

Се разбира, ковид не ги погодува само оние што будалесто му пркосат и не се сите политичари што се заразија со вирусот дел од мачо-администрации. Исто така, не сите автократски лидери одлучија да го ризикуваат своето здравје бидејќи со маска изгледаат како слабаци. Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, предизвика контроверзии од сосема спротивни причини, кога во раната фаза на епидемијата беше фотографиран во посета на болница со маска Н95, додека главниот лекар носеше само обична хируршка маска.

Сепак, многу водачи склони кон мачо-позирања не сакаа да носат основна заштитна опрема. Екстремен пример е Александар Лукашенко, единствениот вистински европски коронавирусен дисидент, кој рече „подобро е да умреш исправен отколку да живееш клекнат“ кога објаснуваше зошто не воведува никакви рестрикции за да се спречи ширењето на заразата.

И Доналд Трамп и неговиот потпретседател Мајк Пенс одбија го прифатат она што според многу научници е наједноставната заштита - и да носат маски. Дури и додека коронавирусот се шири низ Белата куќа, Трамп ја отфрла идејата.

„Мислам дека носењето маска додека додека се поздравувам со претседатели, премиери, диктатори, кралеви и кралици, не знам, некако јас не се гледам така. Едноставно не се гледам. Можеби ќе се премислам“, рече Трамп.

Се чини дека неговите приврзаници се согласуваат. „Тоа е покорување, тоа е како да се оковувате, како да сте слабак - особено за мажите“, гневно им викаше еден про-Трамп демонстрант на новинарите што носеа маски неодамна пред еден настап на Трамп.

Ова создаде парадокс: Путин и Трамп се двајцата најзаштитени лидери во светот, постојано опкружени со телохранители за да го спречат дури и најмалиот безбедносен ризик што може да го претставуваат луѓето со кои се среќаваат, местата каде што одат, па дури и храната што ја јадат. Сепак, обајцата водачи одбија да ги преземат најосновните мерки за заштита од еден смртоносен вирус.

Споредете го ова со европската нација со најмал број починати по жител - Словачка.

Таму во март положи заклетва новата владејачка коалиција, сите до еден со маски, претседателката Зузана Чапутова не се појавува во јавноста без маска, па дури и презентерите на телевизиите ги читаат вестите со маски на лице, со цел да им испратат порака на граѓаните дека нема ништо срамно или немажествено во носењето маски. Земјата сега го укинува карантинот, а во неа од ковид-19 починаа само 27 луѓе.

Се чини дека мотивите на Болсонаро, а до одреден степен и на Трамп, се резултат на популистичката недоверба во науката, додека другите лидери можеби мислат дека се ограничени од политичките имиџи што самите си ги создадоа. Може да е во прашање и еден поприроден човечки инстинкт: го препознаваат ризикот, но сепак се чувствуваат како да се над него.

„Луѓето се така создадени што иако знаете дека треба да се подготвите за нешто, сепак мислите дека лично вие ќе успеете да избегате“, рече неделава Песков од својот болнички кревет во интервју за весник.

Објавено

Недела, Мај 17, 2020 - 20:14

Јавното здравје и економијата одат заедно и во време на пандемија, па затоа најдобриот начин да ѝ се помогне на економијата во оваа криза е ако се воведат адекватни рестрикции за пандемијата да се стави под контрола.

повеќе

Стопанската комора на Македонија со донесувањето на 4-тиот сет на мерки гледа остварување на ветеното дека Владата на РСМ и во услови на здравствено- економска криза ќе стои зад компаниите.

повеќе

Оваа парафраза на големиот Иво Андриќ, нобеловец и водечко книжевно име на Балканот, за малку ќе го погодеше лично него.

повеќе