Варшава сѐ поблиску до Вашингтон, а сѐ подалеку од Брисел

Полскиот бедем против Русија – војници и гас од САД

Варшава со недели пукаше од гордост за тоа што на манифестацијата по повод 80-годишнината од Хитлеровиот напад на Полска требаше да присуствува и американскиот претседател Доналд Трамп. Меѓутоа, трамп го откажа патувањето поради ураганот Доријан, но го испрати заменикот Мајкл Пенс, пишува Дојче веле.

Откажувањето на посетата е голем удар за владејачката Партија на правото и правдата.

„Трамповото присуство би било важно за нас од аспект на претставување на полската историја“, кажа Војчек Коларски, државниот секретар во кабинетот на полскиот претседател Анджеј Дуда.

Тој вели дека на Трамповата посета на Полска ѝ било дадено големо меѓународно внимание, и на тој начин целиот свет би се запознал со тешката историја на Полска, првата жртва на Втората светска војна.

Европските партнери покажаа неспособност

Но, листата на гости и без Трамп требаше да отслика кои се полските сојузници – тие се исклучиво на Западот. Тоа се гледа по тоа што покана не доби рускиот претседател Владимир Путин, а не помина подобро ни српскиот претседател Александар Вучиќ.

Сепак и меѓу западните партнери постојат сериози разлики. Додека полско-германските врски се разнишани поради полските барања за воена отштета, постојат многу сличности меѓу Варшава и Вашингтон кога станува збор за односот кон бегалците или критиката на руско-германскиот гасовод Северен тек 2.

Полските националисти знаат дека Трамп нема да ги „замара“ со владеењето на правото, како што тоа го прави Брисел. Исто така, она што е најважно за Варшава – безбедноста – се гарантира од Соединетите Држави.

„Сосема е природно да бараме партнери кои можат реално да применат воена сила, значи кои можат да ги исполнат обврските од Членот 5 од договорот на НАТО“, вели Беата Горка Винтер од аналитичката група ПИСМ финансирана од полската држава. Членот 5 вели дека ако е нападната една членка на НАТО, сите други мора да дојдат на помош.

САД, смета Горка Винтер, е единствената земја на која може да се потпре во случај на опасност. Таа смета дека „неспособноста“ на европските партнери е докажана со трапавите договори за формирање европска армија.

Цената на безбедноста

Полска најголемата опасност ја гледа во Русија. Откако изби конфликтот во Украина, Полска инвестира милијарди евра во модернизацијата на армијата. Со тоа оваа полска љубов кон Америка добива многу конкретна финансиска димензија.

Варшава минатата година со купувањето на ракетниот систем земја-воздух „патриот“ за 4,75 милијарди долари ја склучи најголемата воена зделка во историјата на земјата. Во февруари потоа беа нарачани дваесет мобилни системи за лансирање ракети „химарс“ за 365 милиони долари. Исто така почна и набавката на борбените авиони Ф-35. Американската воена индустрија ги три рацете.

Трамп ја фали Полска бидејќи е една од ретките членки на НАТО која издвојува два отсто од БДП за одбраната, како што предвидуваат договорите на Алијанската. До 2030 година полските трошоци за војската би требало да пораснат на 2,5 отсто.

Изгледа како со тие пари Полска да се обидува да привлече што повеќе американски трупи во својата земја. Во овој момент во Полска, во рамки на ротацискиот модел на НАТО, се стационирани над 4.500 американски војници. По руската анексија на Крим, покрај американските трупи во Полска, во трите балтички земји исто така беа стационирани батаљони на НАТО.

Проектот кој полскиот претседател Анджеј Дуда го нарекува „Форт Трамп“ е вреден речиси две милијарди долари. На владата во Варшава би ѝ било најдраго американските трупи да останат трајно стационирани во Полска.

Трамп во игра уфрли дополнителни 1.000 војници кои би требало да бидат префрлени во Полска. Тие би требало да дојдат од Германија, каде во моментов се стационирани 35.000 американски војници.

Американската амбасадорка во Варшава Џорџет Мосбахер на Твитер напиша: „Полска ги исполни обврските за одбрана да издвојува два отсто од бруто домашниот производ. Германија не го прави тоа. Затоа ќе го поздравиме преминувањето на американските трупи од Германија во Полска“.

Спорен проект

Критичарите тоа го гледаат како повреда на основниот договор меѓу НАТО и Русија од 1997, со кој се забранува трајно стационирање трупи во близина на руската граница. Но, аналитичарката Горка Винтер смета дека ваквиот вид јазакнување на источниот блок е неопходен, дури и ако на Русија тоа не ѝ се допаѓа.

„Нема ништо полошо од пасивност во односот со Русија. Бидејќи, веќе сега Русија ги повредува воздушниот простор и територијалните води на други земји. Ќе седиме ли и понатаму со скрстени раце и ќе гледаме како тоа добива поголем обем?“, прашува таа.

Поинаку мисли политикологот Пјотр Бурас, шеф на варшавскиот оддел на Европскиот совет за надворешни односи. Тој верува дека Белата куќа им дава особено внимание на земјите кои се во клинч со Брисел следејќи ја стратегијата за поделба на ЕУ.

„Во нормални услови Полска би можела да помогне во обликувањето на Европа. Но, проблемот е што ние гледаме на другата страна“, вели Бурас.

Како пример ја наведува конференцијата за Иран која по наредба на Вашингтон беше организирана во февруари во Варшава и која ја бојкотираа голем број европски политичари.

Полска и во 2003 предизвика поделба меѓу европските членки на НАТО кога ја поддржа американската операција во Ирак.

На одбележувањето на осумте децении од избивањето на Втората светска војна на манифестацијата не ѝ недостига политички карактер – и покрај тоа што Трамп остана дома.

Со потпретседателот Пенс најверојатно ќе се разговара за дополнителните американски трупи во Полска. А тема ќе бидат и понатамошните испораки на американски течен гас со кој САД сакаат да ѝ парираат на руската понуда.

Војска и гас од Америка – тоа Полјаците го гледаат како бедем против Русија.

Античкиот грчки филозоф Хераклитус, кој живеел пред Сократ, Платон и Аристотел, е авторот на често користената поговорка „панта реи“ (Panta rei), односно, во превод, поедноставено: ,„сѐ тече, сѐ се менува, ништо не останува исто, нема апсолутна вистина и единствена реалност е повеќегодишно движење“.

повеќе

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе