Дојче веле

Последната битка на Ангела Меркел ќе биде Косово

Во судирот на Србија и Косово во игра се и надворешнополитичкото наследство на Ангела Меркел, но и стабилноста на Европа и иднината на западното сојузништво, пишува Бодо Ведер за Дојче веле.

Високиот соработник на Советот за политика на демократизација, трансатлантскиот истражувачки центар со седиште во Берлин, потсетува дека во преговорите меѓу Косово и Србија за сеопфатен договор, почнати во 2012 токму на иницијатива на канцеларката Меркел, од почетокот на годината е забележлива голема американска дипломатска офанзива.

Вебер истакнува дека во заднината на тие преговори е идејата за размена на територии, но со потсетување дека никој не соопштил јасен план. Исто така, според Вебер, против таа идеја се изјаснија пред сѐ германската влада и канцеларката, што наиде на неразбирање кај нејзините соговорници.

Таа идеја, тој предлог е всушност нешто сосема поинакво од она што го прикажуваат неговите заговарачи: тоа е ужасен сојуз на двајца балкански лидери со шефицата на дипломатијата на ЕУ и непредвидливата Трампова администрација. Тоа е сојуз кој го первертира политичкиот дијалог и основните принципи на децениската западна стабилизација и демократизација на Балканот, смета Вебер.

„По војната на Косово, токму Белград одби каков било компромис втемелен на реалноста, вклучувајќи го и планот на претставникот на ОН Марти Ахтисари, кој Приштина беше принудена да го спроведе унилатерално, во рамките на уставниот поредок на денешна Република Косово“, вели тој и додава:

„Дури години подоцна, канцеларката Меркел беше таа која за решавање на блокираниот конфликт околу статусот го искористи стремежот на Белград кон ЕУ – поврзувајќи го пристапувањето на Србија со признавањето на реалноста за губењето на Косово – и така со поддршка од Британија и САД постигна историски напредок. Во Договорот од април 2013, Белград фактички го призна Косово. Тогашниот премиер на Србија Ивица Дачиќ јавно кажуваше дека политиката и општеството цела деценија се лажеа дека Косово сѐ уште е дел од Србија“.

Иако ЕУ тогаш не ја одреди јасно целта на дијалогот, на двете страни им беше јасно дека тоа значи целосна нормализација на односите, вклучувајќи и заемно признавање. На тоа упатуваа и изјавите на Меркел и тогашниот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле – дека времето на промени на границите на Балканот е завршено.

Вебер смета дека поради тоа новите, „тајни“ преговори се всушност драстичен чекор наназад, додека сите актери имаат различни мотиви. Србија, според него, сака да ја искористи актуелната политичка слабост на ЕУ, за да извлече повеќе од она што било можно во претходно договорените тесни рамки на дијалогот. Исто така, сака и да го сврти вниманието од актуелните домашни политички проблеми.

Косово, од друга страна, против волјата на сите косовски албански партии ги приватизираше преговорите за Хашим Тачи, бидејќи тој се надева дека ќе избегне обвинение од Специјалниот суд на ЕУ за воени злосторства на крајот на војната на Косово.

Тој смета дека потенцијалните последици на договорот за размена на територии, „дополнителната западна легитимизација на етнотериторијалниот принцип три децении од почетокот на балканските војни’“, би биле разорни: „Егзодусот на Србите кои живеат на југот на Косово би бил неизбежен. Потоа би следеле оружени судири меѓу мнозински српското население и косовските Албанци на северно Косово. Би следела етнонационалистичка дестабилизација на целиот регион, од Босна и Херцеговина до Македонија. Процесот на пристапување на земјите од западниот Балкан во ЕУ на подолго време би бил замрзнат“.

За канцеларката Меркел, актуелниот развој на настаните претставува некој вид последна надворешнополитичка и европскополитичка битка, смета аналитичарот и додава дека во ЕУ против таа идеја најјасно се изјасниле Меркел и нејзиниот социјалдемократски министер за надворешни работи Хаико Мас.

„Тој став го имаат и повеќето држави членки на ЕУ, вклучувајќи ги и тие како Шпанија и Словачка, кои не го признаа Косово. Меѓутоа, тие сега се кријат зад Германија, надевајќи се на водечката улога на канцеларката. Изгледа дека Ангела Меркел во моментов се двоуми дали на крајот на својата политичка ер ада ја почне оваа битка за своето политичко наследство“, смета Вебер.

За да се спречи договорот за размена на територии со неговите далекосежни последици, канцеларката ќе мора повторно да ја преземе улогата на европски лидер во овој политички дијалог. „На Белград и Приштина мора да им биде јасно дадено до знаење дека во случај на потпишување договор за размена на територии, поради заканите за мирот и демократијата на западниот Балкан, за Берлин тоа би можело да значи поткопување на шансите за членство во ЕУ за двете земји и тоа на подолг рок“, вели Вебер.

„Овен тоа, Берлин би требало да ги обедини другите членки на ЕУ во иницијатива за ресетирање на преговорите и враќање на изворните рамки на дијалогот. Треба да се причека и да се види дали самитот за западниот Балкан кој Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон го закажаа за 29 април, ќе биде чекор во таа насока“, заклучува Вебер за Дојче веле.

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе