Повик за будење

Пожарот во Нотр Дам беше предупредувачки аларм. Но дали Европа го слушна?

Тенка е линијата меѓу завршетокот на патината напластена од староста на безбројните споменици на Европа и почетокот на занемарувањето. Како и со многумина најблиски, си мислите сè е добро, и одеднаш веќе не е.

По пожарот што минатата недела го опустоши Нотр Дам, почнаа да се поставуваат прашања за состојбата на илјадници други катедрали, палати и селски кубиња што ја претворија Франција, како и Италија, Британија и Шпанија, во отворени музеи на западната цивилизација.

Ако дури и една легендарна градба како Нотр Дам не може да биде заштитена од уништување, ако еден таков моќен симбол на Франција мора да кубури со средства за одржување, тоа јасно ја покажува културата на апатија, која може да ја поткопа заедничката историја, како и милијардерската индустрија на туризмот од која зависи голем дел од Европа.

„Ние сме толку навикнати на нашето извонредно културно наследство во Европа, што честопати забораваме дека му треба постојана грижа и внимание“, изјави Тибор Наврачич, висок културен претставник на Европската Унија, за Асошиејтед прес.

Некои велат дека во Париз одекнал повикот за будење, не само за Европа, туку и за целиот свет.

Снешка Кведвлиг-Михајловиќ, раководител на фондацијата за културно наследство Еуропа Ностра, вели дека „како Нотр Дам да одлучила да се запали за да го вклучи алармот. Како да сакала да се жртвува за каузата.“

Катастрофалните пожари го голтале знаењето, уметноста и богатството на човештвото уште откако познатата библиотека на Александрија во северен Египет изгорела во античко време. Пред Нотр Дам, последното глобално предупредување дојде кога бразилскиот Музеј насионал во Рио де Жанеиро, една од најважните културни институции во Јужна Америка, изгоре во септември.

„За жал, пожарот во Нотр Дам е само еден од многуте примери“, вели Наврачич.

Експертите ја гледаат речиси бескрајната листа на пожари на историски локалитети во Европа и се прашуваат зошто функционерите честопати не сфаќаат пред да биде предоцна. Податоците за таквите пожари се ограничени, бидејќи спомениците се толку разновидни. Некои биле несреќи, други биле подметнувања.

„Нема точни статистики“, вели Дидие Рикнер од француската Ла трубун де л'арт, но додава дека во Франција има по „неколку пожари секоја година во историски градби, што е веќе премногу“.

Во 1985 година кулата на главната катедрала во Луксембург се запали и изгоре. Во 2004 година, пожарот во библиотеката Војвотката Ана Амалија во Вајмар, Германија, предизвика штета од околу 80 милиони евра. Во Италија, историската опера Ла Фениче во Венеција беше уништена од пожар во 1996 година, а една година подоцна, тоа се случи и со Синдонската капела во Торино.

И многу често, пожарите се случуваат за време на реставрација.

Минатата година зградата Макинтош во Глазговската школа за уметност беше голтната од оган вторпат за четири години, додека се приближуваше кон крајот на проектот за реставрација од повеќе милијарди фунти.

Во Шпанија, Големиот театар Лисео - операта на Барселона - беше целосно уништен во 1994 година од пожар предизвикан од искра што падна на завеса за време на рутински поправки.

Експертите велат дека она што недостига се постојано внимание и редовно одржување, кое може да помогне да се избегне потребата од поголеми активности за реставрација, но тоа чини пари. Проблемот е влошен со штедењето, кое многу европски земји го усвоија по финансиската криза во 2008 година и за време на последователната должничка криза во Европа.

Последното жарче од огнот во Нотр Дам едвај беше изгасено кога двајцата најбогати луѓе во Франција, ривалските милијардери, ускокнаа со неверојатни, конкурентни донации од стотици милиони евра за обнова на париската катедрала. Донациите за Нотр Дам сега изнесуваат над 1 милијарда евра - или околу три години од францускиот национален реставрационен буџет.

„Видовте, парите сега не се проблем“, вели Кведвлиг-Михајловиќ. „Лекцијата е тука. Нели може да инвестираме помали суми, а не само за најголемите и најлегендарните споменици?“

Некои велат дека светски познатите споменици како Нотр Дам се движечка сила зад туризмот и заслужуваат поголема почит.

„Културното наследство е златен рудник. Не можете да го експлоатирате, а потоа едноставно да го напуштите рудникот и да преминете на друг. Тоа е нешто што навистина треба да го негувате“, вели Кведвлиг-Михајловиќ.

Едно современо демократско општество се разликува од тоталитарното токму по тоа што јавната критика е основно полемичко право и должност на медиумите.

повеќе

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе