Пред точно 40 години Турчин во Ватикан пукаше во папата (ВИДЕО)

Дваесет илјади луѓе се стискаа на Плоштадот свети Петар за барем делумно да го видат Јован Павле Втори, на мајското попладне пред 40 години.

EPA-EFE

Ненадејно, додека неговиот отворен фиат папамобил се пробиваше низ толпата, папата се наведна, погоден од непосредна близина од куршумите од пиштолот на турскиот екстремист чии мотиви ни ден денес не се јасни.

Нешто по 17:40 часот на 13 мај 1981, светските агенции јавија дека Јован Павле Втори е тешко ранет во атентат.

Папата, тогаш 60-годишник, итно беше превезен во болницата Гемели каде беше утврдено дека е погоден во стомакот, левата шака и десната рака.

Рим го обзеде паника. На Плоштадот свети Петар и пред болницата итаа амбулантни коли, карабињери и новинари, а толпата, која тој ден дојде да учествува на свечена аудиенција, плачеше и се молеше за омилениот Карол Војтила.

Во обидот за убиство на папата тешко беа ранети и две жени од публиката.

Полицијата брзо го потврди идентитетот и апсењето на 23-годишниот атентатор, Турчинот Мехмет Али Агџа.

Неговиот помошник Орал Челик избега, но неколку години подоцна беше фатен во Франција поради шверц на дрога и ѝ беше предаден на Италија.

Али Агџа пукал од пиштол браунинг, потврди полицијата.

Тој на инспекторите кратко им кажал: „Сеедно ми е дали ќе умрам“.

Нестварна атмосфера во Ватикан

Како што се прошири веста за атентатот, верниците низ светот се обединија во молитва за првиот словенски папа.

Избран две и пол години претходно, на 16 октомври 1978, харизматичниот Јован Павле Втори своите дотогашни патувања ги претвори во медиумски настани и стана толку популарен што за него се зборуваше како за феномен.

Упорно инсистираше на близок контакт со верниците, што за неговото обезбедување беше вистински кошмар.

Атмосферата во Ватикан по пукањето беше нестварна и шокантна, јавуваа светските медиуми.

Верниците на Плоштадот свети Петар ги повторуваа молитвите кои одѕвонуваа од звучниците на Радио Ватикан и се мешаа со звукот на полициските хеликоптери во низок лет.

Една жена во толпата плачејќи викнала: „Папата е мртов“. Тоа беше реченицата која никој не сакаше да ја слушне.

Во меѓувреме во болницата Гемели траеше операцијата која се оддолжи речиси шест часа, но Војтила преживеа.

Папата му прости на атентаторот

Веста за неговото заздравување во следните два дена беа охрабрувачки, но само тој можеше да ги смири загрижените аџии. И затоа, како ниеден папа претходно, им се обрати со снимена порака од болничкиот кревет.

За време на емитувањето животот во Рим застана.

На една од големите авении кои водат до Плоштадот свети Петар „на неколку моменти сè замре, сопре, сета активност. Луѓето излегоа од автобусите, кафулињата и продавниците за да го слушнат смирувачкиот глас на папата“, јави тогаш Франс прес.

Војтила на верниците им се заблагодари за молитвите и благословите и кажа: „Се молам за братот кој пукаше во мене и искрено му простувам“.

Веќе на 3 јуни Јован Павле Втори беше повторно на нозе и попопуларен од кога било.

Папата ѝ се заблагодари на Богородица и го посети атентаторот во затвор

Атентатот врз Јован Павле Втори се случи на денот на Богородица Фатимска па тој беше уверен дека таа му го спасила животот. Една година по нападот го посети нејзиниот храм во Португалија и во нејзината круна беше вграден еден од куршумите кои лекарите го извадиле при операцијата.

„Ена рака го испука куршумот, а друга го водеше“, зборуваше папата, уверен дека Богородица бдеела над неговиот живот.

Кон крајот на 1983 тој го посети Мехмет Али Агџа во затворот во Ребибија и му подари бисерна круна. Агџа клекна пред него и разговорот се претвори во емоционална исповед.

Папата кажа дека Агџа се покајал, а тој му простил.

Припадник на Сивите волци

Агџа припаѓал на ултрарадикалното движење Сиви волци, терористичка и неофашистичка организација чија цел беше обединување на сите „турски народи“ – од Балканот до средна Азија во една јака, независна пантурска држава.

Бидејќи тие што го наредиле атентатот никогаш не се откриени, не е позната ни улогата на Сивите волци во тој чин.

Агџа беше пуштен од затвор во Анкара во 2010, откако мина три децении зад решетки, прво во Италија па во својата татковина.

Една од неговите жртви во Турција беше и познатиот пролевичарски новинр Абди Ипекџи.

Али Агџа неколку пати ја менуваше приказната за обидот за убиство на Јован Павле Втори и организаторот никогаш не беше откриен.

Јован Павле Втори во својата последна книга „Сеќавање и идентитет“, издадена на 22 февруари 2005, изрази уверување дека неговиот атентат бил нарачан.

Иако никогаш ништо не е докажано, многумина тврдат дека трагата на „злосторството на векот“ води кон тогашната СССР, односно КГБ и бугарските комунисти.

Папата Јован Павле Втори беше неуморен противник на комунизмот и го поддржуваше движењето Солидарност во родната Полска.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе