Прекината е националистичката струја

Популистите во Европа стигнаа најдалеку што можат

Помалку од една недела откако екстремно десничарската Алтернатива за Германија постигна рекорден резултат на регионалните избори, можеби делува неразумно дури и да се помисли дека анти-ЕУ популизмот во Европа го постигна својот максимум што сега почнува да паѓа, наведува Пол Тејлор, уредник и колумнист на Политико.

Меѓутоа, тој смета дека низата случувања во Италија, Британија, Франција, Шпанија, Словачка и Чешка укажуваат дека нештата се менуваат на штета на антиестаблишмент националистичките движења кои ја разнишаа политичката сцена низ континентот.

Тоа, како што истакнува колумнистот на Политико, не значи дека исчезнаа и социјалните и економски нарушувања кои работничката класа, руралните и посиромашни гласачи ги свртеа против традиционалните политички партии, парламентарниот систем и Европската Унија. Меѓутоа, изгледа дека популистите не се во состојба да обезбедат мнозинство за нивниот радикален антиевропски правец.

Тејлор наведува дека најочигледен пример е Италија каде поранешниот министер за внатрешни работи Матео Салвини, чија десничарска Лига ја делеше власта со антиестаблишмент Движењето на пет ѕвезди во првата западна популистичка влада, сметаше дека неговата земја е подготвена за целосно свртување надесно и кон средината на август излезе од коалицијата, барајќи вонредни избори.

И додека „Ил капитано“ ги посетуваше плажите, разголен правеше селфија со поддржувачите и го разгоруваше огнот во Рим, неговиот обид да ја консолидира власта крахираше.

Неговите довчерашни партнери го кренаа носот и се согласија да формираат влада со Демократската партија од левиот центар. Италија барем засега се тргна од работ и спремна е да се сврти кон поумерена проверопска економска и миграциска политика.

Меѓутоа, Салвини не треба да се потценува, а овој автократски настроен мајстор на социјалните мрежи би можел брзо да се врати доколку економијата продолжи да паѓа, а новата коалиција пропадне.

Вториот пример на сопнување на популистите е Британија, каде обидот на Борис Џонсон да ги задоволи популистите со излегување од ЕУ на 31 октомври, дури и ако тоа значи излегување без договор со Брисел, претрпе спектакуларен пораз во парламентот.

Новиот премиер кој вети дека ќе ја преземе контролата од Европа како лидер на таборот за излегување од европскиот блок на референдумот во 2016 година, ја изгуби контролата врз брегзитот на првото гласање во Долниот дом на британскиот парламент.

Имајќи ја предвид хаотичната состојба на британската политика, заморот на јавноста од бескрајните борби околу брегзитот и непривлечната алтернатива која ја нуди лидерот на лабуристите Џереми Корбин, Џонсон сепак би можел да успее да ја преобликува Конзервативната партија во права брегзит партија и да победи на парламентарните избори следниот месец, предупредува Тејлор но истакнува дека сега тоа е помалку веројатно по дебаклот во парламентот.

Третиот пример е Франција, каде изгледаше дека претседателот Емануел Макрон е во сериозни проблеми откако припадниците на движењето Жолти елеци организираа насилни протести секоја сабота, а десничарите на Марин ле Пен бележеа пораст на поддршката.

Сега, меѓутоа, изгледа дека Макрон ја врати контролата, а Жолтите елеци се смирија, барем засега, додека Ле Пен не успеа да оствари убедлива победа на изборите за Европскиот парламент.

Со стапката на невработеност која опаѓа и економијата која сѐ уште се држи, популизмот во Франција изгледа дојде до својот максимум.

И австриската коалиција на конзервативците и десничарската Партија на слободата пропадна во мај кога беше објавена снимката во која лидерот на антиемигрантското движење ѝ бара договори на наводна руска бизнисменка во замена за незаконско финансирање. Исфрлена од владата, Партијата на слободата и понатаму има поддршка од околу 20 отсто од гласачите, но изгледа малку веројатно дека може да се врати на власт по вонредните избори.

И во Шпанија популистите на екстремната левица и десница изгледа дека заостануваат, додека на социјалистичката малцинска влада на Педро Санчез ѝ расте поддршката.

Во Германија АфД забележа пораст на поддршката во Бранденбург и Саксонија, но мејнстрим партиите изгледаат прилично решени да не им дозволат да дојдат на власт на локално и национално ниво.

Нормално дека не треба да се занемари дека владејачките десничарски националистички партии остварија спектакуларни победи на изборите за ЕУ во Полска и Унгарија и дека продолжуваат да им пркосат на европските барања околу владеењето на правото.

Меѓутоа полскиот де факто лидер Јарослав Качињски може да го изгуби парламентарното мнозинство на изборите во октомври и покрај неговата популарна комбинација на социјализам и католички националистички конзервативизам.

Тејлор смета дека стравовите дека неолибералниот популистички бран ќе ја зафати цела централна Европа биле претерани, бидејќи либералните демократи победија на претседателските избори во Словачка, а чешкиот премиер-милијадер Андреј Бабиш е соочен со масовни протести поради наводниот конфликт на интереси.

Сепак, и покрај сето ова, мејнстрим политичарите не смеат да се опуштат.

Околностите кои доведоа до подемот на националистичката политика и понатаму се присутни, пишува Политико.

Ерозијата на темелите на европската демократија на 20 век – политичките партии, синдикатите, верските заедници и индустриските работни места за цел работен век – ги остави општествата ранливи, пишува Тејлор и предупредува дека социјалните мрежи нудат инстант излез за сите видови протести, засилени од лажните вести и другите манипулации.

Тука е и фактот дека популистите не мора да бидат на власт за да постават агенда – особено кога се во прашање жешки теми како емиграцијата, каде успешно ја пренасочија дискусијата од онаа како најдобро да се дочекаат бегалците и да се интегрираат економските емигранти на тоа како да се зајакне „тврдината Европа“ и да им се отежни влегувањето на континентот – независно од тоа колку се валидни нивните барања за добивање азил.

Популистичката струја можеби е прекината, но остана уште многу да се направи, заклучува Тејлор.

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе