Ќе излезат ли Бугарите трет пат на гласање

Популисти против популисти во Бугарија

По изборите во мај стана јасно дека партијата Има таков народ на пејачот и телевизиски водител Слави Трифонов со 65 освоени од вкупно 240 пратенички мандати во бугарскиот парламент е најголемата група и дека таа е овластена да ја предводи идната влада, пишува Дојче веле.

EPA-EFE

Втора по големина со 63 мандати е партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на досегашниот премиер Бојко Борисов чија влада беше вмешана во многу скандали и случаи на корупција, така што за партиите создадени во протестите не доаѓа предвид да влезат во коалиција со неа.

Тоа значи дека партијата на Трифонов во секој случај треба да влезе во коалиција со други партии кои исто така настанале и зајакнале во граѓанските протести: со партиите Стани! Доаѓаме! и Демократска Бугарија која и самата е коалиција на три помали партии.

Но сите преговори се претвораа постојано во нови претстави и изненадувања на телевизискиот водител па така овој вторник партијата Има таков народ во парламентот предложи да се гласа – за оставка на нејзиниот сопствен кандидат за премиер Пламен Николов, и тоа од „лични причини“. Па дури и тоа гласање се претвори во невидено натегање на двете најголеми партии.

Тешки обвинувања

„Такво нешто никогаш немало – најголемата парламентарна партија да одбива да формира влада иако претседателот на државата веќе го информираа за нивниот кандидат за премиер“, вели Христо Христев, експерт по европско право од Универзитетот во Софија за германската агенција. „Таков случај воопшто не е предвиден со уставот“.

Во Бугарија се нагаѓа дека лидерот на партијата Има таков народ е навистина тешко болен, но е исто така јасно дека популистички партии се натпреваруваат во меѓусебното обвинување за тоа што не е формирана влада. Трифонов нив, на карактеристичен начин, ги нарекува „предавници“, а генералната секретарка на неговата партија Викторија Василева ги обвинува партиите Станете! Доаѓаме! и Демократска Бугарија дека „никогаш не ги интересирал сериозен дијалог“ туку само кој ќе ја добие која министерска функција.

Минатите недели јасно покажаа дека Трифонов и формирањето на владата го сфатил како забавна телевизиска емисија: почна веќе со неговото барање воопшто да не се пишува коалициски договор туку дека останатите партии во парламентот да гласаат за новата влада. Сите расправи во изминатите недели повеќе се водеа околу тоа кој би требало да влезе во идната влада, а не што таа би требало да работи.

Бугарија – во вселената?

Партијата Има таков народ веќе повеќе пати и своите можни партнери и јавноста ги стави пред свршен чин и во овие четири недели претстави дури три комплетни состави на владата. Уште поголемо внимание Трифонов привлече со бизарните најави, на пример како неговата влада уште во следните четири години ќе испрати бугарски астронаути во вселената.

Не чуди затоа тоа што помалите популистички партии почнаа да го губат трпението. Татјана Дончева, пратеничка на партијата Станете! Доаѓаме!, кажа: „Мојот впечаток е дека Слави Трифонов на своите луѓе им дава наредби кои никогаш не се поправаат. Дискусии и одлучување – тоа кај нив едноставно го нема. Тие луѓе, без оглед дали тоа го прават бидејќи само се прават важни или по нечија наредба, противречат на сè што е содржина на политиката“.

Слично мисли и Христо Иванов, еден од лидерите на Демократска Бугарија. „Секогаш зборувавме дека ќе поддржиме само влада која ќе претставува вистинска промена. Овие влади (кои ги предложи Трифонов) беа најслабите по составот кои некогаш се појавиле во Бугарија“. Политичарот оди понатаму со обвинувањата: „Не можам да се ослободам од впечатокот дека сето ова е резултат кој некој сакал да биде постигнат. Зад целиот овој хаос и неискуство стои јасна стратегија – да се формира малцинска влада“.

Стратегија на ГЕРБ?

Јасно е на кого тој мисли: претседателот на Бугарија Румен Радев сега може да ја довери задачата за формирање влада на втората партија по големина, ГЕРБ на Борисов. Самиот Борисов неделава објави дека дефинитивно сака да се повлече од должноста премиер. Но во Бугарија сепак и понатаму би опстанал „системот Борисов“ – системот на корупција, нестручност и незнаење.

Но, слаби се шансите останатите пратеници на парламентот да прифатат малцинска влада на ГЕРБ. Иванов и неговата Демократска Бугарија затоа сакаат да бидат конструктивни и од останатите партии да се формира малцинска влада. „Ние не сакаме да ги запалиме сите мостови зад себе, туку да разговараме за влада која ќе гарантира сигурност барем во следните шест до осум месеци“

Бидејќи, Бугарија влегува во навистина сериозна политичка криза: ако парламентот не успее да формира некаква влада, тогаш нема друго освен да се распишат нови парламентарни избори – и тоа веќе трети годинава. Но набрзо и на бугарскиот претседател му истекува мандатот, така што ќе мора да се бира и нов претседател. Тоа значи дека Бугарија во еден момент би можела да остане и без влада и без претседател.

Секогаш може полошо...

Иванов затоа предлага „работна влада“: „Во неа можеме да ги повикаме успешните министри од актуелната преодна влада и така да создадеме влада која би ја водела држава низ новиот бран на короната и економските тешкотии, влада која ќе постигне договор околу државниот буџет, ќе одреди ново ниво на пензиите и ќе спроведе реформа на правосудството“.

Но, и таквата опозициска „преодна“ влада би морала да добие барем премолчена поддршка од 65 пратеници на партијата Има таков народ. Тешко е да се каже дали ќе ја добие. А граѓаните на Бугарија мораа да сфатат нешто во што е тешко да се поверува: дека може да постои полоша влада дури и од таа на Борисов.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе

Ентузијазмот во првите месеци од годинава во врска со масовната вакцинација беше таков што Србија во март беше прва меѓу европските држави според бројот на граѓани што примија втора доза на милион жители. 

 

повеќе