Пред 75 години беше ослободен Аушвиц, најлошото место во историјата на човештвото

Познатиот германски филозоф Теодор Адорно во своето дело Културната критика и општеството од 1949 година ја објави и славната реченица: „Дасе пишува поезија по Аушвиц е варварски“. Адроно подоцно ретерираше во однос на тоа тврдење, но таа и денес одлично ги отсликува шокот и ужасот на Аушвиц, најстрашниот од сите нацистички логори на смртта.

Денес се одбележува Денот на сеќавањето на холокаустот, а 27 јануари е избран бидејќи на тој датум во 1945 година Црвената армија го ослободи Аушвиц, во кој затекна околу седум илјади преживеани логораши, меѓу нив и 700 деца. Беше тоа крајот на еден од најлошите ужаси во историјата на човештвото, кој траеше цели илјада и 689 дена, за време на кои индустриски беа убиени повеќе од милион луѓе, главно Евреи.

Аушвиц не беше застранување, туку остварување на идеите на нацизмот

Аушвиц всушност бил дел од логорскиот комплекс кој нацистите го изградиле во окупирана Полска, а со намера да ги истребат сите Евреи во Европа. Тоа беше една од фикс-идеите на нацистичкиот лидер Адолф Хитлер, која го пронижува целото негово злосторничко дејствување.

Важно е да се истакне дека Аушвиц е директен резултат на нацистичката идеологија, која нацијата и расата ги ставаше над сѐ, и низа народи ги сметаше не само помалку вредни, туку и за закана на „ариевската расна чистотта“. Аушвиц, значи, не беше застранување, туку остварување на идеите на нацизмот.

Индустриско убивање

Аушвиц е карактеристичен и по тоа што нацистите осмислиле систем за масовно убивање со отровен гас, и многу заробеници во овој концентрационен логор директно од возовите, кои доаѓале од сите страни на Европа, биле праќани во гасни комори, во кои биле труени. Потоа нивните трупови биле палени во специјално изградени крематориуми.

Првите убиства од тој вид во Аушвиц се случиле во август 1941, кога врз полските и советските заробеници била испробана ефикасноста на отровниот гас, за целата операција да нарасне до размери кои и денес се тешки целосно да се сфатат. Во Аушвиц од 1942 до крајот на 1944 биле одведени 1,3 милиони луѓе, од кои 1,1 милиони биле убиени. Најмногу Евреи (околу 960 илјади), и Полјаци (74 илјади), Роми (21 илјада), советски заробеници (15 илјади), итн.

Експериментите на Менгеле

Индустриското масовно убивање за жал не е единствениот хорор на Аушвиц, туку само најголемиот. Во логорот се вршеле и монструозни експерименти врз луѓето, со кои раководел озлогласениот д-р Јозеф менгеле, се спроведувале најразлични мачења и понижувања – бил тоа пекол на земјата.

Таквиот каталог на злосторства бил извршен со учество и помош од низа обични Германци, кои главно не биле крвожедни чудовишта како Менгеле, туку биле уверени дека „само следат наредби“ и ги вршат своите задачи во корист на германската нација и „Илјадагодишниот Рајх“. На тоа му претходела целосна дехуманизација на Евреите и сите останати кои нацистите ги сметале за помалку вредни, па машината наречена Аушвиц можела застрашувачки ефикасно да функционира. На судењата  за своето учество во злосторствата во Аушвиц завршија само 789 луѓе, околу 15 отсто од оние кои учествувале во функционирањето на логорот, а управителот Рудолф Хес беше осуден на смртна казна.

„Работата ослободува“

На влезот во Аушвиц стоел циничниот натпис „Arbeit macht frei“, односно „Работата ослободува“, со кој требало да се сугерира дека станува збор за работен логор. Нацистите сепак се труделе да го прикријат масовниот геноцид па требало прилично долго за вестите за Аушвиц да стигнат до сојузниците, кои не баш се прославиле во обидите да го сопрат или барем успорат масовното убивање на Евреите. И денес им се префрла што, на пример, не ги бомбардирале пругите кои воделе кон Аушвиц.

За жал, и денес постојат луѓе кои го негираат холокаустот или наоѓаат оправдувања за злосторствата на нацистите и нивните сојузници, а многу истражувања покажуваат дека младите сѐ помалку знаат за тоа што навистина се случувало во Аушвиц. „Никогаш да не се повтори е фраза која често се слуша на комеморациите за холокаустот и злото на нацизмот, но за тоа нема никакви гаранции. Сѐ зависи од луѓето.

Вчера оправдано доминираше веста дека „Макрон ќе поддржи преговори за Македонија и Албанија ако ЕК препорача во март“.

повеќе

Албанија мора отворено да каже, дека обидите на Софија за асимилација на Македонците во Албанија како Бугари не се добрососедство, туку отворен напад.

повеќе

Перењето пари преку трансакции со недвижнини ги интегрира црните фондови во економијата, притоа обезбедувајќи сигурна инвестиција.

повеќе