Прашка пролет

Пред педесет години советските тенкови влегоа во Чехословачка

Во август 1968 година советските тенкови влегоа во комунистичка Чехословачка за да го задушат движењето за демократски реформи попознато како Прашка пролет, со што советскиот врв ја врати земјата под своја контрола, а нејзините демократски аспирации ги одложи за дваесетина години.

„Социјализам со човечко лице“

„Во 23 часот советски, полски, источногермански, бугарски и унгарски трупи ја преминаа чехословачката граница“, објави агенцијата Франс прес утрото на 21 август преземајќи ја веста од Радио Прага за инвазијата. Претходно кулминираа тензиите меѓу тогашниот советски лидер Леонид Брежњев и реформистичката влада која ја презема власта во Чехословачка.

Во јануари таа година московскиот послушник Антонин Новотни на местото лидер на чехословачката комунистичка партија го замени Словакот Александер Дубчек, а во март на местото претседател дојде Лудвик Свобода.

По иницијатива на Дубчек беа воведени реформи чија цел беше „социјализам со човечко лице“. Вклучуваа забрана на цензурата, слобода на собирање и здружување и внимателни економски реформи.

Москва на тоа одговори со предупредувања и ултиматум.

Тенкови во градовите

Радио Прага во 4:59 наутро објави дека престолнината и остатокот од државата се окупирани. Москва и нејзините комунистички сојузници на првиот ден на инвазијата во Чехословачка испратија 200 илјади војници, а бројот подоцна порасна на 600 илјади.

Владата во Прага ги повика граѓаните „да останат мирни и да не користат оружје против странските војници“. Голем број луѓе за инвазијата дознаа преку своите радио-приемници.

Советските сили во Прага беа сконцентрирани во три центри – во седиштето на Централниот комитет на Комунистичката партија, во Прашкиот дворец и во седиштето на радиото.

Стотици жители на Прага се собираа од утрото пред радио-станицата која беше опкружена со тенкови. Војници пукаа со митралези во зградата и околните куќи доека Чехословаците ги опсипуваа со навреди како „Гестапо“ и скандираа „Да живее Дубчек“. Во првите денови на инвазијата беа убиени околу стотина луѓе.

Лидерите уапсени

Рсуката новинска агенција ТАСС објави дека интервенцијата е извршена на барање на „чехословачки државник“. Историчарите подоцна утврдија дека тоа бил Васил Билак, член на политбирото на партијата.

Советската Црвена армија во утринските часови од инвазијата ги уапси Дубчек, премиерот Олдрих Черник и други, одведувајќи ги на 22 август во Кремљ, а еден ден подоцна им се придружи втора група во која беше и претседателот Свобода.

Сите тие по четиридневни преговори беа приморани да го потпишат Московскиот протокол со кој беше формализирана советската окупација. Добчек беше оставен на власт, но влијанието му беше системски ослабено.

Народен отпор

Чесите и Словаците во меѓувреме почнаа ненасилен отпор на окупацијата. За да ги збунат советите ги острануваа таблите со имињата на улиците, а низ земјата беа поставени табли во насока на Москва.

Дванаесет слободни радио-станици продолжија да емитуваат и покрај обидите на Москва да ги згасне. Автомобилските сирени, фабричките и црковните ѕвона секојдневно заедно ѕвонеа во знак на поддршка на Дубчек и Свобода чие враќање од Москва нетрпеливо се очекуваше.

Згасната Прашката пролет

Утрото на 27 август радиото објави дека Свобода и Дубчек се враќаат. Возбудените маси ја преземаа сообраќајницата која води од аеродромот кон Прашкиот замок на кој беше вратено државното знаме. Но, занесот беше краткотраен.

Свобода во обраќањето до нацијата истакна дека заминувањето на „окупаторот“ е условено од „нормализацијата на состојбата“.

„Слободата некое време ќе биде ограничена за да се овозможи враќање во нормална состојба“, истакна Дубчек со „скршен глас““, пишуваше тогаш Франс прес.

Договорот за привремено стационирање на советските трупи беше потпишан во април 1969 година.

Дубчек истиот месец беше остранет од функцијата лидер на Комунистичката партија по што следеа масовни чистки.

Демократијата во земјата не се врати сѐ до Кадифената револуција во 1989, а четири години подоцна земјата се подели на Чешка и Словачка.

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе

Подгорица во 2019 година ќе добие споменик на Јосип Броз Тито.

повеќе