Спасување во Тајланд

Пумпите за вода откажале веднаш штом излегло последното момче, се слушале вресоци и трчање (ФОТО+ВИДЕО)

Во првиот објавен детален извештај за мисијата, спасувачите велат дека слушнале врескање и трчање во потрага по суво тло.

Операцијата за спасување на последното од 12-те момчиња и нивниот фудбалски тренер од тајландската пештера можело да биде катастрофа, откриваат нуркачите, бидејќи пумпите за вода што ја сушеле областа откажале само неколку часа откако последното момче било евакуирано.

Нуркачите и спасувачите сè уште биле повеќе од 1,5 километар длабоко во пештерата, чистејќи ја опремата, кога главната пумпа откажала, по што нивоата на водата почнале брзо да се зголемуваат, рекоа денеска за Гардијан тројцата австралиски нуркачи вклучени во операцијата, во првиот детален извештај за мисијата.

Триото, стационирано во „третата комора“, база внатре во пештерата, рече дека слушнале врескање и виделе светилки како „трчаат“ од тунелот, додека работниците се бореле за да стигнат до суво тло.

„Почнаа да се слушаат врисоци, бидејќи главните пумпи откажаа и водата почна да расте“, рече еден од нуркачите, зборувајќи анонимно затоа што не е овластен да коментира.

Останатите 100 работници во пештерата френетично потрчале кон излезот и биле надвор за помалку од еден час, вклучувајќи ги и последните тројца тајландски маринци и лекарот, кои поминале голем дел од минатата недела во бдеење над заробените момчиња.

Момчињата од фудбалскиот тим „Див вепар“ беа изнесени во три храбри спасувачки операции, почнувајќи од неделата изутрина. Елитен тим од 19 нуркачи ги изнесе момчињата и нивниот 25-годишен тренер по околу 3,2 километри долгиот пат од калливата просторија во која беа засолнети.

Првите четири се појавија во неделата, следните четири во понеделникот, а потоа и последните петмина околу 20 часот по локално време во вторникот вечер. За операцијата требаше момчињата да научат да дишат со помош на маски за нуркање и да патуваат низ тесните, шилести тунели.

За време на последната мисија, кога тројцата маринци и лекарот беа преземени од човечкиот синџир од спасувачи што беше формиран во внатрешноста на пештерата, сите почнале да извикуваат и да аплаудираат.

Спасувачите во синџирот поминуваа повеќе од осум часа дневно стоејќи на мало парче влажна, каллива земја, чекајќи да дојде нивниот ред да ги пренесат момчињата по дел од долгиот опасен пат. „Ако еден од тие луѓе не си ја изврши правилно должноста, носилата паѓаат“, вели еден нуркач.

Патувањето од третата комора до влезот на пештерата првично траеше околу четири до пет часа, но тоа беше сведено на помалку од еден час по една недела одводнување и расчистување на калливата патека со лопати.

12-те момчиња, кои носеа нуркачки цилиндри и секој од нив беше врзан за возрасен нуркач, мораше да бидат под вода поголем дел од патувањето, но беа пренесувани на светлоцрвени носилки секогаш кога ќе наидеа на суво тло. Секој од нив ја напушти пештерата на тие носилки, сè уште носејќи ги своите маски за дишење.

Поголем дел од минатата недела се расчистуваше патеката од 1,5 километри од третата комора до влезот. Кога австралиските нуркачи пристигнаа на 30 јуни, „комплексноста и обемот (на пештерата) не беше познат“, изјави командантот Глен Мекевен од австралиската федерална полиција на брифингот во средата.

Австралиските нуркачи, кои носеа 46 килограми опрема за нуркање, беа меѓу екипите што превезуваа радија, воздушни цилиндри и друга опрема до третата комора.

Шест австралиски полицајци и еден маринец поминаа 75 часа во таа пештера, рече Мекевен, „преместувајќи околу 20 тони опрема низ пештерскиот систем“.

Опремата содржеше пумпи со индустриска големина, боци кислород и воздух, медицински материјали и храна.

„Тие нуркаа затоа што во тоа време немаше пумпи“, рече Мекевен. „Значи тоа беше опасна операција, беше тесно, беше поплавено“.

Австралијците не можеле да продолжат понатаму, бидејќи нивната опрема била преголема: за да се продолжи по третата комора треба да се помине низ дупка помала од еден метар.

Експертите-нуркачи и момчињата носеа помала опрема, како што се апарати за дишење и боци, и тоа не на грбот, туку од страна.

Нуркачите ги споредија деловите на патувањето со движење низ одводна цевка на тоалетна шолја. Тие рекоа дека на патот до третата комора имало три големи јами, долги околу 10 до 20 метри, разделени со околу 300 метри суво тло.

Мекевен рече дека операцијата предводена од Тајланд била најкомплексната во која била вклучена полицијата. „Неверојатно е што може да направи човекот“, рече тој. „Тие се извонредни луѓе што прават извонредни работи“.

Во средата наутро се дозна дека Ричард Харис, јужноавстралискиот доктор што сите три дена даваше дозвола момчињата да почнат да се извлекуваат, веднаш по последното излегување од пештерата дознал дека неговиот татко починал.

Мајорот Алекс Рубин, од австралиските одбранбени сили, денеска рече дека Харис е „еден од најпрофесионалните лекари што некогаш сум ги запознал“.

„Неговите уникатни вештини како лекар специјалист, а исто така и неговото долгогодишно искуство како пештерски нуркач, беа неопходни за успехот на оваа операција, која беше добро водена од тајландските власти“, рече Рубин.

„Тој е крајно скромен човек и огромна тежина и притисок му беа ставени на грб, јас имам најголема почит кон сѐ што направи тој“.

Тој додаде: „Децата што поминаа низ ова тешко искушение во пештерата беа и самите херои, а тајландските маринци отидоа и понатаму. Јас нив би ги класифицирал како херои“.

Се прашувам дали градоначалникот на Охрид знаел дека „кланот" ќе додели јавно признание на вахабист.

повеќе

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе