„Коронавирусот е детска играчка во споредба со климата“

Бил Гејтс има план за спас на светот. Дали светот ќе го послуша?

Решавањето на климатските промени би било „најневеројатната работа што човештвото некогаш ја направило“, вели милијардерот и основач на Мајкрософт, Бил Гејтс. За споредба, окончувањето на пандемијата е, теоретски, „многу, многу лесно“.

Фото: ЕПА

„Свесен сум дека јас сум несовршен гласник за климатските промени“, пишува Бил Гејтс во својата книга за тоа зошто смета дека светот може да достигне нула емисии на стакленички гасови до 2050 година.

Филантропот и коосновач на „Мајкрософт“ е, по негово сопствено признание, неверојатно богат и има голем удел во јаглеродот на планетава. Дури, Гејтс открива дека одлетал на климатскиот самит во Париз во 2015 година со приватен авион. Не е Грета Тунберг.

Од друга страна, тој има око за детали, способност едноставно да ги објаснува комплексните проблеми и привлечно смел интерес за складирањето ѓубрива и централите. Покрај тоа, со работата на неговата фондација за прашања, вклучително и здравјето и сиромаштијата низ целиот свет, осозна дека она може да функционира за САД може да не функционира за Индија.

Тој пишува за ова во својата последна книга „Како да се избегне климатска катастрофа“, која воедно е водич за борбата против глобалното затоплување.

„Не ја потценувајте големината на предизвикот. Никогаш не сме направиле потфат како овој за кој зборуваме дека треба да се направи во следните 30 години. Нема преседан за тоа. Светот обично секоја година во атмосферата додава педесет и една милијарда тони стакленички гасови. Нула е целта до која треба да дојдеме“, повикува Гејтс.

Гејтс сака да зборува за тоа како технологијата може да ни помогне на тоа патување. „Алтернативните извори како ветерот и сонцето може да ни помогнат во декарбонизирањето на електричната енергија, но тоа е помалку од 30 проценти од вкупните емисии. Ќе мора да ги декарбонизираме и другите 70% од светската економија - челик, цемент, транспортни системи, производство на ѓубрива и многу други работи. Едноставно, во моментов не постои начин да го сториме тоа за многу од овие сектори“.

Бран иновации

Одговорот, вели Гејтс, ќе мора да се случи во бран иновации какви што светот досега нема видено. „Тоа мора да почне со владите“, тврди тој. „Сегашниот економски систем не ги пресметува реалните трошоци на користењето фосилни горива. Кога би го правел тоа, светската економија воопшто не би била профитабилна. Повеќето пазарни играчи не плаќаат ништо за штетата нанесена на животната средина од загадувањето од горивото од автомобилите или со јагленот и гасот што ја овозможиле струјата во нивниот дом. Во моментов економијата не ја признава штетата што ја предизвикува при емитирањето јаглерод диоксид“, објаснува компјутерскиот магнат.

Тој апелира дека владите мора да интервенираат. „Мора да имаме ценовни сигнали за на приватниот сектор да му покажеме дека сакаме зелени производи“, вели тој, додавајќи: „За тоа ќе биде потребно големо вложување на владите во истражување и развој, како и поддршка за да се овозможи раст на пазарите на нови производи и технологии, помагајќи со тоа да се намалат цените“.

Сепак, Гејтс беше познат по тоа што, додека Мајкрософт градеше корпорација вредна милијарда долари, тврдеше дека регулацијата ги гуши иновациите. Зошто сега сменил плоча? Одговара дека секогаш ја поддржувал „основната улога на владата во однос на инфраструктурата, законодавството, образованието и научните истражувања“. Што се однесува на климатското прашање, тој смета дека ќе биде невозможно да се избегне катастрофа, особено за оние што живеат во близина на екваторот, без владите низ целиот свет да искоординираат сериозни напори за ова прашање.

„Крајно време е Републиканската партија во Америка да ја препознае важноста на борбата против климатските промени“, посочува Гејтс. „Тоа мора да биде постојан 30-годишен напор. Пазарот едноставно не може да ја промени целата таа физичка инфраструктура ако пазарните сигнали не се постојани и многу јасни. Едноставното консумирање помалку работи - помалку летови, локална храна, помалку електрична енергија и гас - нема да го реши проблемот. Индија ќе гради станови за своите луѓе, ќе обезбедува ноќно осветлување, климатизација, за да може да ги одржи условите“, смета Гејтс, па глобалната побарувачка нема да се намали.

Политичката акција е поважна од кога било

Тој тврди дека политичката акција е поважна од кога било и дека народот треба да бара од владата да работи правилно и, користејќи го својот глас на потрошувач, истото да го бара и од корпорациите. „Ако купите електричен автомобил, хамбургер направен од замена за месо, електричен грејач за својот дом, помагате да се зголеми производството на овие производи и со тоа ги намалувате цените.“

Основачот на Мајкрософт и понатаму ужива во придобивките што ги обезбедува животот на еден милијардер. Користи приватни авиони, но инсистира дека тие се напојуваат од биогорива произведени од растителни производи. „Знаете, јас сега плаќам трипати повеќе за моето авионско гориво, повеќе од 7 милиони долари годишно“. Тој исто така се приклучи во наддавањето во износ од 3 милијарди фунти за купување на една од најголемите светски компании за изнајмување приватни авиони, Сигначр авиејшн. Како тоа се вклопува во неговата борба против климатските промени? „Мислам дека укинувањето на воздушниот сообраќај не би имало смисла“, одговара тој. „Ваквата техника на брутална сила нема да нѐ однесе таму каде што сакаме. Одговорот мора да биде авионско гориво што не е прескапо и има нула емисии. Тоа треба да бидат биогорива или електрични горива или можеби употреба на зелен водород за авионски погон.“

Гејтс верува дека сме на клучна точка во дебатата за климата. Тој верува дека младата генерација го има правилното и неопходно морално убедување и дека мора да биде вклучена во правењето на измените по ова прашање. „Мора да ја искористиме таа младешка енергија и да осигуриме дека е насочена кон политики што ќе ги сменат работите“, тврди тој. Но нема да биде лесно, предупредува Гејтс. Настојувањето да се решат овие проблеми мора да стане врвен приоритет во годините што доаѓаат.

Тој се надева дека ќе имаме и среќа во развојот на иновативна нова технологија што навистина ќе може да ги реши проблемите во таа област. Но оптимист е дека сепак можеме да ги избегнеме најлошите ефекти од климатските промени. „Знаете, го имам тоа видено многу пати - иновациите секогаш нè изненадуваат на позитивен начин“.

Гејтс можеби не е совршениот гласник, но тој напиша одличен буквар за тоа како да се извлечеме од овој хаос, вели Њу саентист.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе