Индипендент

Последното поглавје на Советскиот Сојуз

Дали сме сведоци на конечното откинување на последното парче од сложувалката на Советскиот Сојуз? Историјата ни вели дека СССР престанал да постои на 25 декември 1991 година, кога Михаил Горбачов поднесе оставка, Борис Јелцин стана господар на Кремљ како претседател на Русија, а другите 14 советски републики тргнаа секоја по својот пат. Тоа е историја за во учебници, но не е целата вистина, вели британски Индипендент.

Прво, пропаста на СССР се одвиваше во фази. Постоеше демократско движење што ја поткопуваше доминацијата на Комунистичката партија во текот на претходните три години. Советските тврдокорни во август 1991 година извршија пуч, по кој дојде до прелевање на власта од институциите на Советскиот Сојуз кон Русија. Трите балтички држави си ја вратија независноста, која наскоро беше признаена од повеќето западни земји. На состанокот во ловниот дом во Бјеловјеската шума на 8 декември, лидерите на државите што го основаа СССР се откажаа од договорот, давајќи „де јуре“ поддршка за распадот.

Помалку опиплив и потежок за прикажување е вистинскиот, де факто распад на СССР. Руската тробојка можеби преку ноќ ги замени српот и чеканот над Кремљ, но врските што го одржуваа заедно не можеа да се прекинат толку едноставно. Може да се каже дека раскинувањето на политичките, економските и, да, психолошките врски траеше во добар дел од последниве 30 години, при што оние поранешни републики најблиски до Русија, се разбира, беа последни во редот.

Украина беше претпоследната што се отцепи. Нејзиното заминување почна со прогласувањето независност на 24 август 1991 година. Но тој процес реално почна дури во 2003 година, со изборите што Портокаловата револуција успешно ги оспори. Продолжи со Еуромајдан во 2014 година - кој во Украина се нарекува и „револуција на достоинството“ - а беше запечатен со изборот на аутсајдерот Владимир Зеленски минатата година. Некои би рекле дека независноста на Украина, всушност, нема да биде целосна сè додека трае конфликтот против проруските бунтовници на истокот на земјата. Сепак, тој процес е неотповиклив. Ако Русија некогаш се надеваше дека ќе ја задржи Украина, таа битка е загубена.

А сега - можеби - доаѓа последното поглавје. В недела би можеле да видиме како Белорусија, последната поранешна советска република и на многу начини најблиска до Русија, конечно се одвојува од она што остана од нејзините советски врски. Претседателот Александар Лукашенко се кандидираше за шести петгодишен мандат, но се соочува со опозиција што одненадеж е посилна и пообединета од кога било досега.

Да се опише Лукашенко како „последниот диктатор на Европа“ е ласкање на неговата моќ; попрецизно би било автократски дрзник - со завидна вештина за преживување. Тој ја презеде власта пет години пред Владимир Путин да влезе во Кремљ и оттогаш се одржува, со мал број сериозни предизвици. Неговата техника е скоро кинеска: стабилност и подобрување на животниот стандард во замена за политичка послушност, со употреба на не толку нежна полициска сила кога е потребно.

Меѓутоа, овој пат, Лукашенко се чини дека е затекнат од решеноста и досетливоста на неговите противници. Тие се обединија околу Светлана Тихановскаја, која се вклучи во трката откако беа приведени тројца главни опозициски лидери, меѓу кои и нејзиниот сопруг Сергеј Тихановски. Комплетно нова во политиката, таа собра десетици илјади луѓе на митинзите низ целата оваа земја со помалку од 10 милиони жители. Во изминатите две недели, масите беа толку големи што се чини дека властите се откажаа од обидите да ги забранат или растурат.

Програмата на опозицијата би можела да се сумира како „Сè само не Лукашенко“. Меѓутоа, таа е и похрабра и поедноставна. Тихановскаја тврди дека не се бори за власта како таква. Вели дека би ја искористила победата за да го обнови она што се смета за прв демократски устав на Белорусија - од 1994 година - кој содржи слобода на говор, слободни избори и ограничувања на претседателовиот мандат. Потоа, таа би распишала нови, слободни избори.

Опозицијата има повеќе работи што ѝ одат во прилог отколку што некој можеше да замисли во почетокот, почнувајќи од енергијата и посветеноста што Тихановскаја ги вложи во кампањата. Економијата е во застој и расте незадоволството поради застоената политичка состојба. Лукашенко беше критикуван и поради одговорот на пандемијата на коронавирусот, за која тој тврди дека лично ја победил, иако неодамна мораше да откаже говор.

Опозицијата, исто така, можеше да ги користи социјалните мрежи, заобиколувајќи ги официјалните државни медиуми, за да испраќа пораки и да се организира. Тие, исто така, знаат за револуциите и слободните избори во Украина и за релативниот просперитет во соседна Литванија.

Ништо од ова не значи дека Тихановскаја може да победи. Таа апсолутно би можела да изгуби, или валканите трикови на нејзиниот ривал би можеле да ѝ ја одземат победата. Меѓународните набљудувачи се забранети, а домашните волонтери се зад решетки. Не може да се каже ни дека, дури и во малку веројатниот случај да победи, и да ѝ се дозволи да победи, опозицијата би можела да остане обединета како што беше за време на кампањата.

Исто така, постојат многу повеќе негативни сценарија. Ако се добие впечаток дека изборите биле „украдени“ и ако потоа следуваат протести, сосема е можно тие да бидат брутално разбиени, како што се случи во 2010 година. Но 2020 не е 2010. Не само што опозицијата е пообединета, туку и Лукашенко е помалку ориентиран кон Москва, додека Западот тивко му се додворува.

Москва досега се воздржуваше, пред сè затоа што Путин веќе има полни раце работа - околу Сирија, Украина и сега протестите на рускиот далечен исток. Лукашенко тврди дека околу 30 наводни руски платеници, неодамна уапсени во Белорусија, биле испратени за да прават проблеми. Но Минск е стандардна трансфер-точка за Русите распоредени во Либија и Африка, а се поставува и прашањето дали Москва навистина би сакала да ги загрози шансите на Лукашенко. Она што е јасно е дека секој потег на белоруската опозиција да го имитира украинскиот Еуромајдан - бранот граѓански немири во 2013/2014 година - би ја довел во незгодна позиција не само Русија, туку и ЕУ и САД. Покрај тоа, можеби е преувеличен степенот до кој Белорусија некогаш била целосно во рускиот табор. Оваа идеја беше засилена со повремената приказна за можна руско-белоруска конфедерација - што сега очигледно е трајно отфрлено. Сепак, секогаш беше погрешно Белорусија да се гледа како приврзок на Русија.

Таа има долга историја на сопствена уметност, фолклор и театар, од кои дел е основан во предвоената еврејска заедница. Марк Шагал потекнува од околината на Витебск. Кога Советскиот Сојуз се распаѓаше, токму Белорусија беше домаќин на клучната средба во Бјеловјеската шума, на која беше отфрлен договорот за СССР од 1924 година. Од катастрофата во Чернобил страдаше речиси исто колку и Украина и извлече слични заклучоци за советскиот систем. Белорусија исто така беше меѓу првите постсоветски држави што почнаа да печатат свои пари, ги сменија имињата на улиците и ги преработеа ознаките на белоруски - јазикот што некои Руси го отфрлаат како чист „дијалект“, само точка на национална гордост. Ако сакаа поранешните советски републики, како што понекогаш се споменуваше, да формираат групација како Европската Унија, Белорусија се надеваше дека Минск ќе стане нејзиниот Брисел.

Накратко, Светлана Тихановскаја можеби нема да победи на изборите во недела, од која било причина, но Белорусија мора да се третира како возрасна, независна земја. Од овој момент, само прашање на време е кога конечно ќе заврши вистинскиот распад на Советскиот Сојуз.

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе

Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

повеќе