На локални избори

Путин доживеа неочекуван пораз, и тоа среде Москва

Коалицијата на либерални опозициски партии оствари неочекуван триумф на локалните и регионалните избори во Русија, победувајќи во повеќе изборни единици во Москва, вклучувајќи ја и онаа во која гласа рускиот претседател Владимир Путин.

Нормално, Путиновата партија Обединета Русија, која доминира со земјата веќе 17 години, ги освои повеќето места во неделните избори за локалните совети во Москва – дури 75 отсто. Меѓутоа, успехот на опозицијата во центарот на руската метропола воопшто не е занемарлив, уште повеќе што Обединета Русија е победена во четвртиот Гагарински, каде што гласал и самиот Путин. Опозициската коалиција Обединети демократи во тој кварт ги освои сите 12 места.

Обединетите демократи, меѓу кои се либералните партии Јаблоко и Парнас, освоија и 11 од 12 места во квартот Тверскаја кој се наоѓа во непосредна близина на Кремљ. Во квартот Камовники ги освоија сите 15 места. Вкупно освоија мнозинство во 14 московски квартови.

Истакнатиот новинар на Новаја газета и носител на листата за Камовники, 33-годишниот Илија Азар, за Дејли бист кажа дека воопшто не се надевал на победа и дека се кандидирал само за да испрати порака за учеството во политичкиот живот кој речиси целосно го контролира партијата на Путин. Кога дознал дека го избрале речиси 50 отсто од гласачите, останал, како што самиот кажа, во „шок и неверување“.

„Обединета Русија не можеше да се види никаде за време на кампањата додека ние одевме од врата до врата за да разговараме со нашите гласачи. Можеби Обединета Русија е премногу мрзлива, навикната да победува на сите избори“, заклучи Азар.

Додека во остатокот од Русија, со смешно ниска излезност од 15 отсто, речиси сите гласале за владејачката партија, овие московјани покажуваат очигледна желба за промени, реформи и нови лица во политиката. Некои од кандидатите кои граѓаните на Москва ги избраа до пред неколку месеци беа во затвор или претепани од страна на полицијата и пропутиновските насилници. Ги избраа дури и оние кои Кремљ ги етикетираше како „агенти на американскиот Стејт департмент“, што е вообичаена тактика за демонизирање на опозицијата во руската квази демократија.

Така Иља Јашин, кој го освои првото место во квартот Красноселски, во јуни мина 15 дена во затвор поради учество во антикорупциски протест во истиот кварт. Јашин минатиот декември примил и закани со смрт бидејќи сведочел на судењето за убиството на својот политички сојузник Борис Немцов, кој беше застрелан пред Кремљ.

„Има нов шериф во градот“, се пошегува Јашин на Фејсбук по објавувањето на изборните резултати, алудирајќи на многубројните „шерифи“ кои владеат со руските политика и општество.

Иако локалните советници немаат значителна моќ, нивната поддршка е критична за кандидатите на изборите за градоначалник на Москва, кои се одржуваат следната година. Како што пишува Гардијан, изборот на околу 250 советници на Обединетите демократи ќе му ја отежни работата на градоначалникот Сергеј Собјанин кој следната година оди по нов мандат. Собјанин инаку разгневи голем број московјани со речиси бескрајната низа реновации и работи на улиците на главниот град, за кој критичарите тврдат дека се параван за ставање пари на сметки на државните бирократи и градежните тајкуни поврзани со Кремљ.

Како и на голем број досегашни избори во Русија, без оглед дали станува збор за претседателски, парламентарни или локални, и на овие има голем број жалби за местења во корист на партијата на Путин. Независната организација за надгледување на изборите Голос пријави околу 600 жалби. Освен тоа, на некои опозициски политичари, како на пример на градоначалникот на Екатерининбург Јевгениј Ројзман, изборната комисија им ја забрани кандидатурата, што е исто така вообичаена практика во Русија.

На паралелните избори за гувернери, Обединета Русија ги освои сите 15 гувернерски позиции во земјата. Сепак, одлуката на Кремљ да ги олесни строгите ограничувања при регистрацијата на кандидатурата беше пресудна за успехот на опозицијата во центарот на Москва. Звучни малку бизарно тоа што самите московски функционери овие ги нарекоа „најчесните избори досега“.

„Ова е нова ера за руската политика. Сите се шокирани. Симболично е тоа што опозицијата сега го контролира квартот во кој Путин е регистриран за гласање“, изјави Виталиј Шкиљаров, 41-годишен политички аналитичар кој минатата година учествуваше во предизборната кампања на американскиот левичар Берни Сандерс.

Дипломатијата е уметност невозможното да го направите возможно (Ш.-М. Талеиран).

повеќе

Односите меѓу Грција и Македонија се на клучна точка, вели Катимерини и со ѕвездички дообјаснува дека употребата на терминот „Македонија“ е на авторот и дека не го одразува ставот на весникот. Сепак се чини ова е првпат грчкиот весник да нè напише со уставното име.

повеќе

И ако граѓаните или Владата очекуваа дека Јункер на Заев ќе му даде покана со датум за влез на Македонија во ЕУ, тогаш живееме во илузии.

повеќе