Брисел шокиран

Пресуда дочекана како објава на војна: Дали Полска објави напуштање на ЕУ?

Политички Брисел е шокиран од пресудата на полскиот Уставен суд со кој е поништено првенството на европското право. Се слуша дури дека владата во Варшава тргнала кон „полегзит“, односно напуштање на Европската Унија.

EPA-EFE

Уште од летоска во Брисел ја очекуваа одлуката на полскиот Уставен суд – и се плашеа од таа одлука. Сепак, пресудата донесена вчера (7.10) според која договорното право на ЕУ не е во согласност со полскиот устав, предизвика огорчување во европските институции и практично сите табори на Европскиот парламент. Бидејќи одлуката на судот се сфаќа речиси како почеток на полегзит, односно пат без враќање кон напуштање на ЕУ.

Уставниот суд во Варшава прогласи дека одделни делови на европското право се во спротивност на домашниот устав. Тука пред сè се мисли на правото на ЕУ да интервенира поради загрозеноста на правната држава во своите членки, што е случајот со Полска. Тоа што Варшава ги потпишала европските договори не значи дека го предала својот правен суверенитет во рацете на ЕУ, заклучи судот.

Полска наскоро без пари и право на глас?

Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли кажа дека таквата пресуда нема да остане без последици. „Приматот на правото на ЕУ мора да биде неспорен“, напиша тој. „Ја повикуваме Европската комисија да ги преземе неопходните чекори“.

Европската комисија, која е на потег како чувар на европските договори, соопшти дека пресудата, која засега е соопштена само усно, сугерира проблеми во надреденоста на европското право како и на авторитетот на Европскиот суд во Луксембург.

Комисијата „нема да се колеба да ги употреби опциите од европските договори“, најави надлежниот комесар Дидие Рајндерс. Тоа би можело да значи дека конечно ќе биде забрзана постапката врз основа на Членот 7 од европските договори, кој против Полска се развлекува со години. Доколку се утврди тешка повреда на правната држава, таа постапка може да резултира и со одземање на гласот на Варшава во рамки на ЕУ.

Како што се слуша во Брисел, досега со сите сили се избегнуваше отворена политичка пресметка. Но сега веќе нема каде, бидејќи пораката на полскиот Уставен суд е дочекана како објава на војна. Полска одамна е критикувана поради спорните закони, особено бидејќи владејачката конзервативна партија Право и правда (ПиС) го контролира правосудството.

„Тешко е да се поверува кога власта на ПиС тврди дека не сака да ја напушти ЕУ. Тие го прават сосема спротивното. Сега е доста“, напиша Јерон Ленарс кој во правосудниот одбор на ЕП ја застапува најголемата пратеничка група на Европската народна партија. „Со тоа што ги прогласува европските договори неспоиви со полското право, нелегитимниот Уставен суд ја поведе земјата кон полегзит“.

Критичарите им префрлаат на полските власти за тоа што Уставниот суд го наполнија со политички подобни судии. Токму тој закон, кој го донесе владејачкото мнозинство на ПиС, а според кој се менуваат судиите, во повеќе пресуди на Европскиот суд беше отфрлен како противправен.

Дали е ова правно придвижување на Членот 50?

Европратеникот Ленарс порача и дека Европската комисија мора да ги употреби сите инструменти за да не ги поддржи „автократите во Варшава“. Со тоа алудира на можноста на Полска да ѝ се скратат парите од заедничкиот ќуп. Брисел веќе ги замрзна специјалните средства од големиот фонд за обнова на економијата по пандемијата.

„Ако во ЕУ нема правна заедница, тогаш таа се распаѓа“, вели Јенс Гајер од пратеничкиот клуб на социјалистите во ЕП. „Полска има две можности: да го прилагоди полскиот устав на европското правото или ќе мора да ја напушти ЕУ“.

„Одлуката на Варшава е пред сè шлаканица во лицето на полските граѓани“, кажа Сергеј Лагодински од пратеничкиот клуб на Зелените.

Иако полскиот премиер Матеуш Моравјецки повеќе пати негираше дека неговата земја планира да ја напушти ЕУ, некои експерти за европско право велат дека одлуката на Уставниот суд е практично објавување на разидувањето. Бидејќи, ако се негира првенството на европското право како еден од темелите на ЕУ, тогаш тоа би можело да се толкува како активирање на Членот 50 кој ја предвидува можноста за напуштање на ЕУ, вели професорот по европско право Франц Мејер. „Значи, или заминуваат или го менуваат полскиот устав“.

Професорот Рене Репаси истакнува дека никогаш досега некој национален суд на членка на ЕУ не презел волку крупен чекор кон правно излегување од Европската Унија.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Го потсетувам претседателот на државата дека уставниот рок за создавање на парламентарно мнозинство е 20 дена, а веќе 30 дена Владата нема парламентарно мнозинство.

повеќе

Неразрешеноста на случајот („Јавна соба“) дури после речиси две години од неговото откривање ја активира јавноста бидејќи се руши илузијата дека надлежните работат на случајот.

повеќе

На националистичките агенди во регионот им треба релативно мала искра за да се направи многу поголем пламен.

повеќе