Од почетокот на претседателствувањето

Претседателот Трамп излажал 10.796 пати во 869 дена

Дрдорењето претерани бројки, неосновани фалби и комплетни лаги од страна на претседателот Трамп продолжува со извонредно темпо, вели Вашингтон пост.

До 7 јуни, неговиот 869-ти ден на функцијата, претседателот има дадено 10.796 лажни или извитоперени тврдења, според Базата на податоци за проверка на фактите, која ја анализира, ја категоризира и ја следи секоја сомнителна изјава што претседателот ја кажал.

Претседателот на 26 април го преминал прагот од 10.000 и од тогаш дава во просек по околу 16 сомнителни тврдења на ден. Од почетокот на неговото претседателствување, тој во просек има околу 12 такви тврдења дневно.

Околу една петтина од овие тврдења се однесува на имиграцијата, неговиот омилен проблем - процент што расте откако владата ги прекина финансиите за ѕидот што тој го вети на границата меѓу САД и Мексико. Всушност, неговото најповторувано тврдење - 172 пати - е дека неговиот ѕид се гради. Конгресот се спротивстави на финансирањето на бетонскиот ѕид што тој го ветуваше, па затоа Трамп се обиде да ги претстави оградите и поправките на постојните бариери како „ѕид“.

Лажните или извитоперените тврдења за трговијата и за истрагата за руското мешање во претседателската кампања во 2016 година учествуваат со по околу 10 проценти во вкупниот број.

Наклонетоста на Трамп кон повторувањето лажни тврдења е докажана со фактот дека во базата на податоци на Проверувачот на факти има регистрирано повеќе од 300 случаи во кои тој има повторено варијација на едно исто тврдење најмалку три пати.

Интервјуто на претседателот со Лаура Ингреам на Фокс њуз за време на комеморациите на Денот Д на 6 јуни е еклатантен пример за неговиот пристап кон фактите. Еве некои од неговите тврдења, извлечени од базата на податоци:

„Тие (Мексико) испраќаат дрога вредна 500 милијарди долари, убиваат 100.000 луѓе, секоја година уништуваат милион семејства, и ако видите, тоа навистина е инвазија без оружје“.

Ова е погрешна процена. Советот на економски советници на Белата куќа во извештајот за 2017 година проценува дека „економските трошоци од опиоидната криза изнесуваа 504,0 милијарди долари или 2,8 отсто од БДП“ во 2015 година. Но тоа не е резултат само на дрогата што доаѓа преку границата. Тука се и „лицата што злоупотребуваат лекови на рецепт за болки и лица што злоупотребуваат хероин или други недозволени опиоиди“, се вели во извештајот. Центрите за контрола и превенција на болести соопштија дека лековите на рецепт учествувале со повеќе од 35 проценти од сите смртни случаи од предозирањето со опиоиди во 2017 година.

„Би рекол дека Германија не се потруди многу, Германија плаќа 1 отсто (во НАТО), а треба да плаќа многу повеќе од тоа. Па, размислете, 1 отсто. Значи ние ја штитиме Германија, а потоа Германија нè злоупотребува во трговијата“.

Трамп никогаш го нема точно погодено ова. Постојат два вида финансирање за НАТО: директно финансирање и индиректно финансирање. Директното финансирање, за воените активности, активностите за одржување и штабовите, се базира на бруто националниот доход. Со најголема економија во НАТО, САД плаќаат најголем дел - околу 22 проценти. Германија е втора, со околу 15 проценти. Индиректното финансирање се однесува на тоа колкав процент се одбранбените трошоци на земјата од бруто домашниот производ, а членките на НАТО имаат утврдено 2 отсто од БДП до 2022 година. Германија во 2018 година потроши 1,23 отсто од БДП за одбрана, но овие пари не одат во НАТО.

„Секретарот (Јенс) Столтенберг (на НАТО) можеби е најголемиот фан на Трамп, да бидам искрен, тој одеше ваму-таму, држеше говор пред некој ден, и рече: 'Без Доналд Трамп, можеби немаше да има НАТО'.“

Лага. Столтенберг го пофали тоа што Трамп ги убедуваше сите дека треба да ги зголемат давачките за членство во НАТО, но не даде таков коментар, вели Вашингтон пост.

„Она што луѓето не го кажуваат е писмото што специјалниот советник Роберт С. Малер III мораше да го прати за да го поправи своето сведочење бидејќи неговото сведочење беше погрешно“.

Лага. Милер не поправи ниту еден дел од својот извештај ниту јавна изјава на 29 мај, вели весникот.

„Ние примаме десетици милијарди долари (од Кина). Во првиот квартал имавме 3,2% од БДП. Секогаш е 1 процент, помалку од 1 процент, тоа секогаш е најлошиот квартал - ние сега сме на 3,2, точка и пол над просекот. А знаете зошто? Бидејќи многу пари доаѓаат од Кина. Ние никогаш не сме земале никакви пари од Кина.“

Практично секој економист вели дека трговските војни на Трамп помогнаа да се забави економскиот раст, а не да зајакне. Парите собрани од царините се само пад во фискалната кофа. Во меѓувреме, од кинеските стоки се собираат царини уште од раните денови на Републиката. Претседателот Џорџ Вашингтон го потпиша Царинскиот акт во 1789 година, кога трговијата меѓу Кина и САД веќе беше воспоставена. Царините за кинеските производи собираа најмалку 8 милијарди долари секоја година од 2009 година. Но не е Кина таа што ги плаќа царините; тоа се американските увозници, кои потоа трошокот им го пренесуваат на Американците, во форма на повисоки цени, вели Вашингтон пост.

„Одлично си поминавме. Има такви што велат дека никогаш не ја виделе кралицата да ѝ е толку убаво, толку да се забавува.“

Ова не е веродостојно тврдење на Трамп за неговите односи со кралицата Елизабета Втора, вели Вашингтон пост.

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе

Без оглед на политичката заднина на случајот за изнудување, владата во Скопје мора да се фокусира на темелна истрага наместо на ограничување на штетата.

повеќе