„Одѕивот ја обнови релевантноста на Унијата“

Пораст на националистите, но проевропскиот блок го задржа мнозинството во ЕУ

Губењето на мнозинството што четири децении во Европскиот парламент го држеа традиционалниот десен и лев центар ќе го закомплицира веќе сложениот процес на донесување одлуки во Европската Унија, но не се очекуваат драматични промени во европската политика, бидејќи, и покрај зајакнувањето на популистичката десница, убедливото мнозинство го задржаа проевропските партии, пишуваат светските медиуми.

Според првичните резултати, Европската народна партија (ЕПП) освои 179 места (во 2014 година таа ја доби 216), Прогресивната алијанса на социјалисти и демократи (С&Д) 150 места (185), Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ) 107 (69) и Зелените 70 (52) во проевропскиот блок. Од другата страна, пак, се Европските конзервативци и реформисти со 58 (77), Европа на нации и слобода (ЕНФ) 58 (36), Европа на слобода и директна демократија (ЕФДД) 56 (42) и Обединета европска левица и Нордиска зелена левица (ГУЕ / НГЛ) 38 (52), додека има уште 35 неопределени пратеници.

 

Нова политичка реалност

Европејците денеска се разбудија во нова политичка реалност откако изборите во Европскиот парламент ја прекинаа доминацијата на главните централнодесничарски и централнолеви партии на ЕУ и открија променет политички пејзаж каде што екстремно десничарските, пробизнис групите и еколозите ќе бидат големи сили, вели Асошиејтед прес. „Се менуваат правилата во Европа“, рече Салвини, тврдокорниот министер за внатрешни работи на Италија, во понеделникот во седиштето на партијата Лигата во Милано. „Се роди нова Европа“.

Лавовски дел од британските места ѝ припадна на Партијата за брегзит на Најџел Фараџ, бидејќи граѓаните ги казнија владејачките конзервативци и опозициската Лабуристичка партија поради нивниот срамен неуспех во управувањето на одложеното заминување од ЕУ на поделената земја.

 

Раздрман естаблишмент 

Европските гласачи го раздрмаа политичкиот естаблишмент на изборите за Европскиот парламент и најавија период на неизвесност додека Европската Унија се обидува да се наметне во односите со САД и Кина, вели Вол стрит џурнал.

Партиите што ја поддржуваат ЕУ, според првите официјални проекции, го задржаа мнозинството во Европскиот парламент, а евроскептиците освоија помалку отколку што се очекуваше, вели американскиот весник, истакнувајќи дека десниот и левиот центар, кои со децении доминираа во европската политика, сега ќе мора да се потпрат на либералите во центарот.

Исходот од изборите и неизвесноста во врска со излегувањето на Велика Британија од ЕУ ќе додадат нови потешкотии во веќе сложениот процес на донесување одлуки во Европа, а се зголемува и ризикот од развлекување на дебатите.

Мејнстрим групите, исто така, ќе имаат проблеми со евроскептиците во своите редови - ЕПП од десниот центар ќе мора да одлучи дали уште повеќе да се намали исфрлајќи го Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, додека левиот центар на С&Д го има истиот проблем со романските владејачки социјалдемократи, кои водеа силна кампања против ЕУ, а центристичките либерали ќе треба да разгледаат дали да го продолжат сојузот со евроскептичната партија на чешкиот премиер Андреј Бабиш.

 

Голем одѕив

Одѕивот на гласачите во Европската Унија надмина 50 проценти првпат во последниве две децении, што, како што оценува Политико, укажува на обновена релевантност на Унијата, во време кога Велика Британија, засега безуспешно, се обидува да излезе од Унијата, но и со сè поголемите надворешни предизвици од Русија, Кина и САД.

Сепак, според Политико, хаотичните резултати тешко дека ќе донесат јасна ситуација во претстојните преговори за највисоките места во ЕУ, меѓу кои се шеф на Европската комисија, претседател на Европскиот совет, претседател на Европарламентот, како и висок претставник за надворешна политика.

Севкупно, про-ЕУ партиите имаат значително мнозинство, но без јасна рамнотежа на моќта, оценува Политико и додава дека иако Европската народна партија има најмногу пратенички места, другите проевропски групи (социјалистите, либералите и зелените) заедно контролираат 317 места и ќе бараат да се укине монополот на конзервативците во водечките институции на ЕУ.

 

Зелен бран

Еден од главните настани на европските избори е „зелениот бран“ низ цела Европа, со значителни придобивки за Зелените, вели Јуроњуз.

Во неделите пред изборите низ цела Европа, вели Јуроњуз, беа организирани климатски протести, со масовно учество на ученици, кои пропуштаа настава за да го кренат својот глас.

Зелените со двоцифрени резултати во најголемите европски земји, вклучувајќи и неверојатни 20 отсто во Германија, постигнаа рекордни добивки со младите гласачи како водечки повик за акција за да се запре глобалното затоплување, истакнува агенцијата Франс прес.

Еколошката партија е на пат двојно да го зголеми резултатот во Германија од 2014 година, соборувајќи ги социјалдемократите од второто место, додека во Франција Зелените се на трето место со 12 проценти, а и во Австрија, Ирска и Холандија исто така постигнаа двоцифрени резултати.

Со загубите за десниот и левиот центар Зелените би можеле да имаат одлучувачки глас во Европскиот парламент.

 

Неуспешен налет на популистите

Популистичкиот напад на ЕУ не успеа и покрај нивните добивки во Франција и Италија, вели Блумберг и додава дека, според првите официјални резултати, евроскептичните партии не поминале толку добро како што пред изборите стравуваа главните партии.

Два главни исклучоци од поширокиот тренд во ЕУ се Франција и Италија, вели Блумберг. Додека во Франција, Националната алијанса на Марин ле Пен забележа тенка победа, во Италија националистичката Лига на Матео Салвини е убедливо прва со над 30 отсто, значително повеќе од 17-те отсто од минатогодишните избори во земјата. Од друга страна, додава Блумберг, опозициската партија на левиот центар Демократска партија е на второто место, престигнувајќи го популистичкото движење Пет ѕвездички, коалицискиот партнер на Лигата.

Низата антиестаблишментски, евроскептични и популистички партии, според прелиминарните официјални резултати, ќе имаат 29 отсто места во Европарламентот, нешто помалку отколку во претходниот состав, укажува Блумберг и нагласува дека различните ставови меѓу нив за клучните европски прашања досега да ја попречувале нивната соработка.

Резултатите од изборите, вели Блумберг, укажуваат дека ЕУ најверојатно ќе продолжи со досегашната политика - дистанцирање од протекционистичката трговска стратегија на претседателот на САД, Доналд Трамп, постепена интеграција на еврозоната, барање начини за споделување на товарот со имигрантите и цврст став кон обидот на Британија повторно да ги отвори преговорите за брегзит.

 

Неуспех на Макрон, но не и катастрофа

Францускиот претседател Емануел Макрон доживеа неуспех, но не и катастрофа на изборите, вели Фајненшл тајмс, истакнувајќи дека тенката победа на Националната алијанса на екстремната десничарка Марин ле Пен веројатно нема да ја забави неговата реформска програма дома, ниту ќе ги попречи неговите европски амбиции.

Поразот сепак е незгоден за Макрон, но, додава британскиот весник, политичките аналитичари укажуваат дека разликата помеѓу Националната алијанса и Макроновата Република во движење е мала и дека всушност партијата на Ле Пен освои нешто помалку гласови отколку на претходните европски избори во 2014 година, кога во однос на друга партија, тогашниот десен центар УМП, имаше четири проценти предност.

Аналитичарите, исто така, проценуваат дека француските Зелени, кои се проевропски ориентирани и можат да соработуваат со либералите и левичарите во Европскиот парламент - поминале многу подобро отколку што се очекуваше. Изборите, сепак, потврдија дека Макроновата партија и Националната алијанса се двете главни политички партии во Франција, додека традиционалните десни и леви партии, кои владееја повеќе од 50 години, сега освоија помалку од 10 проценти.

 

ЕУ можеби го доби она што ѝ требаше

Поделениот Европски парламент е токму она што ѝ беше потребно на ЕУ, оценува Гардијан, додавајќи дека комплицираното мнозинство може на европското собрание да му донесе соодветна политичка улога, наместо досегашната техничка, со поголема меѓупартиска соработка, но и со потенцијално поголем интерес од јавноста, што вкупно може да стимулира здрав развој на ЕУ.

Неодамнешните избори во земјите-членки на ЕУ открија сè порасцепкан политички пејзаж - големите партии стануваат помали, помалите стануваат поголеми, а сега оваа фрагментација го погоди и Европскиот парламент, посочува Гардијан и вели дека комплицираното, но сè уште прилично удобно проевропско мнозинство е помалку возбудлив наратив од популистичкиот бран што налетува на темелите на ЕУ, но се чини дека тоа е исходот од овие избори.

Работата во Парламентот, кој последниве години доби дополнителни овластувања и сега има главна улога во законодавниот процес во ЕУ, несомнено ќе биде и покомплицирана, но не само поради напредокот на популистите, подвлекува Гардијан.

Од првите европски избори во 1979 година Парламентот го контролираа левиот и десниот центар, како одраз на фактот дека огромно мнозинство граѓани на ЕУ живееја во земји во кои владееја тие партии, пишува Гардијан и оценува дека со континуираното слабеење на центристичките партии (во повеќе членки владеат партии што не се ни во ЕПП ни во С&Д) логично е тоа што двете главни групи ги загубија своите места и што првпат заедно немаат мнозинство.

И самиот табор за „помалку ЕУ“, во кој се националистите, суверенистите и евроскептиците, вели Гардијан, ја одразува фрагментацијата со длабоки разлики - полската националистичка партија Право и правда и екстремнодесничарските Шведски демократи го отфрлија сојузот на Салвини поради неговиот позитивен став во врска со рускиот претседател Владимир Путин. Економски, некои од нив се за ултралиберален слободен пазар, додека Ле Пен е против „неконтролирана глобализација“ и за поголема јавна потрошувачка. Салвини сака задолжителен систем на дистрибуција на имигранти, додека либералните демократии на истокот на ЕУ го отфрлаат таквиот систем.

(Текстот е одговор на колумната „Сите нации се модерни конструкти" од д-р Љубица Спасковска објавена на МКД.мк, 1 август)

повеќе

На мојот пријател, овчарот Митко му реков: „Дојде време ти, јас, сите граѓани на Македонија да си го вратиме суверенитетот на оваа наша држава".

повеќе

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе