Почит и гадење меѓу Колумбијците

Пред точно 25 години беше убиен Пабло Ескобар (ВИДЕО)

Дваесет и пет години откако беше убиен во пресметка со полицијата, наследството на Пабло Ескобар во неговиот Медејин, градот од кој ја водеше својата кокаинска империја во комбинација на бруталност и добродетелство, одбива да умре.

Градските власти планираат наскоро да ја урнат неговата бетонска палата, но во квартот кој го носи неговото име има голем број луѓе кои тој ги задолжил и планираат да му одадат почит денес.

Ескобар беше убиен во пресметка со полицијата на покрив на куќа во Медејин на 2 декември 1993, еден ден по својот 44-ти роденден и пет месеци откако по седми пат се појави на листата на Форбс на најбогати луѓе во светот.

Неговата палата на осум спрата, наречена Монако, симболот на декадентното изобилство на колумбиската мафија во 80-те и 90-те години од минатиот век, денес е веќе руина.

Нескладната бела зграда би требало во февруари да биде срамнета со земјата.

„Монако стана антисимбол. Не сакаме денешните деца да растат сонувајќи да бидат Пабло Ескобар кога ќе пораснат. Уривањето е единствениот начин да ги залечиме раните“, вели градскиот функционер Маниел Вија.

Ескобаровото здание е најголемата туристичка атракција на богатиот медејински кварт Ел Побладо. На нејзинот место ќе биде изграден јавен парк посветен на илјадниците жртви на колумбискиот „наркотероризам“, бруталните пресметки на наркокартелите меѓу себе и со државата.

Колумбиското општество е поделено околу наследството на Ескобар.

Ангела Зулуага е една од оние кои сака да се избрише трагата на „наркокултурата“. Таа била уште во мајчиниот стомак кога платеник на Ескобар ѝ го убил таткото, судија кој дал налог да се уапси.

„Нѐ има многу кои патевме во времето на наркотероризмот“, вели таа.

Според официјалните податоци, во насилствата поврзани со дрогата се убиени 46.612 Колумбијци од 1983 до 1994 година.

На другата страна на општествената поделба, сестрата на Ескобар Луз Марија денес го посетува неговиот гроб. Таа не оди таму сама, доаѓаат и многу туристи.

Луз Марија ги признава грешките на брат ѝ, но се противи на уривањето на неговата куќа.

„Уривањето на Монако нема да ја уништи историјата на Пабло“, вели.

Ескобар го памтат и како „колумбискиот Робин Худ“. Во квартот кој го носи неговото име тој на бездомниците им изградил 443 куќи.

„Јас го гледам како втор Бог. Прво е Бог, а потоа тој“, вели 44-годишната Марија Еугенија Кастано, додека пали свеќа на импровизираниот олтар со слика на Ескобар.

Во блискиот физерски салон Ел Патрон можат да се купат сувенири со ликот на Ескобар. Фризерката Јамила Запата ги резимира контрадикторностите на животот на Пабло Ескобар.

„Пабло ќе ве збуни“, вели таа. „Ако сакате да ја гледате неговата добра страна, беше многу добар. Ако сакате да ја гледате лошата, тој беше исклучително зол“.

Миграција со достоинство (#WithDignity) е темата на Меѓународниот ден на мигрантите 2018 година, кој го одбележуваме во вторник (18 декември).

повеќе

Без оглед на фактот што од постоењето на уметноста постои и теорија и приказна за тоа, уметничкиот процес останува крајно неразбирлив.

повеќе

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе