Пред десет години беше убиен Гадафи: Либија пропадна, државната моќ се распадна, кризата продолжува

Десет години откако либиски бунтовници го убија либискиот диктатор Моамер Гадафи, северноафриканската земја сè уште не е излезена од спиралата на насилство која ја предизвика неговото уривање од власта.

EPA-EFE

Една година долгото примирје и мировниот процес предводен од Обединетите нации едвај ги прикрија длабоките поделби, а тешко дека кризата ќе ја решат и претстојните избори, тврдат аналитичарите.

Гадафи владееше со Либија цели 42 години по државниот удар против монархијата во 1969, прикажувајќи се како револуционер, арапски и африкански херој додека истовремено безмилосно ја задушуваше опозицијата.

Во 2011 година беше урнат во бунт поттикнат од Арапската пролет и со интервенција на НАТО.

Бунтовниците на 20 октомври му влегоа во трага во неговиот роден град Сирт, го мачеа и го убија на улица, изложувајќи го неговото тело на пазарот.

Неговата смрт, меѓутоа, не донесе ни демократија, туку ја уништи стабилноста.

Наместо тоа Либија се подели долж регионалните и идеолошките линии, со цела низа мафијашки милиции и нивни странски ментори кои сакаат контрола над земјата богата со нафта.

Прекинот на борбите договорен минатиот октомври доведе до именување влада на национално единство со мандат да организира избори.

Ќе може ли со претседателските избори најавени за 24 декември и парламентарните избори во јануари Либија конечно да сврти страница по деценијата хаос?

„Во однос на изминатите 10 години, Либија е во многу подобра ситуација“, вели Хамиш Кинеар, аналитичар на истражувачкиот институт Вериск Мејплкрофт.

„Но либиската политичка стабилност е сè понеизвесна“, вели тој.

„Следните шест месеци ќе ни покажат дали мирниот период кој следеше по прогласувањето на прекинот на огнот во октомври 2020 бил само прилика за оружените фракции да ги залечат своите рани или вистински напредок кон политичко решение“.

Либискиот научник Махуд Калафах исто така не верува дека самите избори ќе доведат до „дефинитивно решение“ на кризата.

За тоа би требало „да се прекине негативното странско мешање во либиските внатрешни прашања, либиските гласачи би требало да покажат зрелост при изборот на своите претставници, би требало да ги надминат племенските и регионалните поделби и сите страни да ги прифатат резултатите на изборите“, вели тој.

Ништо од тоа не е сигурно.

Патот кон гласачките места е поплочен со жестоки расправи за изборните закони, пред сè за предлог законот за претседателските избори кој изгледа како наместен за кандидатура на воениот лидер Халифа Хафтар.

Хафтар го мразат многумина во западна Либија, особено по едногодишната офанзива на неговата Либиска национална рмија со цел заземање на Триполи, во која загинаа илјадници луѓе пред во јуни 2020 да ја потиснат оружените групи поддржани од Турција.

Кинеар предупредува дека избори спроведени по контроверзниот закон, без поширока поддршка од групите на западот, би можеле повторно да ја поделат Либија на сопернички источна и западна влада.

„Ризикот од тоа би бил поизразен кога Хафтар би победил на претседателските избори бидејќи тој е токсична личност за оружените фракции кои го бранеа Триполи за време на неуспешната офанзива на Либиската национална армија“, вели тој.

Странските функционери го сметаат одржувањето на изборите за приоритет и ги игнорираат нерегуларностите кои го следат политичкиот процес, вклучувајќи ги обвинувањата за корупција кои кружеа околу изборот на преодниот премиер Абдулхамид Дбеибах во февруари.

„Свесни сме дека има нерегуларности, дури и корупција, но и понатаму веруваме дека тие избори се решението“, кажа еден европски дипломат во Триполи.

Аналитичарот Ахмед ал Рашраш вели дека Либијците „се надеваат дека изборите ќе доведат до подобар живот и политичка стабилност и безбедност“.

Но многумина изразуваат сомнеж дека тој процес ќе ги реши длабоко вкоренетите проблеми.

Поради таквата ситуација некои се носталгични по ерата на Гадафи.

Додека тој за време на своето владеење брутално ги искорени сите облици на опозиција, многумина уживаа во високиот животен стандард кој го плаќаше големото либиско нафтено богатство, со највисок БДП по глава на жител во Африка.

Тоа е чиста спротивност на денешната ситуација.

Десетте години конфликти ја уништија инфраструктурата и ја дотолчија економијата, предизвикувајќи хроничен недостиг на струја и галопирачка инфлација.

„Затоа Либијците патат и физиолошки и економски“, вели бизнисменот Исам ел Меџри од Триполи, иако вели дека „се чувствува послободно“ од падот на Гадафи.

Фараџ Наџиб, кој има мала продавница во источниот град Бенгази, вели дека изборите се „зрак надеж“ за Либијците, уморни и осиромашени од долгогодишните оружени конфликти.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе