Европејците гласаат

Последен ден од европските избори, гласаат повеќето членки

Европејците денеска гласаат на избори што се очекуваше уште повеќе да ги нагризат традиционалните проевропски партии и да ја зајакнат националистичката нишка во Европскиот парламент, кревајќи потенцијална кочница за колективната акција во економската и надворешната политика, вели Ројтерс.

Дваесет и една земја од Европската Унија денеска гласаат на изборите за Европскиот парламент, откако Летонците, Малтежаните и Словаците гласаа во саботата, а Велика Британија, Холандија, Ирска и Чешка претходно неделава.

Од четвртокот до денес околу 418 милиони гласачи низ 28-те земји членки на ЕУ можеа да учествуваат на изборите, во едни од најголемите демократски избори во светот.

Европските избори денеска се одржуваат во Германија, Франција, Австрија, Полска, Шведска, Финска, Данска, Бугарија, Романија, Италија, Словенија, Хрватска, Грција, Малта, Белгија, Луксембург, Шпанија, Португалија, Естонија, Литванија и Унгарија.

Гласачките места беа отворени во 7 часот утрово (6 по наше) на истокот на блокот, а ќе бидат затворени во 23 часот во Италија.

Десничарските популисти водат на анкетите за јавното мислење во две од големите четири земји-членки - Италија и наводно заминувачката Британија, а може да напреднат и во трета, Франција, мавајќи ѝ шлаканица на проевропската кампања предводена од центристичкиот претседател Емануел Макрон.

Сепак, излезните анкети во некои земји што веќе гласаа им дадоа некаква удобност на проевропските партии. Холандската Лабуристичка партија, која веќе беше отпишана, изгледа дека заврши на првото место.

Во Холандија проевропските партии добија 70 отсто, што е за три поени повеќе од последното гласање во Европскиот парламент во 2014 година, а антиимиграциската партија на Тиери Бодет заврши четврта со 11 отсто.

Холанѓаните, исто така, излегоа во поголем број, иако само 41 отсто, засилувајќи ги надежите во Брисел за промена на 40-годишниот тренд на опаѓање на одѕивот, што критичарите го нарекуваат „демократски дефицит“, кој ја поткопува легитимноста на законодавството на Европската Унија.

Излезните анкети по петочното гласање во длабоко проевропската Ирска посочи на очекуваниот „зелен бран“. Низ целиот блок, загриженоста за климатските промени и за животната средина може да ја зајакне провропската група на Зелени, што може да значи построги регулативи за индустријата и за условите што ЕУ може да ги постави за партнерите што бараат трговски договори.

Велика Британија, исто така, гласаше во четвртокот, а предизборните анкети ја вивнаа на врвот новата партија фокусирана на излегувањето од ЕУ, но нема податоци од излезените анкети. Вниманието се фокусираше на оставката на премиерката Тереза Меј. Резултатите ќе бидат објавени доцна вечерва, кога сите земји ќе завршат со гласањето.

Предизвиците со кои се соочува европскиот проект вклучуваат досега невиден трансатлантски презир од страна на американскиот претседател, кој ги слави европските популисти, разлики меѓу членките во ставовите за границите поради мигрантите, како и економија оптоварена од јавен долг и загрозена од подемот на Кина.

Но партиите што бараат колективна акција за заедничките проблеми, како што се трговијата, безбедноста, миграцијата или климатските промени, сè уште би требало да доминираат, иако со помало севкупно мнозинство.

Европејците се подготвуваат за одбележувања на настаните што ја обликуваа Унијата. Тоа е 75 години откако Американците слетаа во Франција за да се порази нацистичка Германија и откако руските сили им дозволија на Германците да го уништат полскиот обид за слобода, и 30 години откако Германците го разбија Берлинскиот ѕид за повторно обединување на источна и западна Европа. Но спомените за војните, и жестоки и студени, не беа доволни за да се изгради верба во обединета иднина, вели Ројтерс.

Главните партии, кои туркаат кон поблиска интеграција на економската валутна зона, се мачат да ја придобијат јавноста, на која ѝ е преку глава од политички елити.

Лигата на Матео Салвини во Италија може да ги порази христијанските демократи на германската канцеларка Ангела Меркел, моќниот брокер на блокот, и да стане најголемата партија во парламентот со 751 место.

Десничарските владејачки партии во Полска и Унгарија, кои му пркосат на Брисел со ограничувањата на судската и медиумската независност, денеска исто така ќе ги вратат евроскептичките пратеници.

Резултатите треба да бидат познати до крајот на денов.

Резултатот потоа ќе премине во повеќенеделно договарање помеѓу партиите за да се формира стабилно мнозинство во Парламентот, како и меѓу националните водачи да изберат наследници на претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и други високи официјални претставници на ЕУ.

Многумина очекуваат судири уште во вторник, кога лидерите што се состануваат во Брисел најверојатно ќе ги одбијат барањата на Парламентот дека еден од новоизбраните пратеници треба да ја води извршната власт на ЕУ, заклучува Ројтерс.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе